24 септември 2019, Скопје – Со измените кај проектот за субвенционирање на станбен кредит „Купи куќа, купи стан“ воведени се нови поволности и нови модели, за да се излезе во пресрет на големиот интерес на граѓаните за овој проект. Заменик-министерката за финансии Ширет Елези во изјава за емисијата 24 Анализа Тренд истакнува дека покрај новите модели намалена е и каматната стапка за проектот, што наидува на голем интерес кај граѓаните.
-Во проектот „Купи куќа, купи стан“ воведовме нови поволности и нови модели, за да имаме поширок опфат на граѓаните кои имаат голем интерес за проектот. Тука се граѓаните под 35 години, но и над 35 години кои го немаат решено станбеното прашање. Друга поволност е намалување на каматната стапка. На пример, кај моделите каде државата ја субвенционира ратата каматите се намалени од 3,95% на 2,9% за првите 3 години. За четвртата и петата година каматите се намалени од 4,44% на 3,9%. На пример, за кредит од 50.000 евра, само по основ на камати граѓаните ќе заштедат 1.300 евра. И кај моделот каде се субвенционира учеството каматната стапка е намалена, имено наместо стапка од 4,5% + 6-месечен Еурибор, со измените каматата е 4% + 6-месечен Еурибор-рече Елези.
Таа дополни дека се воведува нова поволност во проектот – за секое новородено или посвоено дете во првите десет години од користење на проектот се доделува 30% дополнителна субвенција во текот на една година.
Како што истакна заменик-министерката, за да аплицираат за проектот, граѓаните мора да имаат заеднички приходи под 1.300 евра доколку се во брак, или под 900 евра доколку не се во брак. Исто така, за да аплицираат не смеат да имаат друг станбен кредит и треба да ги исполнуваат кредитните услови на банката. Елези посочи дека на веб-страната на Министерството за финансии може да се најде „Прирачник“ со сите модели на проектот.
Заменик-министерката истакна дека од почетокот на спроведување на проектот одобрени се 1.327 субвенции, односно 974 се за моделот „субвенција на ратата“, а 353 се за моделот „субвенција на учеството“. Според намената 1.041 барање е за купување на нов стан, а 286 се за изградба или купување на нова куќа, или доградба.