29 април 2023, Скопје – Овој месец, заедно со гувернерката на Народната банка учествувавме на Пролетните средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд. Станува збор за еден од двата најголеми годишни економски и финансиски настани, на кој креаторите на политики од целиот свет, меѓународните финансиски институции, инвеститорите и невладиниот сектор дискутираат, дебатираат, мултилатерално и билатерално, за предизвиците, проектите и насоката во која се движи и треба да се движи економијата. Многу теми, како градење отпорност на економиите, генерирање раст, ефективно управување во време на криза, инвестиции во човечки капитал, забрзување на зелената транзиција и дигитализацијата, беа дел од дискусијата на годинашните средби. Сепак, фокусот остана на справувањето и процената на ефектите од неколкуте кризи што се случија за кус период врз глобалната економија, како и на сѐ уште присутните ризици коишто можат да ја изместат од патот на закрепнувањето. Ја надминавме пандемијата, научивме многу, но пред светот се поставуваат нови предизвици.
Глобално забавување на економскиот раст и инерција на инфлацијата
Тоа впрочем го отсликуваат и последните проекции на меѓународните финансиски институции за светската економија и регионот. „Отежнато заздравување“ (Rocky Recovery) – вака ММФ го наслови априлскиот „Светски економски преглед“, во кој констатира дека процесот на опоравување од повеќето напоредни кризи никогаш не се очекувало да биде „пловидба по мирни води“. „Слаб раст, висока инфлација и криза предизвикана од трошоците за живот“ – поописна во своите оценки е Светската банка, и тоа уште во насловот на последниот регионален економски преглед за Европа и Централна Азија. Сите процени укажуваат на тоа дека иако навидум светската економија заздравува, заканите се сѐ уште присутни, вклучително и од новите превирања во финансискиот сектор.
Согласно последните, пролетни проекции на Меѓународниот монетарен фонд, растот на глобалната економија годинава ќе забави на 2,8% споредено со минатата година кога беше остварен раст од 3,4%. Следната 2024 година се очекува скромно забрзување на глобалната економија од 3%. Ова е впрочем најниската среднорочна проекција од 1990 година, како што нагласи и шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, непосредно пред Пролетните средби. Забавувањето на економскиот раст се должи на развиените економии, особено еврозоната и Обединетото Кралство. Инфлацијата се намалува, иако побавно од иницијалното очекување, па согласно со проекциите од 8,7% во 2022 година ќе се намали на 7% годинава и на 4,9% во 2024 година. Сепак, последните случувања со банките во САД и Европа нѐ потсетија колку е чувствителна ситуацијата. Исто така, инфлацијата се покажа многу „потврдоглава“ од очекувањата. Алтернативното сценарио на ММФ, со претпоставка за нови стресови во финансискиот сектор, предвидува раст на глобалната економија за 2,5% во 2023 година, што е најслаб економски резултат од 2001 година, исклучувајќи ја пандемиската 2020 година и Глобалната финансиска криза во 2009 година. Силното затегнување на финансиските услови е потенцијален ризик за кредитите и јавните финансии, особено за земјите во развој. Исто така, затегнувањето на финансиските услови ќе влијае врз намалувањето на глобалната активност, поради намалената доверба и помалата потрошувачка и инвестиции. Тука се присутни и ризиците од активната војна во Украина и растечката геоекономска фрагментација.
Слични се и априлските проекции на Светската банка, која исто така очекува забавување на економската активност во 2023 година, како резултат на затегнатите финансиски услови и скорешните случувања во банкарскиот сектор во САД, коишто донесоа дополнителни ризици, вклучително и за еврозоната. Можните прелевања и поголемата претпазливост се закана за пазарите и економиите во развој, како и за понатамошно забавување на економската активност. Услужната дејност изгледа дека е стабилизирана, што се гледа и од Индексот на менаџерите за набавка (Purchasing Managers’ Index – PMI) кој во февруари 2023 година, по шест месеци, се врати во позитива, главно како резултат на силната активност во услужниот сектор. Сепак, ПМИ покажува дека активноста во производствениот сектор заостанува зад услужниот сектор. Се очекува дека повторното отворање на кинеската економија ќе го поттикне глобалниот раст, но ефектот врз глобалната трговија ќе биде поскромен.
Забавување на економијата во регионот
Проекциите на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, доколку се исклучат Русија и Украина, како и Турција каде што се случи катастрофален земјотрес, се дека растот ќе забави на 1,8%. Забавувањето на растот се должи на очекувањата за помала приватна потрошувачка и инвестиции, како резултат на дополнителното затегнување на глобалните финансиски услови, помалата надворешна побарувачка, како и на поупорната инфлација. Намалената надворешна побарувачка ќе влијае врз извозот, бидејќи активноста во еврозоната продолжува да забавува, додека ефектите од повторното отворање на кинеската економија се скромни. Очекувањата за раст на приватните инвестиции и странските директни инвестиции во земјите во развој не се преоптимистички. Од друга страна, јавните инвестиции ќе бидат ограничени од потребата за фискална консолидација. Фискалната консолидација ќе биде приоритет за да се овозможи поврат на фискалниот простор за повеќе земји во регионот, по значајната фискална поддршка што беше дадена од владите со цел надминување на енергетската и ценовната криза. Досега, потрошувачката беше еден од двигателите на растот во регионот, но со оглед на тоа што инфлацијата останува висока, а тука е и потребата од фискална консолидација, тешко дека таа ќе остане силна на краток рок.
И за регионот на Западен Балкан се проектира забавување на економската активност како резултат на прелевањето на ефектите од руската инвазија на Украина, пониската приватна потрошувачка, затегнатите глобални финансиски услови и намалената побарувачка од страна на земјите од Европската Унија. Светската банка очекува растот да забави на 2,5% во 2023 година, по растот од 3% во 2022 година. Растот ќе забрза умерено и истиот се проектира на 3,4% во периодот 2024-25 година. Сепак, изгледите за овие проекции се надолни имајќи го предвид ефектот на инфлацијата врз реалните приходи и однесувањето на потрошувачите, како и забавувањето на економската активност во еврозоната, којашто е најголемиот трговски партнер на Западен Балкан. Ризик е и понатамошното затегнување на глобалните финансиски услови кои ќе го отежнат пристапот до финансии. Послабиот раст во еврозоната ќе ги намали и паричните дознаки од странство, што повторно ќе има влијание врз приватната потрошувачката во земјите каде што дознаките се традиционално високи. Со постпандемиското враќање на туристите во економиите кои традиционално зависат од туризмот, услужниот сектор зајакнува и во регионот на Западен Балкан.
Очекувања за домашната економија
Кога станува збор за нашата земја, по брзото и успешно закрепнување од пандемијата, енергетската криза и војната во Украина влијаеја на забавување на економскиот раст. Енергичниот одговор на Владата преку субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата и дел од малите и средни компании, како и растот на минималната плата, амортизираа дел од овие глобални негативни ефекти. Во извештаите на Светската банка и на ММФ се поздравува соодветниот одговор на инфлацијата преку спроведување фискална консолидација и затегнување на монетарната политика за да се закотват инфлациските очекувања. Соодветните политики беа основа и за подобрување на кредитниот рејтинг на земјава, односно на изгледите (од негативен во стабилен), за првпат во изминатите четири години (според Агенцијата ФИЧ, кредитниот рејтинг на земјата беше оценет ББ+ со стабилен изглед).
Како резултат на глобалните фактори, поврзани со инфлацијата и борбата со инфлацијата, Светската банка, исто како и владините проекции, очекува извесно забавување на растот во 2023 година во однос на 2022 година (раст 2,4%). Растот ќе забрзува понатаму со реализација на планираните крупни капитални инвестиции на државата, како и приливот на странски директни инвестиции, додека инфлацијата се очекува да опаѓа оваа и следната година. Сепак, натамошните случувања, за нашата мала и отворена економија, и понатаму ќе бидат тесно поврзани со нашиот главен трговски партнер – Европската Унија. Светската банка согледува дека евроинтеграциските процеси ќе бидат ветер во грб за реализација на структурните реформи, како и за забрзување на економскиот раст. Во оваа насока се спомнуваат и даночните реформи, насочени кон зголемување на даночната основа, зголемување на енергетската одржливост, активности за понатамошно поедноставување на регулативата за водење бизнис, зголемување на конкурентноста, зголемување на вклученоста на пазарот на труд, зајакнување на независноста на јавните институции и зелена транзиција.
Во насока на забрзување на економскиот раст во земјава е и Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој го користи мултипликативниот ефект за мобилизација на приватниот капитал покрај јавните инвестиции. Преку нови инструменти и форми за финансирање, планирано е, од година во година, зголемување на инвестициите, како на јавните така и на приватните, што ќе креира додадена вредност во економијата и ќе влијае врз забрзување на економскиот раст на посакуваните стапки од околу 5%.
Сиромашните и нискодоходовните домаќинства – најпогодени од кризата поради зголемените трошоци на живот
Откако дадов преглед на тековните глобални и домашни случувања, би се навратил на генезата на проблемот – инфлацијата, којашто се преклопи со енергетската криза, но и сѐ уште видливите ефекти од пандемијата. По долг период на ниска инфлација, нееднаквото постпандемично опоравување на пазарот – понудата и побарувачката, како и руската инвазија на Украина, резултираа со висок раст на цените. Просечната годишна инфлација во регионот на Европа и Централна Азија во септември 2022 година го достигна највисокото ниво во изминатите 23 години, додека домаќинствата се соочија со сериозна криза поврзана со трошоците за живот и негативното влијание врз реалниoт доход. Значајно повисоките трошоци за храна, енергенти, домување и услуги доведоа до влошување на животниот стандард на многу домаќинства, додека домаќинствата што претходно не беа сметани за сиромашни беа втурнати во сиромаштија.
Сепак, најпогодени од ценовната криза беа сиромашните и нискодоходовните домаќинства. Светската банка укажува на тоа, дека во земјите во развој домаќинствата што се наоѓаат во долните децили во дистрибуцијата на потрошувачката почувствувале посилна инфлација за два процентни поена од оние што се во високите децили. Во некои економии оваа разлика оди до 5 процентни поени. Кај поразвиените економии оваа разлика помеѓу најсиромашните и најбогатите домаќинства е помала (околу 1,6 процентни поени). Кај нас, според извештајот на Светската банка за Западен Балкан, најсиромашните домаќинства ја почувствуваа инфлацијата за 3,8 процентни поени посилно во однос на просекот, или за 6,6 процентни поени повеќе во однос на највисоките децили во дистрибуцијата на потрошувачката. Причината за ваквите разлики произлегува оттаму што домаќинствата со помали приходи својата потрошувачка ја концентрираат на помалку стоки и услуги во однос на подоходовните домаќинства. Доколку се разгледа потрошувачката на домаќинствата со најниски приходи, таа е концентрирана на прехранбени производи и домување, па во согласност со тоа последните ценовни притисоци поврзани со основните прехранбени производи и со енергентите имаа најголем ефект кај нив. Од аспект на прераспределбата на приходите, оваа криза придонесува за понатамошно продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните.
Инфлацијата како причина за редистрибуцијата на доходот и богатството
Инфлацијата влијае на редистрибуција на доходот и богатството. Инфлацијата ги зголемува трошоците за живот и со тоа повеќе ги погодува домаќинствата со понизок доход и сиромашните, бидејќи основните намирници имаат поголемо учество во нивниот семеен буџет. Притоа, кај семејствата со повисок доход, учеството на основните намирници има помало учество во нивниот семеен буџет. Од друга страна, вредноста на капиталот во недвижни средства се зголемува, бидејќи побарувачката за нив расте во време на криза, како „заштита“ на вредноста на парите во услови на инфлација, односно во услови на раст на цените. На тој начин, богатите семејства што имаат капитал во недвижности стануваат уште побогати. Преку оваа редистрибуција на доходот средствата се алоцираат од помалку имотните семејства, кои би ги потрошиле средствата за своите животни потреби, кон семејствата што имаат повеќе и би ги штеделе тие средства, или како што ќе каже нобеловецот Џозеф Стиглиц, „ги реалоциравме средствата од оние што би ги потрошиле кон оние што нема да ги потрошат“. Ова придонесува за понатамошно продлабочување на јазот помеѓу социјалните слоеви во општеството. Во 2020 година, согласно последните расположливи податоци објавени од Државниот завод за статистика, се забележува зголемување на стапката на сиромашни како процент од населението за 0,2 процентни поени, односно од 21,6% на 21,8% (Лаекенски индикатори). Тоа е резултат од пандемијата, кога забележуваме раст на оваа стапка после неколку години опаѓање (во суштина, во последните десет години стапката е значајно намалена за речиси 6 процентни поени). Инаку, во контекст на тврдењето погоре, во 2020 година стапката на невработеност продолжи да опаѓа, но затоа индексот на нееднаквоста (Џини коефициент) порасна за 0,7 процентни поени. Инаку, вреди да се потенцира и дека за време на кризните години, во периодот од 2020 до 2023 година, како резултат на силните политики на Владата за задржување на работните места и отворање нови, невработеноста продолжи да опаѓа и го достигна најниското ниво досега (14,4%). Споредено со ЕУ (последните дадени податоци за 2021 година), стапката на сиромаштија е блиску до нивната медијана (21,7%), со тоа што интервалот помеѓу земјите членки е голем и се движи од 34% во Романија до 10% во Чешка. Покачување на процентот на стапката на сиромаштија се случи во 2020 година. Џини коефициентот на ЕУ исто така е околу 30%, додека стапката на невработеност, согласно последните податоци за февруари годинава, е на најниско ниво во последните 15 години и изнесува 6%.
Редистрибуцијата се случува и помеѓу економиите. Повисоката инфлација ги прави помалку конкурентни цените на производите, соодветно опаѓа нето-извозот со повисокиот раст на инфлацијата. Доколку, пак, стоките произведени од друга економија имаат пониска цена, тоа би значело дека увозот ќе расте. Од микроекономски аспект, со растот на цените растат и приходите на компаниите, но едновремено растат и трошоците за инпутите кои влијаат врз профитот што го остваруваат. Во однос на економската активност и инвестицискиот циклус, инфлациските очекувања влијаат врз бизнис-циклусот. Кога се очекува раст на цените, се зголемуваат инвестициите заради придобивките што ќе ги имаат стопанствениците во разликата на цената од набавна до продажна (кај трговците) или инпутите и готовите производи (кај производителите). Тоа влијае и врз порастот на профитните маржи, што е позабележливо кај трговците заради побрзиот обрт на капиталот. Според статистиката кај нас, тоа се гледа преку зголемените инвестиции (за околу 7%) во втората половина од 2022 година, додека во првиот квартал на 2023 година се очекува забавување на темпото како резултат на зголемените залихи минатата година, кога инфлацијата имаше нагорен тренд. Во 2023 година веќе имаме надолен тренд и стопанствениците очекуваат тоа да продолжи и во иднина, па затоа ги намалуваат залихите, со тоа и инвестициите, што се одразува врз економската активност и растот на БДП. Исто така, во текот на 2022 година гледаме континуиран раст, од квартал во квартал, на странските директни инвестиции што делумно се објаснува со реинвестираната добивка и зголемените залихи, но секако е резултат на зајакнувањето на инвестицискиот циклус после корона-кризата и привлекувањето нови странски директни инвестиции.
Инаку, скоро прочитав една многу интересна анализа за корелацијата на инфлацијата со профитните маржи, којашто се базира на податоци од Евростат и аналитичкиот центар на „Блумберг“, во која се истакнува дека земјите каде што се установени највисоките профитни маржи забележуваат и највисока инфлација во Европа, како на пример Литванија, Ирска итн. Ова впрочем беше забележано и од страна на Европската централна банка, односно дека високите профити на компаниите ги туркаат цените и платите нагоре. Секако, ваквата поставеност на темите е генерализирање на исклучоците, но интересно е за научна дебата и за носителите на економските политики. Притоа, големо признание треба да ѝ се даде на бизнис-заедницата за покажаната отпорност кон кризата и храброста за инвестициски зафати, како и за иновативноста во нивните деловни решенија. Кризата секогаш е и нова можност.
Инфлацијата, исто така, врши дисторзија на релацијата кредитори и доверители, со тоа што при неочекувана инфлација вредноста на долгот реално се намалува во однос на првичната вредност, а исто така и реалниот каматен трошок се намалува во услови на фиксни каматни стапки. Во насока на покривање на овој ефект, банките ги компензираат евентуалните загуби заради обезвреднување на средствата во однос на обврските во нивните биланси преку повисоки активни каматни стапки во однос на пасивните каматни стапки на депозитите, со што остваруваат повисоки профитни маржи на краток рок. Според податоците на Народната банка, во првиот квартал од 2023 година банките оствариле пораст на нивните профити во однос на претходната година.
Инфлацијата има и други финансиски, економски и социјални трошоци, како што се ризикот од шпекулации врз девизниот курс, високи трговски маржи, зголемување на неизвесноста за инвестиции, зголемена сиромаштија и многу други аспекти, но заради ограничениот простор тие ќе останат за некоја следна колумна. Во продолжение ќе дадам краток осврт на меѓународните и на нашите искуства, препораки и планирани економски политики и мерки за управување со кризата и одржување на економскиот раст.
Препораки и искуства на економски политики за управување со кризата и одржување на растот
Имајќи ги предвид негативните ефекти на инфлацијата, очекувањата во глобалната економија за следните неколку години се, дека креаторите на политиките ќе бидат насочени кон борбата со инфлацијата по секоја цена – сѐ додека не се постигне целната инфлација. Главниот потег во борбата против инфлацијата е сузбивање на инфлационите очекувања и намалување на инфлационата спирала преку затегнување на монетарната политика со повисоки каматни стапки, како и фискална консолидација преку намалување на јавната потрошувачка. Цената на овие политики е забавен економски раст на краток рок. Но, во исто време, здравите фискални и монетарни политики во комбинација со структурните реформи ќе значат воспоставување стабилна макроекономска основа за одржлив економски раст на среден рок.
Со цел ублажување на ефектите од кризата во услови на фискална консолидација продолжува таргетираната помош кон ранливите категории и субвенционирање на цената на електричната енергија за домаќинствата. Зголемувањето на минималната плата и воведувањето механизам за прилагодување во согласност со трошоците на живот и порастот на просечната плата е системско решение за заштита на нискодоходовните категории граѓани од инфлацијата. Наскоро, со две минимални плати ќе може да се наполни една минимална потрошувачка кошничка, додека на пример, пред неколку години беа потребни три минимални плати. Сличен механизам воведовме и со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за административни службеници со цел прилагодување со минималната плата. Се работи и на ново законско решение за регулирање на платите на целиот јавен сектор на начин што системски ќе се регулира заштитата на животниот стандард и ќе се следи растот на економијата. Друг механизам за заштита на ранливите категории е гарантираниот минимален доход, но и низа други мерки, како што е Програмата за намалување на енергетската сиромаштија. Исто така, се зголеми поддршката за стратешките земјоделски производи со цел обезбедување доволно домашно производство. Поддршка имаше и за малите и средни претпријатија, потоа за најпогодените од ценовната и енергетската криза во однос на цената на електричната енергија, како и поволни кредитни линии за ликвидност и енергетска транзиција. За оваа година, во Буџетот обезбедивме околу 225 милиони евра (1,5% од БДП) како резерва за антикризни мерки кои ќе се користат според потребата.
Наша цел, покрај управувањето со ефектите од кризата, останува економскиот раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Продолжува трендот на намалување на невработеноста и зголемување на платите во економијата, при што порастот на продуктивноста останува важен предизвик. Се зголемува поддршката за активните мерки насочени кон пазарот на труд за поддршка на нови работни места и за нови мерки за поддршка на младите во работниот процес, како што е успешната мерка „Гаранција за младите“. Продолжуваме со здрави економски политики и реформи со цел зајакнување на конкурентноста на домашната економија преку подобрување на инфраструктурата, деловната клима, владеењето на правото, дигитализацијата, зелената транзиција и енергетската независност, како и зајакнување на човечкиот капитал како клучна компонента во растот и развојот на економијата.
Во услови на нарушени глобални синџири на додадена вредност и геоекономска фрагментација се отвора можност за привлекување нови странски директни инвестиции што ќе има дополнителен ефект врз економскиот раст во иднина. Тука продолжуваме со програмите за поддршка на домашните и странските инвестиции со фокус на тие што имаат поголема додадена вредност во производството, но и повеќе работни места со повисока образовна и професионална квалификација.
На крај, но сепак од исклучителна важност за развојните перспективи на земјата, останува нашата цврста определба за интеграција во ЕУ што ќе има дополнителен импулс врз нашиот економски раст и развој во иднина.