Колумни|

29 jули 2023, Скопје – Генералното собрание на Обединетите нации, одржано на 22 декември 2005 година, со Резолуцијата 60/209 ја дефинира солидарноста како една од основните и универзални вредности што треба да ја изградат основата на односите меѓу луѓето во 21-от век, и во тој поглед одлучи да го прогласи 20 декемвриза Меѓународен ден на човековата солидарност. Во декември 2022 година, по коинциденција, ние ги започнавме јавните дебати и консултации за данокот за солидарност.

Концептот на данокот на солидарност се заснова на тројството заедништво, општествена одговорност и правичност. Тоа се три принципи или три столба на кои се темели решението.

Заедништво: во изминатите три години речиси две милијарди евра од државниот Буџет беа насочени за мерки за стопанството и за граѓаните кои имаа потреба од поддршка. Тоа беа средства од сите нас, даночните обврзници, за оние на кои им беше најпотребно. На тој начин се зачува куповната моќ и се подобри кредитната и платежната способност на многу наши граѓани, а на фирмите погодени од кризата им беше овозможено да продолжат со секојдневните деловни активности. Во спротивно, рецесијата ќе беше многу подлабока, а невработеноста ќе отстапеше од сегашниот надолен тренд и ќе беше на многу повисоко ниво. Данокот на солидарност ја има истата намена – да обезбеди средства за програмата П1 во Буџетот (или попозната како антикризна програма), преку која се исплаќаа и ќе се исплаќаат сите антикризни мерки. Иако според економската теорија даноците се недестиниран (општонаменски) приход, сепак приходот од данокот на солидарност, како вонреден и еднократен данок, ќе го овозможи финансирањето на антикризната програма.

Општествена одговорност: во период на криза одредени дејности, сектори, фирми имаат бенефит од состојбите и заработуваат повеќе. Да се врати дел од профитот за да се поддржи економијата, развојот и социјалата претставува општествена одговорност. Општествена одговорност е да го поддржиш општеството кое ги создава условите за да функционираш и за да бидеш успешен.

Праведност: сите треба да го плаќаме својот праведен дел од давачките за да може да просперираат и целата економија и општеството. Во суштина, секој даночен систем се темели на придонес сразмерен на заработката/добивката. Најуспешните треба да влечат напред и да придонесуваат кон општото добро.

„Солидарност“ е морална појава која се однесува на заемна помош или соработка помеѓу поединци и групи, особено во тешки околности и кризи. Оттаму, сметам дека името „Закон за данок на солидарност“ многу добро му прилега на законското решение коешто го дискутираме во Собранието, а чие работно име првично беше Закон за данок на дополнителна добивка (екстра профит).

Низ економската историја, понова и подалечна, гледаме повеќе примери за воведување данок на солидарност, на пример во Франција во осумдесеттите, во Германија во деведесеттите години на минатиот век, а во поново време повторно во Франција, Шпанија, Хрватска, Унгарија, Италија, Полска, Чешка, Белгија итн. Данокот на солидарност или солидарниот данок е давачка пропишана од државата за финансирање проект или цел која ги обединува општите интереси. Така, во Франција со данокот на солидарност се оданочуваат високите приходи или високата вредност на имотот. Во Германија овој вид данок бил воведен за да се обнови Источна Германија и да се собере фонд за економска поддршка. Со наглиот раст на цените во енергетскиот сектор минатата година, повеќе европски земји најавија и спроведоа закони за солидарност, а засегнати беа компаниите кои просперираа во тој период (за овие примери ќе елаборирам подолу во текстот). Тоа што сакам да го истакнам е дека даноците за солидарност се применувале низ историјата и се применуваат сѐ уште во повеќе земји. Со нив се потпомага и поддржува одредена кауза поврзана со подобрување на ситуацијата во економијата и општеството.

За спроведување на целите за фискална одржливост преку фискална консолидација, која меѓу другото значи и подобрување на наплатата на приходите, минатата година, по широки консултации со деловната, експертската и меѓународната јавност, започнавме со спроведување на даночната реформа, која се заснова на проширување на даночната база. Даночната реформа е еден обемен процес којшто ќе се реализира во повеќе фази, но кој главно се засновува врз принципот на праведност. За тоа пишував во моите претходни колумни.

 

Усогласување на европската регулатива и следење на препораките од ММФ

Данокот на солидарност, којшто претставува еднократна давачка, е дел од овој процес. Тој произлезе како предлог од Стратегијата за даночна реформа, но и од Регулативата на Советот на ЕУ (2022/1854), донесена на 6 октомври 2022 година, за решавање на проблемот со високите цени на енергијата. Регулативата предвидува носење вонредни и временски ограничени мерки, вклучително задолжителен привремен придонес за солидарност од страна на профитабилните компании во енергетскиот сектор. Повеќе земји членки на Унијата, согласно донесената регулатива, пристапија кон законски измени за дополнителни еднократни давачки за субјектите од енергетскиот сектор со екстра профити. Но, исто така, како резултат на ценовната криза, многу земји од ЕУ воведоа дополнителни давачки на екстра профит и за компании од други дејности (Хрватска, Унгарија и други). Во однос на кризните околности од времето на корона-кризата и енергетската криза препораки за данок на солидарност имаше и во неколку студии и анализи на ММФ.

 

Инклузивен процес: Консултации со бизнис-заедницата и опозицијата

По дизајнирањето на предлог-решението за Данокот на солидарност, согласно примерот на дел од земјите од ЕУ, во текот на декември минатата година Министерството за финансии спроведе инклузивен консултативен процес со деловната заедница. Нацрт-текстот на предлогот на законот прво го доставивме на разгледување до коморите, а на 23 декември 2022 година во Министерството за финансии беше одржана средба со претставниците на најголемите коморски здруженија. На средбата, од наша страна, беше презентирано нацрт-решението и причините за предлогот, а беа објаснети и основите на Регулативата на Советот на ЕУ и хрватскиот предлог-закон за солидарност, кој е најсличен на нашиот. Претставниците на стопанските комори, пак, искажаа разбирање за состојбите во земјава, земајќи ги предвид и пакет-мерките за поддршка на економијата со кои Владата интервенираше во изминатиот период, а притоа беше посочено дека во вакви тешки околности големите компании треба да покажат солидарност со јавниот интерес и со помалите стопански субјекти. Претставниците на деловната заедница беа вклучени во процесот на дизјанирање на законското решение. Тие дискутираа, а пред и по средбата изнесуваа предлози за подобрување на предлог-законот. Покрај со деловната заедница, во интерес на комуникација на законот со сите општествени чинители, одржавме и средба со најголемата опозициска партија.

 

Кој и колку е засегнат од данокот на солидарност?

По завршувањето на консултативниот процес, ги разгледавме сите предлози и голем дел од нив ги вградивме во законското решение. Согласно решението, данокот на солидарност го плаќа обврзникот за данок на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615 милиони денари (10 милиони евра). Притоа, даночна основа за данокот на добивка е добивката после сите ослободувања, вклучително и ослободувањата за реинвестирана добивка. Даночната основа за данокот на солидарност е добивката после ослободувањата, остварена во 2022 година, или просекот од 2021 и 2022 година (се зема поволната варијанта за претпријатието) доколку е повисока од просекот на добивката во претходни три години зголемена за 20%, почнувајќи од 2017 година, без да се земе предвид пандемската 2020 година. Данокот на оваа сума е 30% и ќе се плати само еднаш, односно само годинава. На пример, ако препријатието во 2022 година остварило добивка од три милиони евра, притоа реинвестирало еден милион евра, даночната основа за пресметка на данокот на добивка е два милиона евра. Доколку просекот за 2021 и 2022 година на даночната основа за добивката по ослободувањата за истото претпријатие е четири милиони евра, тогаш за пресметка на данокот на солидарност се зема пониската даночна основа, односно два милиона евра добивка после ослободувањата остварена во 2022 година. Според методологијата во Законот за данок на солидарност, со изборот на 2022 година, за споредба се зема просекот на добивката после ослободувањата за три години (2021, 2019 и 2018 година) зголемен за 20%, односно ако просекот на добивката во 2021, 2019 и 2018 година изнесува еден милион евра за пресметка ќе се зема 1,2 милиона евра. Даночната основа за данокот на солидарност е разликата од 800 илијади евра (2.000.000 – 1.200.000 = 800.000), при што данокот на солидарност ќе изнесува 240 илијади евра (800 * 30% = 240.000) и тој ќе се смета за расход во финансиските биланси за 2023 година.

 

Олеснувачка одредба

Можноста за избор на поповолна опција за пресметковен период е олеснувачка одредба за даночните обврзници при пресметката на даночната основица да го земат предвид даночниот период кој за нив е поповолен, што не е предвидено во хрватскиот закон. Согласно најновите проекции на фискалниот ефект, спроведени врз основа на реални податоци од даночните биланси за 2022 година, државата, со внесувањето на оваа одредба, се откажува од дополнителни приходи во износ од околу половина од вкупната сума која можеше да ја наплати од обврзниците, односно околу 3 милијарди денари. Ова е доказ, дека како Влада слушаме, отворени сме за сугестии, но и правично постапуваме.

Самиот факт дека фискалниот ефект од предложеното решение, согласно даночните пријави за 2022 година, ќе изнесуваше 5,5 милијарди денари, доколку не беше предвидена олеснителната одредба, говори за висок раст на приходите минатата година. Согласно законското решение, обврската за пресметување и плаќање данок на солидарност опфаќа 160 даночни обврзници, чии вкупни годишни приходи се над 10 милиони евра. Притоа, зголемена добивка за повеќе од 20% во 2022 година во однос на просекот од даночните периоди од 2017 до 2019 година (со исклучок на 2020 година) е забележана во сите сектори на економијата.

Доколку се земат предвид остварените профити само од 2022 година, најголемо учество во данокот на солидарност би имале токму компаниите во дејноста „производство и трговија со електрична енергија“ со удел од околу 40%, околу 40% се дејностите финансии, трговците на мало и големо и игрите на среќа, а останатите 20% се други сектори. И согласно структурата на дејностите видливо е дека енергетската и ценовната криза имала удел во високиот раст на приходите. Со Законот за данок на солидарност се прави извесна редистрибуција на доходот, од оние што најмногу заработиле кон оние што биле најпогодени за време на кризата, преку издвојување дел од профитот за антикризни мерки.

 

Редистрибуција за корекција на дисторзиите

Би сакал да истакнам, посочив и претходно, дека не е невообичаено во исклучителни состојби и кризи земјите да воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Економската теорија и политика вели дека ваквите даноци се алатка за редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради невообичаени случувања на пазарот или вонредни состојби. На крајот на декември, Шпанија предвиде воведување дополнителен данок на енергетскиот и банкарскиот сектор и привремен данок на солидарност за физички лица. Кон средината на 2022 година, Италија воведе еднократeн данок за „солидарност“ за компании од енергетскиот сектор кои имаат зголемување на нето-продажбата за најмалку 5 милиони евра. Минатата година и Унгарија објави дека ќе воведе дополнителен данок на добивка во енергетскиот, финансискиот и телекомуникацискиот сектор, за комерцијалните авиокомпании и трговијата на мало за периодот 2022 – 2023 година. Согласно Законот за дополнителен данок на добивка усвоен во декември 2022 година, Хрватска воведе данок на екстра добивка според кој компаниите со зголемена добивка ќе бидат обврзани за овој данок без оглед на дејноста со која се занимаваат, а собраните средства првенствено ќе одат за поддршка на крајните корисници на енергија, особено за ранливите домаќинства.

 

Нова нормалност: Спас и раст

Живееме во време на повеќекратни кризи кои се надоврзуваат веќе неколку години по ред: пандемијата на ковид-19, енергетската криза, ценовната криза, војната во Украина и геополитичките превирања, високи технолошки промени, преструктурирање на глобалните синџири на вредности и климатски промени. Во услови на потребни реформи за подобрување на конкурентноста на нашата економија и интеграција кон европскиот пазар, во време на кризи, во периодот од 2020 до 2022 година само за антикризни мерки беа извдвоени околу две милијарди евра, а дополнителни 225 милиони евра се обезбедени за 2023 година или вкупно околу 18% од просекот на БДП во последните четири години. Според извештајот на Светската банка тоа се смета за највисока финансиска поддршка од сите држави на Западен Балкан, со што, меѓу другото, се заштитија над 80.000 работни места во над 15.000 претпријатија за време на корона-кризата. Исто така, финансиска поддршка имаше за над 180.000 работни места, разни финансиски стимули беа користени за целото стопнаството и за ранливите категории граѓани, и тоа над 330.000 пензионери, над 80.000 корисници на социјална помош, студенти и други категории граѓани, но и субвенционирање за електрична енергија за околу 610.000 домаќинства и 70.000 мали потрошувачи од стопанството, како и поддршка со други антикризни мерки во однос на заштита на животниот стандрад на граѓаните и сузбивање на инфлацијата. Инаку во јуни успеавме да ја симнеме инфлацијата на едноцифрена бројка односно на 9,3% и со тоа да се преполови во однос на онаа во октомври 2022 година кога изнесуваше 19,8%.

„Новата нормалност“ во која живееме бара и нов пристап на економските политики со симултан фокус на приоритетите за поддршка на растот на среден рок и агилен одговор за ублажување на ефектите од кризите, а притоа да се одржи макроекономска стабилност. Спас и раст во исто време.

 

Солидарноста на ЕУ и препораките на ММФ

Би сакал да посочам дека покрај солидарноста и правичноста, што секако се најважни во носењето на овој закон, ова решение е нешто што од нас се очекува. Меѓународниот монетарен фонд, во заклучоците од својата последна мисија, посочува дека јавните финансии се на вистинска патека, но дека одложувањето на носењето на даночната реформа и данокот на солидарност може да има негативно влијание врз приоритетните расходи. Како што наведуваат, даночната реформа треба да биде усвоена без оддолжување, имајќи го предвид долгиот консултативен процес, а истото се однесува и на данокот на солидарност.

Солидарноста е еден од основните принципи на Европската Унија кон која се стремиме. Во знакот на таа солидарност, ЕУ ни додели 80 милиони евра грант за антикризни мерки и 100 милиони евра кредит со поволни услови за макрофинансиска поддршка. Исто така, поддршка добивме и од Европската инвестициска банка. Доколку солидарност постои кај нивните даночни обврзници, кои не се дел од нашето општество, зошто не би постоела меѓу нашите даночни обврзници, во овој случај успешни компании кои ја натфрлиле добивката за 20% изминатата година во однос на нивниот просек од претходните три години?! Тоа е одговорност кон нашето општество, поточно општествена одговорност.

Како резиме ќе посочам дека како прв финансиер се борам и ќе продолжам да се борам за здрав и праведен систем на јавни финансии, кој е одржлив и кој ќе биде база за економски раст. Тука ја вклучувам и борбата за сузбивање на сивата економија, која се наметнува секогаш кога пишувам за даночниот систем. Потребни се само фер однос и фер придонес, ако сакаме доверба во Владата и стопанството и чекор напред. Сите ние сме дел од ова општество и оваа економија и ако тие отидат чекор напред, тоа ќе биде голем скок за секој од нас одделно.

На крај би истакнал дека нема простор за стигматизирање на данокот на солидарност. Оние што ќе го платат овој данок заслужуваат големо признание за покажаната општествена одговорност.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *