3 април 2020, Скопје – Најбргу ќе стигнат средствата од Меѓународниот монетарен фонд од странските ликвидносни инјекции, кои се очекува најверојатно да стигнат во текот на месецов, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во интервју за „Утрински брифинг“ и дополни дека ќе се користат средства и од Светска банка, од Европската Унија, како и од обврзницата за премостување. Таа посочи дека овие средства ќе се користат повеќе месеци, согласно потребите за вбризгување средства во стопанството, а дека согласно потребите ќе се носат и нови мерки.
– Зборуваме со Светска банка, знаете и дека вицепремиерот за европски прашања соопшти дека и од Европската Унија добиваме одредена помош, онаа награда од 50 милиони евра, потоа заем до еврообврзница. Средствата што ги очекуваме најбрзо се од Меѓународниот монетарен фонд и потоа од сите други, до почетокот на мај или на крајот на април. Овие средства не се само за еден месец, овие средства се доволни за да функционираме следните месеци зависно од тоа колку пари ќе бидат потребни за вбризгување ликвидност во економијата. Ова се првите мерки што се презентирани, понатаму ќе ја следиме состојбата, ќе видиме како ќе биде искористувањето и како ќе се одвиваат настаните, за да повлекуваме и други чекори што ќе бидат потребни – вели Ангеловска.
На некоја од следните владини седници треба да помине писмото за намери кон ММФ, кое е потпишано и од дополнителната заменик-министерка, посочи Ангеловска.
Таа рече дека годинава, по основ на надворешен долг, доспеваат за исплата 440 милиони евра, додека план на домашниот пазар на хартии од вредност е да се издадат хартии од вредност во износ од 450 милиони евра, од кои дел се презапишуваат за враќање стари обврски, а нето задолжувањето е планирано на нето од 200 милиони евра. Дел од тие стари долгови од 440 милиони евра се веќе вратени – поголемиот дел во јануари, додека другиот дел доспева во декември, на крајот на годината, што е на некој начин поволно бидејќи немаме дополнително потреба за враќање стари долгови во следните два квартала, нагласи Ангеловска.