4 ноември 2023, Скопје – Искористена можност или изгубена добивка? Неформална економија е многу повеќе од тоа. Таа не секогаш носи индивидуална корист, а е на сметка на јавниот интерес. Таа создава нееднаквост на пазарот и ги нарушува принципите на праведност и конкуренција, станува извор на корупција, го руши кредибилитетот на државните институции, а со тоа ја намалува и лојалноста на граѓаните кон државата и свеста за заштита на јавниот интерес, како и чувството за лична одговорност во справувањето со овој феномен. Така станува дел од нашиот секојдневен живот, а со тоа и системски проблем кој не може да се реши со краткорочни и парцијални решенија, туку со системски, конзистентни и одржливи, поточно решенија за формализирање на неформалната економија. Каков било компромис со неформалната економија значи и понизок економски раст и помалку јавни услуги, односно понизок квалитет на живеење. Неформалната економија не може целосно да се искорени, но може постојано да се намалува!
Во очи на Буџетот 2024: Како до повеќе приходи, без нови даноци?
Неформалната економија е една од најголемите структурни пречки за конвергенција на земјите во развој со развиените економии. Тоа важи и за конвергенцијата на нашата економија со Европската Унија. Износот на даночните приходи со целосно формализирање на неформалниот сектор, без никаква промена во даночната политика, е еднаков на капиталните расходи во Буџетот за годинава. Имено, иако е тешко да се измери, неформалната економија, согласно одредени процени, изнесува околу 30% од бруто-домашниот производ на нашата земја. БДП за 2023 година е проценет на 14,4 милијарди евра, оттаму вредноста на неформалната економија би изнесувала околу 4,32 милијарди евра. Според груби пресметки, тоа значи дополнителни 795 милиони евра годишни приливи по основ на даночни приходи во Буџетот. Попластично, овие средства се еднакви на средствата потребни за изградба на автопатските делници на Коридорот 8 или на Коридорот 10-д, четири клинички центри или реконструкција на сите училишни згради во земјава. Со оваа сума може целосно да се покрие буџетскиот дефицит предвиден за 2023 година и да останат уште дополнителни 100 милиони евра, што би значело дека доколку секој си го плаќа својот фер дел од давачките, нема да има потреба од задолжување на државата. Имајќи ги предвид овие бројки, а во очи на носењето на новиот Буџет за 2024 година, сосем е легитимно прашањето што прави Владата за да се надмине овој горлив проблем, кој е една од главните пречки за побрз развој на македонската економија.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) ја има најшироката дефиниција за сивата економија („економија во сенка“) во рамки на која се подразбираат сите активности, легални или нелегални, коишто не се евидентирани и оттаму за нив не се наплатени давачки кон државата. Како потесна дефиниција за неформалната економија, во рамки на студија на Светската банка, се зема легалното производство на стоки и услуги коешто е засновано на пазарни принципи, но е прикриено од релевантните институции поради монетарни, регулаторни и институционални причини. Неформалната економијата вклучува активности кои, доколку се регистрираат, би придонеле за бруто-домашниот производ, а не ги опфаќа нелегалните активности и производството во домаќинствата (дефиниција од Шнајдер, Буен и Монтенегро). Неформалната економија ги опфаќа пазарите на стоки, услуги, капитал и луѓе, кои намерно се кријат од јавните институции поради одбегнување на данокот на личен доход, ДДВ или други даноци, придонеси од социјално осигурување, исполнување на некои законски стандарди од пазарот на труд, на пример минимална плата, број на работни часови, пропишани надоместоци и слично, или непочитување на некои пропишани административни процедури како што се статистички прашалници и административни форми. Сосем накусо, „сиво“ е сѐ што е лукративно, а не е евидентирано во системот.
Секој четврти жител на светот работи во неформалната економија
Сивата економија е распространета насекаде и според последните податоци на Меѓународната организација на трудот (МОТ), во неформалната економија работат околу 2 милијарди луѓе на светско ниво. Сепак, застапеноста на неформалниот сектор варира од економија до економија, согласно нејзините специфичности и карактеристики, додека кај неразвиените и економиите во развој таа е позастапена во споредба со развиените економии. Неформалната економија во високо развиените земји опфаќа околу 19% од БДП и 16% од вработеноста, додека во земјите во развој таа е скоро двојно повисока. Земјите коишто имаат висок процент на неформална економија се соочуваат со намалување на даночните приходи како резултат на ерозија на даночната основа. За сметка на ова, субјектите коишто се дел од формалниот сектор носат поголем даночен товар, што само по себе претставува уште една причина повеќе тие да бидат мотивирани да дејствуваат во неформалниот сектор. Една студија спроведена во 2018 година, земајќи серии податоци за 158 земји во светот, покажува дека земји со најниско ниво на неформална економија се Швајцарија со 7,2% и Австрија со 8,9% од БДП, додека со највисоко се Зимбабве со 60,6% и Боливија со 62,3% од БДП. Во трудот „Сивата економија во индустриските земји“ на Енсте (2018), во кој се анализираат податоците за неформалната економија во индустриските земји врз база на макроекономските податоци за периодот 2003 – 2018 година, се наведува дека неформалните економии се многу помали во економски развиените земји на ОЕЦД, отколку во земјите на Централна и Источна Европа, односно тие се двојно пониски.
Макроекономската состојба во земјата, транзицијата, даночниот товар, регулацијата, нивото на корупција, довербата во владата, даночниот морал и администрацијата се неколку клучни фактори кои влијаат врз постоењето на неформалната економија во една земја. Државите со висок степен на неформална економија имаат пониско ниво на продуктивност на трудот, како и бавна акумулација на физички и човечки капитал, ограничен пристап до финансиски ресурси и скромен фискален капацитет на државниот буџет. Исто така, дел од емпириските истражувања покажуваат дека неформалната економија е директно поврзана со доходната нееднаквост и со сиромаштијата. Фирмите што функционираат во неформалната економија имаат слаба акумулација на капитал, ниско ниво на инвестиции во нова и современа технологија и ограничен раст поради стравот и потребата да не бидат забележани од даночните служби.
Третина од економијата на Балканот е сива
Кога станува збор за регионот, односно земјите од Балканскиот Полуостров, процените според поголем број спроведени студии и анализи покажуваат дека нивото на неформалната економија изнесува просечно околу 30%. Според една од најпознатите студии направени во оваа област од страна на Шнајдер, Буен и Монтенегро (2010), во периодот помеѓу 1999 и 2007 година сивата економија во регионот значително е намалена, но сѐ уште е висока (Албанија 32,9%, Бугарија 32,7%, Грција 26,5%, БиХ 32,8%, Хрватска 30,4%, Македонија 34,9%, Романија 30,2%, Словенија 24,7%, Турција 29,1%). Мора да се нагласи дека низ годините резултатите варираат, но и од самите анализи и користените методологии (директен пристап преку анкета на економските субјекти или индиректен пристап преку алтернативни методи преку податоци за потрошувачка на електрична енергија, метод на повеќе причини и повеќе индикатори, анализа на побарувачката на валути и др.), но начелно процената е дека сивата економија во овие земји зазема околу една третина од нивниот аутпут.
Неформалниот сектор во РС Македонија
Согласно последните институционални пресметки на Министерството за економија, неформалната економија во земјава на почетокот на изминатата декада изнесувала околу 30% од БДП. Дел од емпириските студии, пак, покажуваат дека степенот на неформална економија во Република Северна Македонија во одредени временски периоди во минатото достигнувал и од 40 до 50 проценти од БДП. Во анализата спроведена од страна на ММФ, неформалната економија во Северна Македонија во 2016 година се проценува на околу 37,6%. Понова студија за неформалната економија во земјава има направено Светската банка, која во 2018 година проценила дека сивата економија изнесува 33,4%. Дел од емпириските истражувања спроведени од страна на академската заедница укажуваат дека неформалната економија во земјата во периодот 2019 – 2021 година се движи од 21 до 28,9 проценти од БДП. Резултатите варираат согласно методот на процена, но начелно сивата економија е многу тешко да се измери. Резултатите од квалитативното истражување „Перцепција и ставови на граѓаните во врска со сивата економија“ спроведено од УНДП во 2022 година на репрезентативен примерок покажуваат дека перцепцијата на граѓаните е дека неформалната економија се движи од 20 до 40 проценти од БДП.
Кога зборуваме за неформалната вработеност, како еден од главните сегменти од неформалната економија, пресметките на Министерството за финансии врз основа на податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2022 година околу 84 илјади работни места биле неформални, што е значително намалување во однос на 2017 година (134.285 работници), но сепак сѐ уште е на високо ниво. Податоците покажуваат дека неформалната вработеност зафаќа околу 14% од вкупната формална вработеност во Северна Македонија во 2022 година. Започнувајќи од 2018 година се забележува опаѓање на учеството на неформалната во формалната вработеност. Кога се разгледуваат демографските статистики две третини од неформалните места ги извршуваат мажи, а една третина жени. Највисока неформална вработеност е помеѓу работниците на возраст од 35 до 44 години, додека значаен дел неформално вработените работници се и на возраст од 45 до 54 години. Најголем број неформално вработени има во секторот земјоделство, речиси половина од неформалните работни места, како и во секторот градежништво.
Има различни искуства и постојат многу примери како земјите се справуваат со сивата економија или како пристапуваат кон формализација на неформалната економија. Kако што напишав во една колумна објавена во август 2022 година, за да биде успешна борбата против сивата економија, важно е да се постави систем во кој ќе важи економска максима:
„Не ти се исплати да си во сивата економија“
Според економската логика, ако сакаме да ја намалиме неформалната економија, треба да ја направиме економски „неатрактивна“. Односно, неформалната економија треба да се направи неисплатлива со цел да се намали интересот да се остане во таа зона. Кажано со стручен економски речник, треба да се зголеми опортунитетниот трошок на неформалната економија, т.е. да се зголеми изгубената корист, и придобивката што ќе ја имаат доколку се вклучени во формалниот сектор. Тоа може да се оствари преку зголемување на трошоците на неформалниот сектор или ризикот од делување во неформалниот сектор од една страна и преку зголемување на бенефициите во формалниот сектор од друга страна. Односно, последиците за тие што се во неформалната економија се повисоки од придобивките.
Системскиот проблем бара системско решение
Неформалната економија има негативно влијание како на макро, така и на микроекономско ниво. Макроекономски, неформалниот сектор ја еродира даночната основа и на тој начин влијае врз фискалната одржливост и инвестициската активност, како и врз другите макрофискални политики. Од друга страна, на микро ниво создава нееднаквост на пазарот, влијае врз капацитетот за развој на фирмите, нивната ранливост во одредени ситуации (како што беше случајот со пандемијата кога одреден број субјекти поради неформалноста не можеа да ја ползуваат државната поддршка и стимуланси), но и врз претприемништвото.
Сивата економија е системски проблем кој треба системски да се решава. За да се решi проблемот, најпрво треба да се дефинира и да се лоцираат изворите, да се утврдат општите и поединечните цели што треба да се постигнат, да се направи рамка за следење на реализацијата на целите и на крајот да се утврди конкретен акциски план. Ова е пристапот што го спроведе нашата Влада при конципирањето на стратегијата и акцискиот план за сузбивање на сивата економија.
Со поддршка на УНДП беше направена анализа во која се лоцираа потенцијалните причини за постоење на неформалната економија во Република Северна Македонија, како што се карактеристиките и потребите на пазарот на труд, користењето готовина во деловните трансакции, ниското ниво на даночен морал и даночна дисциплина, високото ниво на толеранција на неформалноста, зголемената конкуренција и глобализацијата, високата перцепција за корупцијата што постои на Западен Балкан, потенцијалниот административен товар за формализација, понискиот животен стандард и нивото на сиромаштија. Во голем дел од дејностите неиздавањето фискална сметка не се смета како нешто лошо и неприфатливо. Кај давателите на услуги голем дел од клиентите не бараат да им се издаде фискална сметка со што сметаат дека на тој начин му се прави услуга на бизнисот, па за возврат очекуваат добивање производ/услуга по пониска цена, а во поглед на платата кај дел од бизнисите е забележана практика на плаќање на дел од платата во плик, најчесто за бонус односно надомест за дополнителна работа.
Под координација на Министерството за труд и социјална политика беа изработени и првата Стратегија и првиот Акциски план за периодот од 2018 до 2022 година, кои дадоа соодветни резултати од аспект на детектирање на неформалната економија, зајакнување на капацитетите на УЈП преку соработка со меѓународни организации и твининзи, пријавување неправилности, оптимизација на парафискалните давачки, дигитализација на активностите, стимулирање на формализацијата на неформалните активности (како што е електронска регистрација на сезонски работници во земјоделството), кампањи и настани за промовирање на активностите за справување со неформалната економија, поврат на ДДВ на физички лица, зголемување на даночниот морал и намалена толеранција кон неформалноста, брошури прирачници за претприемачи за самостојно основање бизнис, е-регистрација на ново правно лице итн.
Покрај Стратегијата на Министерството за труд и социјална политика, во 2021 година Министерството за финансии врз основа на таа Стратегија изработи тригодишен Акциски план за сузбивање на сивата економија, заклучно 2022 година, кој се состоеше од шест приоритети со конкретни мерки и активности: подобрување на процесот на мерење, следење и откривање на сивата економија; обезбедување стимулативни активности за формализирање на сивата економија; подигање на свеста за сивата економија и зајакнување на даночниот морал; подобрување на инспекциските служби и системот на казнување; унапредување на законодавството; и спроведување мерки на Царинската управа во борбата против сивата економија. Министерството за финансии, во соработка со УНДП и ГИЗ, успешно спроведе дел од активностите од Акцискиот план, додека други активности и мерки се планирани и во рамки на новата Стратегија за формализирање на неформалната економија 2023 – 2027 година, којашто ја изработи Министерството за финансии, како и соодветен Акциски план.
Стратегија 2023 – 2027: Намалување на сивата економија за 4 п.п.
Процесот на подготовка на новата Стратегија за формализирање на неформалната економија 2023 – 2027 година и на Акцискиот план беше инклузивен, со голем број дискусии со клучните засегнати страни, како претставници од бизнис-секторот, сметководствени асоцијации и бироа, ревизорски куќи, невладин сектор и други релевантни чинители.
Како што посочив и погоре, процентот на неформалната економија, согласно последните пресметки што произлегуваат од софистицираните модели на Светската банка, изнесувал 33,4% од БДП во 2018 година (според методот МИМИЦ (MIMIC) , односно методот на повеќе индикатори и повеќе причини). Преку ефективна имплементација на мерките и активностите со Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023 – 2027 година и Акцискиот план, се очекува намалување на неформалната економија на 26% од БДП до крајот на 2027 година.
Стратегијата се темели на две главни области – првата е системот, а втората се граѓаните. Целта е да се изгради силен систем кој ќе се бори против сивата економија, а едновремено да се зајакне даночниот морал кај граѓаните и свеста дека со сузбивањето на сивата економија вложуваат во својата и во подобра иднина за своите деца.
Во рамки на првата област, првата цел е зголемување на ефикасноста на јавните институции и унапредување на деловното окружување за намалување на неформалната економија и забрзување на процесот на формализација. Во рамки на оваа цел предвидени се мерки за изградба на институционална инфраструктура за детектирање, следење и давање насоки за адресирање на неформалните активности, меѓуинституционална соработка, обезбедување статистички податоци и показатели за неформалната економија кои ќе се користат за редовно следење на сивата економија, како и дигитализација на процесите. Исто така, засилено се работи на унaпредување на регулаторната рамка особено во делот на работните односи (донесени се Законот за работните односи и подзаконските акти, измени и дополнувања на Законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност, Законот за поштенски услуги, Законот за електронска трговија, направена е анализа за лиценцирање одредени дејности, подзаконски акти за поедноставено работно ангажирање сезонски, повремени и привремени работници во земјоделието, туризмот, угостителството и услужните дејности, како и воведување ИД картички во градежништвото и имплементација на проектот „е-фактура“). Една од предвидените мерки за јакнење на капацитетите на институциите е и вклучување на локалната самоупрaва во формализација на неформалната економија.
Воспоставен е и Национален совет за координација на активностите и следење на имплементацијата на Акцискиот план кон Стратегијата за формализирање на неформалната економија. Ова меѓуресорско, меѓуинституционално тело се состои од 20 членови, претставници на највисоко ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија, односно вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, министрите за економија, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, транспорт и врски, првите луѓе на Управата за јавни приходи, Царинската управа, Бирото за јавни набавки, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Централниот регистар на РСМ, Инспекцискиот совет, Државниот завод за статистика и гувернерот на Народната банка, додека со телото претседава и го координира министерот за финансии.
Со цел олеснување на административните процедури за функционирање во формалниот сектор, како и намалување на трошоците за основање микро и мали компании една од мерките е воспоставување канцеларии/центри за правно и економско советување за регистрирање микро и мали компании и отпочнување со бизнис активности во формалниот сектор. Подготвен е и предлог за стимулативна мерка за користењето регистрирани економски субјекти и работници кои даваат услуги за домаќинствата (лични услуги и услуги во домаќинството) и за другите економски субјекти.
И понатаму ќе се работи на унапредување на ефективноста и ефикасноста на инспекциските служби во детектирањето и спречувањето деловни активности во неформалниот сектор, преку функционална платформа за евидентирање инспекциски надзори односно е-инспектор, со вклучување на сите инспекциски служби и со понатамошно јакнење на капацитетите преку обуки и редовните контроли.
Втората област на која интензивно ќе се работи е „Јакнењето на свеста за сивата економија, даночниот морал и довербата во институциите“. Дел од овие активности ќе се одвиваат преку веќе постоечката платформа vnesiboja.mk. Се работи и на едукација на општата јавност, со помош на различни алатки, за разорното дејство на сивата економија. Во насока на зголемување на довербата на граѓаните и фирмите во институциите и понатаму ќе се јакне транспарентноста и отчетноста на институциите, но и предвидливоста во подготовката на законските решенија што е од особено значење за бизнис-заедницата.
Да „внесеме боја“ во иднината на нашата земја
Ова е навистина амбициозна агенда, но со заедничка свест и напори, ние граѓаните можеме да ја реализираме, односно да „внесеме боја“ во сивата економија, но и во иднината и во просперитетот на државата. Честопати зборувајќи за сивата економија го споменувам оној познат цитат на американскиот претседател Кенеди „Не прашувајте што може вашата држава да направи за вас, туку што можете да направите вие за неа“. Во борбата со сивата економија, правејќи подобро за сите правиме подобро и за себе и за своите деца и внуци, кои ќе имаат поубави услови за живот благодарение на нашите постапки денес. Градењето функционален систем е како градење куќа – ако столбовите се силни, ѕидовите немаат дупки и покривот не прокиснува, нема да имаме проблеми ни лете ни зиме. Сега ја завршуваме куќата во која ќе живеат идните генерации. Ајде сите заедно да ја направиме цврста!