Скопје, 4 април 2012 (МИА) – Владата во наредните 10 дена ќе направи ребаланс на Буџетот со кој ќе има намалување за пет отсто. Причина е продлабочувањето на европската криза на крајот на 2011 и почетокот на 2012 година и временските услови во првите два месеца кои влијаеа на намалување на економската активност на претпријатијата и потрошувачката на граѓаните.

 

Ова го соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој посочи дека целта на ребалансот е да се подобри ликводноста на Буџетот и да се задржат ниските даноци.

 

– Со ребалансот ќе се подобри ликвидноста на Буџетот. Со него ќе се сообрази она што е реализација во првите три месеци со очекувања дека до крајот на годината ќе има стабилизирање на економската активност и буџетските приходи соодветно, но она што се случуваше во првите месеци од годината под влијание на европката економска криза ќе остави одраз врз вкупните буџетски приходи за целата година, изјави Ставрески. Тој додаде дека се очекува индустријата, градежништвото, земјоделството, сообраќајот, хотелиерството и туризмот да придонесат за постабилно одвивање на економската активност, а со тоа и реализација на планираните приходи.

 

Потенцира дека зголемувањето на даноците, што ја применија повеќето европски земји наместо да ги намалат буџетските дефицити, не е добра мерка и оти таа ќе придонесе кон зголемување на трошоците за стопанството и ќе биде директен удар врз граѓаните.

 

– Зголемување на даноците е мерка што ја применија 25 од 27 држави во ЕУ. Наместо да кратат на расходната страна се одлучија да зголемуваат даноци за да ги намалат буџетските дефицити. Ставот на Владата е дека зголемувањето на даноците не е добра мерка ниту во добри економски времиња, а камоли во вакви времиња кога се уште европската криза не е завршена. Тоа би значело зголемување на трошоците за стопанството и директен удар врз граѓаните што дополнително би ја намалило економската активност така што и по таа основа не би имале дополнителни приходи во Буџетот, истакна Ставрески.

 

Тој посочи дека буџетскиот дефицит ќе остане на исто ниво, односно како што е проектиран на 2,5 проценти. Токму тоа, рече Ставрески, е една од клучните придобивки на фискалната политика во изминатиот период, а тоа е ниското ниво на буџетски дефицит и тоа е значаен индикатор за домашните и странски инвеститори.

 

Соодветно на корекција на Буџетот ќе има промена и на проекциите за економската активност на државата, односно на растот на БДП. Во моментот се прави анализа и се очекува до крајот на следната недела да биде завршена.

 

Со ребалансот ќе бидат опфатени сите сегменти, освен пензиите, платите, социјалните надомести и субвенциите за земјоделството. За капиталните проекти, рече дека ќе се внимава на динамиката на реализацијата и ќе има намалување кај оние кои доцнат.

 

– Ќе настојуваме што помалку да се наруши динамиката на реализацијата на капиталните проекти, изави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

 

Со ребаланост не е предвидено намалување на бројот на вработените во администрацијата. Средствата од дивидендата од Телекомот се планирани и ќе се користат за сите буџетски потреби.

 

Во првите три месесеци, како што истакна Ставрески, вкупните буџетски приходи се повисоки за 1,2 проценти во однос на лани, но се за 9 проценти пониски од планираните. Намалувањето на Буџетот со ребалансот ќе изнесува од 7 до 7,5 милијарди денари.

 

Comments are closed.