26 јули 2019, Скопје – Втората транша поволни кредити за мали и средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, ќе пристигне на почетокот на следната недела. Со овие средства ќе се поддржат проекти на 53 мали и средни фирми. Ова беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик-министерката за финансии Ширет Елези и в.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Северна Македонија Вељанд Рамадани.

Како што информираше Рамадани, со првите две транши ќе бидат повлечени вкупно 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување трета транша во износ од околу 9 милиони евра за поддршка на нови 20 мали и средни претпријатија.

На состанокот беше посочено дека поволните кредити за малите и средни претпријатија значат пристап до капитал и подобрена ликвидност, додека за стопанството значат нови инвестиции и отворање нови работни места.

– Малите и средни претпријатија се основата на економијата. Тие се креатори на најголемиот број работни места кај нас, учествуваат во креирањето на повеќе од половина од бруто домашниот производ и претставуваат 99% од вкупниот број претпријатија што работат во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал, до кредити, за малите и средни претпријатија е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити за мали и средни претпријатија земени од Развојната банка, но и преу низа други мерки, дава поддршка на овој сектор. На тој начин настојуваме да се развие инвестициската активност, претприемништвото, да се креираат нови работни места – рече заменик-министерката за финансии Елези.

Оперативниот директор на Развојната банка Рамадани посочи дека преку кредитната линија од ЕИБ, оваа банка продолжува да ја остварува својата стратегиска определба за поддршка на македонската економија и постигнување одржлив развој, преку поддршка на малите и средни претпријатија.

– Ние, како Развојна банка на Северна Македонија, цврсто веруваме во продолжување на успешната соработка со ЕИБ, сѐ со цел на нашите мали и средни претпријатија да им овозможиме поквалитетни финансиски извори, а со тоа да придонесеме кон зајакнување на целокупната економија, зголемување на вработеноста и поттикнување на иновациите и извозот. Покрај оваа кредитна линија, во понудата на банката се вклучени и широка палета финансиски производи, односно кредитни линии, факторинг, гаранции и осигурување на извозот приспособени кон потребите на крајните корисници – рече Рамадани.

Условите под кои може да се користат средствата од кредитната линија на ЕИБ се исклучително поволни, односно каматна стапка од 3,2% и рок на отплата до 12 години за инвестиции и приоритетни проекти, и до 3 години за обртни средства. Поддржани дејности  со петтата кредитна линија на ЕИБ за двете транши се производство, трговија, градежништво, транспорт, здравство и образование, хотели и ресторани  и останати дејности.

Инаку, вкупната вредност на петтата кредитна линија од ЕИБ изнесува 100 милиони евра и договорот за користење на истата беше потпишан лани во септември. Досега преку Развојната банка се реализирани четири кредитни линии поволни кредити од ЕИБ, во вкупна вредност од 350 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.