20 ноември 2022, Скопје – Следната недела во Собранието започнува дискусијата за Буџетот за 2023 година. Продолжува демократскиот процес на носење на најсеопфатниот план на политики и мерки на Владата во текот на една фискална година. Очекувам интересот за дискусија годинава да биде голем, со оглед на тековниот глобален контекст, но и новите карактеристики на Буџетот што произлегуваат од новиот Закон за буџети.
Добро е да има дискусија. Борбата на мислења е секогаш добредојдена и оттаму – витална во носењето важни одлуки. Транспарентноста е вториот клучен елемент. Оттаму, во домот на демократијата, тимот на Министерството за финансии и јас како министер, отчетно и транспарентно ќе го образложиме и браниме предлогот пред народните избраници. Ќе истакнам, покрај билансот на приходи и расходи, ќе зборуваме за еден многу поширок концепт на политики, бидејќи неопходно е прво да закрепне економијата, а потоа и да се постават соодветни политики за забрзување на растот и консолидација на јавните финансии на среден рок.
Изминатите три години нашата економија, како и другите економии во светот, минува низ крупни предизвици. Пандемијата, а потоа и енергетската криза и ценовните притисоци, засилени со неизвесноста што ја донесе војната во Украина, беа реална причина зошто не се реализираа посакуваните економски резултати. Но, тоа не значи дека по стабилизирањето на глобалните движења, поставените стратегии и планираните алатки и мерки нема да ги дадат целните резултати понатаму. Кога зборуваме за економски раст и развој, тоа не е процес кој може и треба да се постигне само за една година, туку станува збор за долгорочен процес на структурни промени кои ќе дадат одржливи резултати. Среднорочниот карактер на Буџетот и неговото поставување врз стратешки документи како што се Планoт за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст, како генерална рамка, е значаен чекор во напорите за постигнување на целите.
Меѓународните институции, како пресечна точка за иднината на глобалната економија, особено за помалку развиените и економиите во развој, ја гледаат кризата предизвикана од ковид-19. И покрај тоа што изгледа дека ефектите од пандемијата се надминати, економските предизвици со кои сега се соочува светската економија, односно високиот ценовен раст и стапките на инфлација, како и предизвиците во обезбедувањето енергија, се поврзани или претставуваат одложени ефекти на ковид-кризата. Во Извештајот за глобален раст 2022 на Светска банка се истакнува дека економиите во развој по ковид-кризата останаа со ограничен фискален простор и сега се уште поранливи на процесот на нормализација на монетарната политика во развиените економии. Во Извештајот се посочува потребата од рано откривање на скриените финансиски ризици, бидејќи билансите на секторот домаќинства, корпоративниот сектор, финансиските институции и владите се тесно поврзани. Исто така, се укажува на потребата од реструктурирање на долгот, како и обезбедување пристап до финансии. Групата Г-20 како приоритети во пост ковид периодот ги истакнуваат подготвеноста да се дејствува во делот на здравството, дигитална трансформација и вклучување на микро, малите и средните претпријатија во дигиталниот екосистем, како и одржлива енергетска транзиција кон почисти извори на енергија.
Ако се гледаат заедничките аспекти на економските теории за економски раст – класичната, неокласичната и модерната, кај сите нив развојот на технологијата и иновациите се посочени како двигатели за забрзување на економскиот раст. Исто така, тука се инвестициите, како во физички така и во човечки капитал. На пример, класичната теорија на Смит и Рикардо го темели економскиот раст врз акумyлација на капитал, реинвестирање, специјализација и иновација. Неокласичното гледиште е дека економскиот раст е резултат на три фактори – труд, капитал и технологија. Модерната теорија на економски раст гледа на иновациите и науката како движечка сила за поттикнување на економскиот раст. Имено, ендогените теории на економски раст укажуваат дека двигателите на растот се вградени во рамките на системот, односно зголемувањето на иновациите и човечкиот капитал генерираат нов потенцијал за раст и со тоа надминување на опаѓачките приноси на ограничените ресурси како фактори на производство.
Разгледувајќи ги сите овие фактори во современото пост ковид окружување и осврнувајќи се на специфичните карактеристики на нашата економија, во оваа колумна разработувам неколку поопшти но суштински размислувања за насоките за повисок економски раст кај нас. Во продолжение се петте клучни чекори за забрзување на економскиот раст.
1. Постепена но спроведлива фискална консолидација
За да зборуваме за забрзување на економскиот раст и користење на јавните финансии за стимулација на растот, пред сè треба да постои фискален простор. Пандемијата, а потоа и енергетската криза, влијаеја на покачување на нивото на јавниот долг кај најголемиот дел од земјите во развој (по пандемијата кај земјите од Југоисточна Европа јавниот долг беше покачен во просек за десетина процентни поени). Со ова, фискалниот простор за дејствување се стесни и препораките на меѓународните финансиски институции за овие економии беше фискалниот одговор во енергетската и ценовната криза да биде таргетиран, со цел да се одржи макроекономската стабилност. Заклучуваме дека фискалната консолидација е нешто што неизбежно мора да се случи за да можеме да зборуваме за економски политики што ќе го стимулираат економскиот раст.
Но, од друга страна, силното фискално затегнување, особено во време кога економскиот раст забавува, може да предизвика контракција на економијата и негативни последици. Оттаму, по надминувањето на првиот и најсилен удар од пандемијата, започнавме со постепено намалување на буџетскиот дефицит. Со новиот Предлог-буџет за 2023 година, буџетскиот дефицит се намалува за 0,7 процентни поени во однос на проекцијата за 2022 година. Наша цел е на среден рок тој постепено да се сведе под 3%, односно под Мастришкиот критериум.
Повеќепати имам пишувано за стратегијата како да дојдеме до стеснување на дефицитот, односно разликата помеѓу приходите и расходите, а без притоа да му наштетиме на економскиот раст. Сепак, вредно е повторно да спомнеме дека тоа може да се постигне преку комбинирани мерки. Овие мерки вклучуваат подобрување на наплатата на буџетските приходи преку зајакнување на административните капацитети и подобрување на услугите на УЈП и на Царината, потоа мерки за намалување на сивата економија и даночна реформа. Исто така, се оди и кон намалување и реструктурирање на буџетските расходи, намалување на тековните расходи и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции. Во таа насока, веќе е донесен Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст. Дополнително, мерките на расходната страна, покрај штедење, предвидуваат подобрување на квалитетот на расходите, односно зголемување на уделот на капиталните во вкупните расходи (како што е и во Предлог-буџетот за 2023 година), поголема поддршка на приватниот сектор и поддршка на иновациите и зајакнување на конкурентноста.
Третиот вид мерки за фискална консолидација се однесуваат на промена на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавни приватни партнерства, Развоен фонд за стратешки инвестиции и мобилизирање финансиски капитал од меѓународни финансиски институции, како и преку приватниот сектор. Добар пример за третиот вид мерки е овогодишното менаџирање со должничкото портфолио за финансирањето на дефицитот, во едно исклучително тешко окружување во кое цената на капиталот нагло порасна поради затегнувањето на монетарната политика од страна на големите централни банки. Имено, со комбинација на досега неприменуван инструмент – обврзници на германскиот пазар на капитал, користење средства преку Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ (изминатата недела Собранието го усвои Предлог-законот со кој ќе се овозможи да ни се стават на располагање 530 милиони евра во период од две години), како и средства од домашниот пазар на капитал, само по основ на камати заштедени се неколку десетици милиони евра.
Исто така, во насока на диверзификација на изворите на финансирање, ќе се работи на унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност, за што ќе се осврнам подетално понатаму во текстот.
Со новиот реформски Закон за буџети се поставуваат механизми за контролирање на јавниот долг и дефицитот. Законот овозможува воведување фискални правила за долгот и буџетскиот дефицит, а се поставува и законската основа за формирање Фискален совет – независно тело кое ќе го контролира спроведувањето на фискалните правила.
2. Добра стратегија и план за забрзување на економскиот раст
На претходната порака и насока се надоврзува и следната. За забрзување на растот потребни се финансии, потребни се инвестиции, свеж капитал, за кој треба да се бараат и други извори покрај јавниот сектор. А за да се реализира сето ова потребна е добра стратегија и план.
Стратегијата за закрепнување на економијата, забрзан и одржлив раст (SmartER Growth), на која се заснова Планот за заздравување и забрзан економски раст, се состои од четири столба: (i) економско заздравување, (ii) забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, (iii) зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и (iv) развој на човечките ресурси и еднакви можности. Во рамки на оваа стратегија најважни се мерките за одржливост на јавните финансии, инвестиции во човечкиот капитал, инвестиции во физичкиот капитал, односно во инфраструктурата, во дигитализацијата, рамномерен локален и регионален развој, одржлива и здрава животна средина.
Планот за заздравување и забрзан економски раст се базира на принципот на Јункеровиот план, односно покрај јавниот мобилизирање и на приватниот капитал и негово ставање во функција на економскиот развој. Преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање, целта е да се создаде мултипликативен ефект и да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор, покрај инвестициите од јавниот сектор. Развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија, јавни приватни партнерства, концесии и други инструменти се дел од овој план. Со средствата ќе се поддржат проекти во јавниот и приватниот сектор кои ќе значат подобрување на конкурентноста на економијата и подобрување на квалитетот на живот, животната средина, дигитализацијата, иновациите, човечкиот капитал и општествената инклузивност.
Во насока на диверзификација на изворите за финансирање е и развој на домашниот пазар на капитал, преку воведување нови видови финансиски инструменти кои ќе имаат различна примена. Планирано е воведување „развојни обврзници“ со кои ќе се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата. Граѓаните ќе можат да ги пласираат своите заштеди во овие најсигурни финансиски инструменти, да остварат принос, а со тоа ќе се придонесе и за намалување на готовинското штедење и за поддржување на економскиот раст. Планирано е и воведување на „зелени обврзници“, наменети за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштитата на животната средина, како и воведување „проектни обврзници“ кои ќе бидат алтернативен начин за финансирање проекти поврзани со инфраструктурата, наменети за институционалните инвеститори.
3. Инвестиции во човечкиоти физичкиот капитал
Инвестициите, јавни и приватни, се моторот на економскиот раст и развој. Инвестирањето, како во човечкиот така и во физичкиот капитал, е оној мултипликативен дел од равенката за бруто-домашниот производ. Оттаму, фокусот го ставаме на инвестициите, вклучително и со новиот Предлог-буџет.
Инвестициите во човечкиот капитал се издвоени како еден од петте клучни приоритети на Владата. Ќе посочам дека со техничка помош од Светска банка, работиме на Стратегија за развој на човечкиот капитал, со што земјава се издвојува како прва во регионот која ќе добие ваков стратешки документ.
Во однос на инвестициите во развој на инфраструктурата, нашата заложба е со секој буџет тие да бидат повисоки. Структурата на Буџетот се менува во интерес на развојната компонента. Инвестициите со секој следен буџет се зголемуваат. Иако во јавноста во повеќе наврати се истакнува реализацијата на инвестициите, мора да се истакне дека и со планирањето повисока сума се поттикнува повисока реализација. Исто така, имплементирани се механизми, како КАПЕФ, кои имаат за цел да ја поттикнат реализацијата како процент од планираната сума.
Следната година имаме планирано за околу 50% повеќе капитални расходи во однос на тековната година. Конципирајќи го овој Буџет се водевме од „златното правило“ во јавните финансии – задолжување, односно дефицит, само во функција на поддршка на нови инвестиции.
4. Дигитализација
Дополнително стимулирање на економскиот раст може да се постигне преку дигитализацијата. Дигитализацијата е препознаена како движечка сила на економскиот раст во современи услови, како во развиените така и во економиите во развој. Таа е катализатор на растот на продуктивноста на трудот и капиталот, како и начин да се добијат производи и услуги по пониска цена. Дигитализацијата во јавниот сектор ќе ги подобри услугите кон приватниот сектор и ќе ги поедностави процедурите, додека во приватниот сектор ќе ги поттикне иновативноста и конкурентноста.
Во оваа прилика ќе се осврнам на дигитализацијата во јавните финансии, конкретно на Интегрираниот информациски систем за управување со финансии – ИФМИС, кој се уредува со новиот Закон за буџети. Овој систем треба да ја подобри ефикасноста и транспарентноста на операциите за управување со јавните финансии преку транзиција од постоечките дефрагментирани и исклучени системи на централизирана заедничка платформа базирана на веб. ИФМИС се очекува да ја поддржи измената на правната и институционалната буџетска рамка и да одговори на постојните предизвици преку проширување на опфатот на следење на извршувањето на Буџетот и фискалното известување, опфаќајќи ги сите фази од циклусот на расходите (од набавка до плаќање), како и навремено добивање консолидирана слика за јавните расходи. ИФМИС ќе овозможи, меѓу другото, воспоставување повеќегодишна буџетска рамка, воведување функција за управување со јавните инвестиции поврзана со идниот систем за јавни приватни инвестиции, автоматизиран систем за надзор над обврските, вклучувајќи повеќегодишни обврски и централизирани податоци за преземените обврски, управување со основните средства и управување со долгот.
Понатаму, неговото интегрирање ќе овозможи сеопфатна и навремена достапност до податоците за јавните финансии, што ќе придонесе кон зголемена ефикасност во проeктирањето на ликвидноста и управувањето со финансиските текови во однос на Буџетот. Минатата недела во Собранието беше усвоен закон со кој ќе се оствари соработка со Светската банка за реализација на овој проект.
5. Одржливост
Од почетокот на последната криза, клучниот збор е „одржливост“. Одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии се актуелните теми кај носителите на економските политики. Одржливоста е сплет на паметни и прилагодливи политики што би дале резултат на подолг период. Оттаму, дискусијата и спроведувањето на овие политики се од исклучително значење за постигнување на посакуваниот забрзан и одржлив раст. Во рамки на инвестициската агенда секако го вклучуваме и овој аспект, додека кај финансиите покрај фискалната консолидација се и развојните буџетски политики и фискалната децентрализација.
Отпорност во криза и забрзан раст потоа
За забрзување на економскиот раст секако нема единствена формула, но чекорите што ги обработувам имаат важна улога во неговото постигнување. Доследноста на реализацијата на политиките е клучна во постигнувањето на целокупниот резултат. Важно е да се делува, чекор по чекор, а понатаму и да се забрза реализацијата. Тоа е патот до економски развој и подобар животен стандард за сите нас граѓаните.
Конзистентноста, посветеноста и истрајноста се клучни за успехот. Слично како што функционира и организмот кај спортистите. Тие мора постојано да тренираат за да го одржат организмот во одлична физичка кондиција за да можат да го издржат напорот и успешно да ја постигнат целта со што подобар резултат! Така е и во економијата, постојано работиме на реформи и политики кои ни овозможуваат да го одржиме растот во време на криза и да го забрзаме истиот на среден и долг рок.
Фатмир Бесими, министер за финансии