15 април 2023, Скопје – Агенцијата „Фич“ го ревидираше изгледот на кредитниот рејтинг на земјава од негативен во стабилен, давајќи потврда на политиките што се спроведуваат.
Од Агенцијата нотираат дека отпорноста на домашната економија кон влијанијата на глобалната пандемија и конфликтот во Украина, како и макроекономската стабилност која се одржува со кредибилна и кохерентна финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс овозможија РС Македонија да добие кредитен рејтинг „ББ+“ со подобрен изглед од негативен во стабилен.
За РС Македонија ревидирањето на изгледот на кредитниот рејтинг од негативен во стабилен е особено значајно бидејќи претставува потврда за спроведувањето на добри политики во услови на глобална ценовна и енергетска криза.
Во извештајот „Фич“ го истакнува намалувањето на буџетскиот дефицит на 4,5% од БДП во 2022 година од 5,4% во 2021 година како клучен фактор за стабилниот изглед. Очекувањата на Агенцијата се дека дефицитот дополнително ќе се намали при што во 2024 година ќе достигне 3,2% од БДП како резултат на намалување на мерките за енергетската криза, даночните прилагодувања, како и заживувањето на економијата.
Според „Фич“, позитивен придонес кон зајакнување на фискалната консолидација, што би придонело кон намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на долгот, ќе даде поддршката на ММФ преку Инструментот за ликвидност и претпазливост.
Дополнително, Агенцијата очекува ублажувањето на цените на храната и енергијата да ја намали инфлацијата на 4,1% во 2024 година.
Од Агенцијата нотираат дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, што може позитивно да влијае на зголемување на рејтингот во иднина.
Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што пак понатаму има влијание врз зголемувањето на економскиот раст, зголемувањето на извозот, како и врз зголемувањето на вработеноста и на платите.