Скопје, 22 септември 2012 (МИА) – Македонскиот банкарски сектор ја задржа својата стабилност, одржувајќи висока солвентност и ливквидност и покрај неизвесноста со должничката криза во ЕУ. Стрес тестовите покажуваат дека македонските банки би издржале и најлоши сценарија.
Ова го заклучи денеска Комитетот за финансиската стабилност кој ги разгледуваше најновите движења во банкарскиот систем на Македонија.
– Македонскиот банкарски систем покажува исклучителна стабилност. Адекваноста на капиталот е зголемена на 17,5 проценти, а високо ликвидната актива во вкупната актива на банкарскиот сектор достигна 31,5 поценти во првиот квартал на оваа година, рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов кој рече дека ова покажува оти има доста голема стабилност на банкарскито систем и отпорност на шокови. Тој додаде дека стрес тест симулациите покажуваат оти и при најцрни сценарија македонскиот банкарски систем не ја намалува адекваноста на капиталот, односно дека ниту една банка не ја намалува адекваноста на капиталот под законскиот минимум од 8 проценти.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, добро е што и во услови на зголемен ризик во европската економија македонскиот банкарски сектор ја задржува стабилноста, а добро е и тоа што растат депозитите, односно показател за довербата на населението и фирмите во стабилноста на банкарскиот систем е фактот што во вакви околности има умерен пораст на депозитите кај банките. Тоа, како што додаде, го потврдува и високата ликвидност на банките и стапките на адекваност на капиталот што од друга страна е показател дека добар дел од капиталот на банките може да се доискористи во насока на зголемување на кредитната активност за добри и добро таргетирани квалитетни проекти кои ќе помогнат македонското стопанство и граѓаните полесно да ја пребродат ситуацијата во која се наоѓаме поради последиците од случувањата во Европа.
Значајно, смета министерот, е што симулациите за евентуални сценарија за развој на ситуацијата со повеќе варијатни покажуваат дека нема ниту една банка во Македонија што би дошла во критична ситуација и оти и граѓаните и фирмите може да бидат спокојни од тој аспект во однос на стабилноста и сигурноста на нивните депозити.
Комитетот заклучува дека македонскиот банкарски систем нема речиси никаква зависност од изворите на финансирање од странските финансиски пазари, што ја минимизира опасноста за прелевање на тековните кризни случувања во евро-зоната во домашниот банкарски сектор. Според податоците НБРМ и Министерството за финансии, активностите на банките продолжија да растат и во првите месеци од 2012 година, со слична динамика како и во текот на 2011 година. На 31 март годинава, депозитите достигнаа износ од 237 милијарди денари и во споредба со овој период лани, се зголемени за 9,8 отсто. Растот на кредитите е малку побавен во однос на депозитите и изнесува 8,3 отсто. Банките одржуваа стабилна ликвидност, а показателите за ликвидноста се зголемени. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесува 31,5 отсто. Исто така, зголемена е и покриеноста на депозитите на населението со ликвидната актива, која на крајот на март изнесуваше 61%. Сите банки ги исполнуваат пропишаните минимални стапки на ликвидност во висина од 1, а стрес-тест симулациите покажуваат отпорност на банкарскиот систем на ликвидносни шокови.
Во 2011 година, нивото на ризици на кои се изложени банките во своето работење се задржа во контролирани рамки. Комитетот заклучува дека е забележано одредено зголемување на кредитниот ризик, но конзервативноста и внимателноста како на регулативата, така и на банките обезбедуваат целосна покриеност на „лошите“ кредити со издвоените резервации. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на крајот на март 2012 година изнесува 9,9 отсто.