Компоненти на финансиското управување и контрола се:

  • контролна средина;
  • управување со ризиците;
  • контроли;
  • информации и комуникации; и
  • мониторинг

Контролна средина

Контролната средина е темел на целокупниот систем на внатрешни контроли. Таа обезбедува дисциплина во организацијата, како и клима која влијае на општиот квалитет на внатрешните контроли. Влијае на утврдување на стратегијата и целите, односно врз контролните активности на организацијата. Контролната средина и дава тон на организацијата и влијае на свеста на вработените за важноста на контролата. Контролната средина опфаќа: личен и професионален интегритет и етички вредности на раководителот и вработените во субјектот; филозофија и стил на работење на раководителот; организациона структура; политика и пракса на управување со човечките ресурси; и компетентност на вработените.

Управување со ризиците

Управување со ризиците е процес на утврдување и анализирање на релевантните ризици кои можат негативно да влијаат на остварувањето на целите на организацијата и одредување соодветни против мерки. Проценката на ризикот вклучува: утврдување на ризиците, нивно вреднување, рангирање на ризиците и одредување на одговори на ризиците, односно воспоставување на контроли.

Контроли

Контролите се темелат на политиките и процедурите кои се воведуваат и применуваат за обезбедување остварување на целите, односно управување со ризиците. Тие ги опфаќаат: постапките за одобрување; постапките за давање на овластување и одговорности, поделба на должностите; систем на двоен потпис; правила кои обезбедуваат заштита на имотот и информациите; постапки за целосно, точно, правилно и ажурно евидентирање на сите работни трансакции; постапки за управување со човечки ресурси и друго.

Заради постигнување на ефикасност контролите треба да бидат соодветни, да функционираат цело време конзистентно во согласност со планот и треба да бидат поставени според трошоци / ефект принципот, треба да бидат сеопфатни, разумни и поврзани со општите цели на буџетскиот корисник. Контролите се спроведуваат во целата организација, на сите нивоа и кај сите функции на буџетскиот корисник.

Информации и комуникации

Ефективни информации и комуникации се неопходни за водење и контрола на работењето. Раководителите треба да обезбедат релевантна, доверлива и навремена комуникација поврзана со внатрешни и надворешни случувања. Способноста за донесување на соодветни одлуки зависи од квалитетот на информациите што подразбира дека информациите треба да бидат соодветни, навремени, важечки, точни и достапни.

Мониторинг

Со оглед на тоа дека внатрешната контрола е динамичен процес кој треба постојано да се прилагодува на ризиците и настанатите промени со кои се соочува буџетскиот корисник, мониторингот и проценка на системот на внатрешни контроли е неопходен за да се обезбеди негова усогласеност со променливите цели, средината, ресурсите и ризиците. Мониторингот и проценката се извршува преку постојано следење (рутински активности). посебно (одвоено) вреднување и комбинација од овие две активности.

Компонентите (стандардите) за внатрешна контрола го одредуваат препорачаниот пристап за развој на внатрешната контрола и ги даваат основите врз кои внатрешната контрола може да се проценува. Начинот на кој ова ќе се примени зависи пред се од специфичностите на организацијата, ризиците и одлуките на раководителот на институцијата. Секој од буџетските корисници би требало да дизајнира сопствен систем за внатрешни контроли во зависност од своите потреби и средината.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Comments are closed.