10 септември 2020, Скопје – Mинистерот за финансии, Фатмир Бесими заедно со тимот на Министерството и претставниците на Меѓународниот монетарен фонд, Бергјот Бјорнсон Баркбу, шеф на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд за Република Северна Македонија и Штефани Ебле, регионален резидентен претставник за земјите од Западен Балкан остварија прва официјална средба којашто се одржа онлајн. Кризата предизвикана од Ковид 19 и нејзиното влијание врз македонската економија, преземените пакет-мерки и новиот пакет-мерки што во моментов се изготвува во соработка со сите чинители во економијата, како и во консултации со Светска банка и ММФ, беа тема на разговор на средбата.

„Главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата, а притоа зачувување на макроекономската стабилност. Ќе се следи работата на инситуциите и реализацијата на планираните проекти за конкретната година и во согласност со тоа ќе се утврдува колку средства ќе им се доделуваат наредната година. Потоа фокусот ќе биде ставен во привлекување финансиски средства во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување можности за мобилизирање на слободните финансиски средства од домашниот финансиски пазар, а со тоа, во координација со Народната банка, задржување на финансиската и монетарната стабилност во економијата“, истакна Бесими.

Министерот потенцира дека доколку успешно се спроведат политиките поддржани и со евроатланските интеграции коишто делуваат како катализатор на растот, очекува во следните години просечниот раст да се дуплира, што би значело дека во најуспешните години може да се надмине психолошката граница за раст над 4%.  

Шефот на Мисијата на ММФ, му посака успех на министерот во неговата работа. Од ММФ истакнаа дека континуирано ја следат состојбата во македонската економија и дека ќе продолжат да не поддржуваат во рамките на своите можности како што претходно помогнаа со Инструментот за брзо финансирање од 176,5 милиони евра.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.