Скопје, 30 октомври 2015 (МИА) – Банкарскиот сектор во Македонија е стабилен. Депозитниот потенцијал на банките е 4,7 милиони евра и тој постојано расте. Растот во септември на годишно ниво изнесува 6 проценти, но штедните влогови, особено на населението, се намалени под влијание на двата шока годинава од политички аспект.

Ова беше истакнато денес по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври, кое веќе 17 години го одбележува Здружението на банкарството при Стопанска комора на Македонија.

–  Штедењето е клучниот столб на стабилноста на финансискиот систем и сите ние заедно, Владата, Народна банка и банкарите сме задолжени да одржуваме услови кои ќе овозможат штедењето да расте и стабилноста и сигурноста во штедењето на граѓаните да се зголемува од година во година. Тоа може да се случи само ако секој во својот дел одржува добри услови, порача вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Додаде дека растот на депозитниот потенцијал е 6 проценти на годишно ниво и дека кај компаниите тој раст е речиси 7 проценти, што потврдува дека корпоративниот сектор финансиски добро стои.

Според него, добро е што кај денарските депозити има констатно поголем раст кој изнесува 8,5 проценти и што укажува дека е голема сигурноста, стабилноста и довербата во домашната валута независно од сите политички случувања и оти граѓаните искажуваа висок степен на доверба во домашната валута.

Денарските депозити, според податоците што ги презентира, изнесуваат 56 проценти од вкупните депозити и во овој дел Македонија е добар пример во регионот и целокупното окружување, имајќи ги предвид состојбите во европската економија и случувањата во Грција, што, како што посочи Ставрески, покажува дека заеднички, со прудентни политики и координирани активности на сите чинители, може да се постигнат добри резултати.

Потенцира дека банките имаат константно подобрување на капацитетот на состојбите во делот на прибирање на депозитите и пласирање на средствата. Тоа, смета, е и одговорност на менаџментот на банките прибраните заштеди да ги претворат во инвестиции и на тој начин да се зголеми нивото на кредитирање што е клучно за развој на економијата.

Кредитите, како што рече, бележат раст од 9,1 процент, при што кај населението тој процент е 12,7, а кај претпријатијата 6,8 отсто.

Истакна дека во иднина се очекува постабилен период и да се продолжи со добрите тенденции на привлекување уште повеќе депозити.

Гувернерот на Народна банка на Република Македонија Димитар Богов посочи дека банкарскиот сектор ја задржа стабилноста, но се случија два шока кои влијаеја на довербата, што се гледа во податоците.

– Македонските граѓани имаат традиција и навика на штедење и штедењето постојано расте. Така, во септември има раст од 5 проценти споредено со лани. Тоа е солиден пораст, но ако споредиме колку беше во септември минатата година ќе видиме дека тогаш растеше со 8 проценти. Ако споредиме со декември минатата година, ќе видиме дека новиот пораст оваа година изнесува 3,6 милијарди денари, што можеби изгледа високо, но во првите девет месеци од минатата година изнесуваше 10 милијарди. Значи, има еден дел кој недостасува и тоа штедење не исчезнало туку е кај граѓаните и недостасува во банкарскиот сектор, истакна Богов и ги повика банките да се обидат да го вратат тоа штедење во банкарските канали.

Претседателот на Здружението на банкарство при Стопанска комора на Македонија Ѓорги Јанчоски истакна дека довербата во банките се зголемува, но оти и банките нудат интересни продукти кои ги користат и претпријатијата и граѓаните.

Истакна дека банките не престанале со кредитирање добри проекти кои мислат дека се сигурни и оти капиталот оди таму каде што има принос.

Светскиот ден на штедење во Република Македонија се одбележува од 1999 година.

Comments are closed.