Колумни|

15 јули 2023, Скопје – За првпат од осамостојувањето, утврдено е системско решение за платите во јавниот сектор, коешто е во интерес на вработените, чии плати континуирано ќе растат, што е во интерес на фискалната одржливост и зачувувањето на макроекономската стабилност во земјава. Ова е историска одлука за системот на платите во јавниот сектор. Решението што го постигнавме е резултат на подолг процес на преговори и консултации со синдикатите, но и со меѓународните финансиски институции. Преговорите имаа свои падови и подеми, но самите по себе претставуваат успех, бидејќи се водеа демократски, со цврсти факти и логични аргументи. Обостраната и искрена желба за решение доведе до тоа во процесот да изградиме меѓусебна доверба, чекор по чекор да поставиме темели на едно издржано решение врз кое понатаму ќе се изгради праведен и одржлив систем во вреднувањето на трудот во јавниот сектор.

На решението гледам како на заеднички успех и на Владата и на синдикатите, кои се наш сериозен партнер во заштитата на правата и создавањето подобри услови за вработените во јавниот сектор, а со тоа и поефикасна и професионална администрација, како и поквалитетни услуги за граѓаните и стопанството. Лично би сакал да им честитам на синдикатите, да им оддадам признание на сите вклучени во овој процес и на оние што дадоа свој придонес во носењето на оваа значајна реформа. Би сакал да се заблагодарам и на целосната поддршка од страна на премиерот, како и на колегите министри во Владата. Во оваа прилика ќе истакнам дека Владата никогаш не беше „спротивставена страна“. Таа беше менаџер во процесот на утврдување оптимален исход. Активно водевме преговори со синдикатите, но воедно ни беше важно да понудиме соодветно решение пред Меѓународниот монетарен фонд, за да согледаат и тие дека предлогот има фискална издржаност и дека нема да направи притисоци врз макроекономската стабилност. Имено, оваа криза е специфична по тоа што од една страна високата инфлација е закана за животниот стандард на граѓаните, но од друга страна растот на платите може да предизвика инфлаторна спирала или притисок за понатамошен раст на инфлацијата преку побарувачката. Притоа, носителите на политиките се пред голем предизвик да балансираат за да истовремено ја зачуваат и макроекономската стабилност и стандардот на граѓаните.

 

Први во светот ќе ги индексираме платите во јавниот сектор со просечната плата

Со решението коешто го усогласивме со синдикатите, мислам дека го постигнавме тој баланс. Имено, со септемвриската плата годинава сите вработени во јавниот сектор ќе добијат покачување од 10% на постојните плати, додека со воспоставениот систем за усогласување на минималната плата во март имаше усогласување од 5% за околу 62.000 вработени кај буџетските корисници, односно административни службеници, судски и обвинителски службеници, царински службеници, вработени во МВР и АРМ, потоа вработени во здравствени установи, во областа на детската грижа итн. Со ова кумулативното покачување е повисоко од стапката на инфлација за минатата година. До крајот на годината, на сите вработени во јавниот сектор ќе им биде исплатен и регрес за годишен одмор (К-15) за 2023 година во износ од 10.000 денари, додека од следната година, според општиот колективен договор, регресот ќе се дефинира на минимум 30% од просечната нето-плата (со исклучок кога во еден од претходните четири последавателни квартали нема да има негативен раст на реалниот БДП).

Но, ќе нагласам, најважната одлука што ја донесовме минатата недела е системското решение за индексирање на платите во јавниот сектор со просечната плата на ниво на економијата во рамките на номиналниот раст на БДП. Усогласувањето на платите во јавниот сектор од март 2025 година ќе се врши така што просечната плата ќе се множи со коефициент. Со овој чекор ќе добиеме еден реален систем на плати, усогласени со состојбите на пазарот на труд, кој ќе биде праведен и транспарентен за целиот јавен сектор. Имаме транзициски период од околу две години за имплементација на ова решение, што е сосем доволен период со оглед на тоа дека станува збор за крупна реформа, а сите активности поврзани со неа треба беспрекорно да се спроведат, вклучително и измена на законската рамка, на општиот колективен договор, но и да се утврдат коефициентите.

Ќе напомнам дека ние, најверојатно, ќе бидеме првата земја во светот која платите во јавниот сектор ќе ги индексира со просечната плата, што ќе обезбеди континуирано прилагодување на платите преку следење на движењата на пазарот на труд и продуктивноста. Околу 20% или пет земји од еврозоната платите во јавниот сектор целосно или делумно ги усогласуваат со стапката на инфлација, додека само две (Белгија и Луксембург) автоматски ги усогласуваат платите. Кај дел од земјите во ЕУ и регионот се индексира само минималната плата во јавниот и/или приватниот сектор.

Да потсетам дека минатата година поставивме систем за усогласување на минималната плата во јавниот и приватниот сектор, со кој индексирањето покрај со трошоците за живот, на годишно ниво, се врши и со растот на просечната плата. Целта е покрај социјалниот елемент (трошоците за живот), да се следи и развојниот елемент (растот на продуктивноста). Според истиот принцип воспоставен е и систем на усогласување на пензиите. Во 2025 година, со ставањето во функција на системот за платите во јавниот сектор, ќе биде заокружен овој суштински процес за социјалните и работнички права и односи.

 

Во изминатите 5 години платите во јавниот сектор континуирано растат

Наша цел како Влада е платите да растат, како во јавниот така и во приватниот сектор, a тоа да биде придружено со раст на продуктивноста и на бруто-домашниот производ. Во изминатите пет години, имајќи ги предвид барањата и потребите во јавниот сектор, имаше повеќе покачувања на платите. За цела администрација, покрај годинaшниот раст на платите во март и септември, покачување имаше и во 2019 година. Во образованието, наназад пет години, секоја година има раст на платите и тоа за основно и средно образование во 2018, 2019, 2020, 2022 и 2023 година, а во високото образование во 2021, 2022 и 2023 година (годинава покачувањето е за 18%). Кај детската и социјалната заштита имаше покажување на платите од по 10% и 15% во 2019 и 2022 година. Во истиот период покачување на платите за 20% и 18% добија и вработените во културата. Вработените во судството, паки, лани добија покачување од 15%. Вработените во АРМ, во 2018 и 2022 година, добија покачувања за 10% и за 2.000 денари. Во изминатите пет години, вработените во здравството во три наврати добија покачување на платите за 10%, 25% и 5%. Покачувања имаше и во МВР, ДЗР, структурите на ИПА и во други јавни области и управи. Би сакал да потсетам дека три од изминатите пет години беа кризни, со повеќе глобални кризи што се преклопуваа (пандемијата, енергетската криза, нарушувањето на синџирите на добавување и високата инфлација).

Раст на платите во изминатите 5 години има и во приватниот сектор, што најдобро се огледа преку податоците за просечната плата, која во изминатите 5 години е повисока за 50%. Иако ефектите од инфлаторната криза можеби ќе предизвикаат негативни чувства кај читателот кон овој навод, сепак ќе истакнам дека овие серии  податоци покажуваат позитивни трендови во нашата економија, кои по завршувањето на кризата ќе бидат уште поизразени. Структурните промени не се случуваат преку ноќ и нивните ефекти се одложени, но истите ќе бидат видливи на среден и на долг рок.

 

Оптимизација за поголема ефикасност и ефективност на јавниот сектор

Јавниот сектор, особено државната администрација, може и треба да биде важен чинител во тие промени. Јавниот сектор е служител на приватниот сектор и негова должност е да обезбеди услови за развој и конкурентност на приватниот сектор. Приватниот сектор треба да има потпора во јавниот, а не да му претставува товар. Оттаму, покрај систем на достојно вреднување на јавните работници, неопходно е да се направи оптимизација. Тоа би значело функционална анализа за оптимално искористување на капацитетите и унапредување на квалитетот на услугите што ги нуди јавниот сектор. Ефикасноста и ефективноста, почнувајќи од спроведувањето на стратегиите и политиките па сѐ до редовните јавни услуги, мора да се подобрат во значителен обем, особено во одделни јавни сектори, и за тоа веќе е подготвена стратегија и се работи на истото. Оптимизацијата, исто така, ќе вклучи и рационализација, односно постигнување оптимален број вработени во јавниот сектор што ќе значи и помал финансиски товар за Буџетот, а притоа ефикасноста и ефективноста на јавниот сектор ќе бидат поголеми. Рационализацијата не значи отпуштања на вработените туку добро поставена програма со поволни и атрактивни мерки за трансфер на вработените во приватниот сектор, каде што веќе се чувствува потребата на пазарот на труд за поголем број работници, а од друга страна влијае врз конкурентноста и растот на економијата.

 

Остануваме на патот на фискална консолидација и одржливост

Би се осврнал и на фискалниот дел, кој е еднакво значаен, бидејќи фискалната одржливост е предуслов за стабилност и економски раст и развој. Иако ќе зголемиме една голема ставка во Буџетот, односно платите во јавниот сектор за 10%, ќе се држиме до определбата да останеме во рамки на дефицитот којшто го планиравме со Буџетот за 2023 година и да се задржиме на патот за постепена фискална консолидација. Во текот на транзицискиот период за спроведување на реформата на платите во јавниот сектор ќе се оптимизираат и реструктурираат трошоците во Буџетот, без притоа да се повреди неговата развојна компонента. Владата веќе донесе мерки преку Планот за фискална одржливост, со кои ќе се влијае и на приходната и на расходната страна, а со цел намалување на јазот или дефицитот.

Би сакал да истакнам дека континуиран успех и резултати се возможни само ако постои добропоставена стратегија и систем за спроведување на таа стратегија. Така е и во економијата, како и во секоја општествена сфера. Без оглед на тоа дали има криза или економски раст, нашата економија, за да се доближи до целта – европскиот пат и стандард, треба континуирано да  работи на структурните реформи коишто ќе ја подобрат конкурентоста и ќе придонесат за побрз раст и развој.

Сосем за крај, би потенцирал дека економијата е наука за најоптимална распределба на расположливите ресурси во насока на креирање додадена вредност и максимизирање на придобивките од тоа, како и обезбедување одржливост на тој процес. Ова веројатно ќе ги потсети економистите на „Парето оптимум“. Со обезбедување на целта, креирање додадена вредност, се зголемува благосостојбата, се зголемува националниот доход, а тоа повлекува и поголема распределба. Наша заложба како Влада е развој со цел подобар стандард и подобри услови за живот на граѓаните. Токму затоа ја посветив колумната на ова решение, кое во секојдневните конверзации се маргинализира на „покачување на платите или не“. Суштината на преговорите не беше дали да се покачат платите или не – платите ќе растат заедно со растот на економијата – преговорите беа за фер и системско решение кое ќе биде одржливо или како што е познато во економската теорија – „Парето оптимум“, односно максимизирање на новата создадена вредност со расположливите ресурси.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *