17 септември 2019, Скопје – Соединетите Американски Држави се 25 години вистински пријател на Република Северна Македонија, кој на дело ја покажува важноста на градењето на мостови меѓу државите. И иако не се само бројките тие што ја покажуваат посветеноста на народот на САД на просперитот на партнерската држава на Балканот, тие се импресивни, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на првата официјална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Мари Брнз.
– САД преку УСАИД имаат инвестирано 640 милиони долари во програми кои создадоа нови работни места, поддржаа слободни и фер избори, ги подобрија меѓуетничките односи и придонесоа за вклучување на маргинализирани и ранливи групи – посочи министерката.
Неодамна Република Северна Македонија ја доби и втората транша од 11 милиони долари од грантот од САД кој изнeсува 25,5 милиони долари и е наменет за развој. Проектите реализирани во овие рамки имаат за цел да се подобри пристапот до финансии за микро, малите и средни претпријатија, како и да се обезбеди поголема енергетска сигурност. Дел од средствата се насочени кон помош во градење на капацитетите на извршната власт и кон зголемување на вклученоста на маргинализираните групи во општеството.
Министерката нагласи дека како човек кој доаѓа од приватниот сектор, гледа на овој проект како значајна алатка која им помага на фирмите да станат поконкурентни.
Министерката Ангеловска го реафирмираше значењето на поддршката на САД во интеграцијата на нашата земја во НАТО и ЕУ и очекувањето за поттикнување на економскиот раст. На средбата беше разговарано и за други клучни прашања од македонско – американската соработка.
Амбасадорката Брнз го поздрави позитивниот и енергичен став на министерката како пристап со кој навистина може да се менуваат институциите и целокупната култура на работење.