Вашингтон, 22 април 2010 (МИА) – Македонска делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески од денеска до недела ќе учествува на редовните пролетни средби на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон.

 

Како што јави известувачот на МИА, предвидено е Ставрески да се сретне со потпретседателот на Светска банка Филип Леру, со директорката за Македонија Џејн Армитаџ, со извршниот директор на Холандската конституенца при СБ Рудолф Јан Треферс, како и со високи претставници од ММФ, Марек Белка, Вес Мек Гру и Ејџ Бакер.

 

Фокусот на разговорите ќе биде тековната и идната соработка на Македонија со двете институции. Во рамки на пролетните средби, предвидено е да се доделат и наградите за десетте земји – топ реформатори според „Дуинг бизнис“, меѓу кои, Македонија е рангирана на високото трето место.

 

На редовните состаноци што секоја година напролет ги организираат Светската банка и ММФ присуствуваат министри за финансии и гувернери на централните банки од сите земји, членки на овие две меѓународни финансиски институции. Се разгледуваат и дискутираат најактуелните случувања во светски економски рамки.(МИА)

 

Comments are closed.