Скопје, 3 ноември 2012 (МИА) – Владата на Република Македонија синоќа на седница го усвои Предлог-буџетот за 2013 година.
Во Предлог-буџетот вкупните приходи се предвидени на 147 милијарди и 957 милиони денари, додека вкупните расходи на ниво од 165 милијарди 652 милиони денари со тоа што буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 отсто од Бруто домашниот производ.
– Како Влада сметаме дека во очекување на забавено заздравување на европската и на македонската економија ваквото ниво на буџетски дефицит е разумно и неопходно од аспект на одржување соодветно ниво на фискален стимул за македонската економија, имајќи предвид дека во 2013 година во рамки буџетот се вклучува и порастот на инвестициите, пензиите, социјалните надоместоци и субвенциите за земјоделците, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Буџетот за 2013 е проектиран на прогноза на 2 отсто раст на БДП, инфлација од 3,5 отсто и бруто инвестиции од 6 отсто. Девизните резерви ќе останат на високо ниво, а девизниот курс ќе остане стабилен при што, потенцира Ставрески, монетарната и фискалната политика ќе бидат во функција на одржување стабилно ниво на девизен курс, а со тоа и ценовна стабилност како крајна цел на монетарната политика.
– Предлог-буџетот за 2013 година е испланиран реално и претставува соодветен одговор на европската криза и случувањата во евро зоната, посочи Ставрески.
Тој нагласи дека планираните макроекономски претпоставки се дека македонската економија во текот на следната година ќе оствари умерен раст на активноста на Бруто домашниот производ од околу 2 проценти што е повисок од растот на просекот на евро зоната, но е помалку, посочи од потенцијалниот раст на македонската економија.
Бруто инвестициите ќе остварат реална стапка на раст од околу 6 проценти, а умерен мал раст се очекува да има и личната потреошувачка од 1,5 проценти. Увозот и извозот во 2013 година ќе имаат приближно ист раст од околу 5,3 увозот односно 5,7 проценти извозот.
Ставрески истакна дека умерен раст од 3,5 проценти се очекува да оствари и градежништвото, како и бавно заздравување на реалниот сектор при што реалната стапка на раст на индустриското производство е проектирно на 2,3 п роценти, земјоделското производство има прилижно ист раст и услужниот сектор со раст од 1,7 проценти. Во рамки на планираното ниво на расходи, појасни, ќе продолжи трендот на високо ниво на капитални расходи карактеристични за последните години односно е за околу 10,4 проценти повисоко во однос на оваа година. Расходите за стоки и услуги се планирани на ниво од 17 милијарди 256 милиони денари, а предвидено е значително зголемување на здравствените програми. Кај социјалните трансфери, укажа Ставрески, предвидени на ниво од 74 милијарди и 340 милиони денари предвидено е и 5 процентно зголемување на пензиите, почнувајќи од март 2013 година, како и 5 проценти зголемување на социјалната помош почнувајќи од истиот период.
Предвидени се и 135 милиони евра од буџетот за субвенции за земјоделците, во кои се вклучени и дополнителни средства за рурален развој.
Во рамки на капиталните расходи, потенцира вицепремиерот, издвоени се средства за неколку крупни инфраструктурни проекти пред се започнувањето на изградбата на преостанатиот дел од автопатот на Коридорот 10, интензивирање на проектот за автопатот Демир Капија-Смоквица, како и инвестиции во делот на железничката инфраструктура, Куманово-Бељаковце и ремонт на Коридорот 10.
За енергетската област и комуналната инфраструктура предвидени се инвестиции во износ од 2 милијарди и 51 милион денари, при што е предвидено да се интензивираат активностите околу гасоводниот систем, финансирање на изградба на канализациони и водоводни системи во повеќе општини.
За технолошко индустриските развојни зони, информира министерот Ставрески, како еден од приоритетите на Владата, планирани се средства во износ од 413 милиони денари.
Во Предлог-буџетот за здравството се планирани инвестиции од околу 2 милијарди 164 милиони денари, кои главно се однесуваат за проектот за изградба и реконструкција на Јавните здравствени установи, финансиран од Банката за развој на Советот на Европа и од буџетски средства.
На ниво од околу 1 милијарда и 909 милиони денари се планирани средства за областа на образованието, детската заштита, спортот односно наменети за изградба на основни и средни училишта, детски градинки и училишни и спортски сали, реконструкција и изградба на студентски домови, опремување на универзитетите, набавка на современа лабораториска опрема и инвестиции во спортската инфраструктура.
Буџетскиот дефицит ќе биде финансисран од надворешно и домашно финансирање, подвлече Ставрески и појасни дека во рамки на надворешното ќе бидат повлечени и искористени средствата од Светската банка, кои се гарантирани, но ќе бидат обезбедени од деловни банки во висина од 220 до 250 милиони евра. Домашното финансирање, преку емисија на домашни обврзници, се очекува акцентот да биде ставен на подолгорочно емитување на обврзници на рок од 12 месеци, 3 години и 5 години.
– Ваквото умерено ниво на буџетски дефицит на краток рок ќе помогне македонската економија полесно да ја преброди европската криза и последиците од неа, а долгорочно гледано преку консолидација на буџетскиот дефицит Република Македонија ќе продолжи да одржува ниско ниво на јавен долг, што е една од карактеристиките на нашата земја. Тука ќе останеме на таа политика Македонија да биде меѓу најуспешните земји на одржување на ниско ниво на долгот, смета вицепремиерот и министер за финансии Ставрески.