Прилеп, 28 ноември 2014 (МИА) – Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за животна средина Нурхан Изаири и шефот на мисијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав, денес во Прилеп присуствуваа на промоцијата на големиот Проект за заштита на животната средина финансиран од ИПА фондовите и од државата.
Проектот опфаќа обнова на 65 километри од канализациската мрежа во градот, за чија изградба се вложуваат 16 милиони евра и уште 10 милиони евра за
изградба на пречистителна станица којашто ќе ги третира отпадните води, а ќе се гради на периферијата на Прилеп.
Според Ставрески, ова е капитален проект за заштита на животната средина и прв од таков вид во Македонија што се гради од ИПА фондовите.
– Вкупната вредност на Проектот покажува дека остануваме посветени на реализација на проектите кои им ги ветивме на граѓаните, а тоа е изградба на канализациска мрежа и на пречистителна станица, со што ќе се прочистуваат водите и ќе има правилен третман на тие води, со цел да се подобри квалитетот на животот на граѓаните на општина Прилеп, рече Ставрески.
Според министерот за животна средина Нурхан Изаири, овој Проект ќе ја заштити почвата и целата околина во овој дел на Пелагонија.
– Заштитата на почвата и водите е многу битно за целиот регион, вели Нурхан Изаири.
Евроамбасадорот Орав истакна дека во приоритетите на ЕУ е заштитата на животната средина и подобрување на животот на населението. За овој вид проекти, Унијата целосно ја поддржува Македонија.
– Овој Проект што се финансира од претпристапните ИПА фондови, во перспектива ќе придонесе кон решавање на долгогодишните проблеми на локалното население во поглед на заштита на здравјето, но и на правилниот третман на отпадните води, вели Орав.
За градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, градот доби променета канализациска мрежа во 95 отсто, а се урбанизираат и 70 улици. Бенефитот е и за земјоделците.
– Голем бенефит ќе имаат и самите земјоделци во Прилепско поле, кои ги наводнуваат своите земјоделски производи од градската река, кои сега ќе бидат по највисоки еколошки стандарди за сите пазари во Европа и светот, вели Ристески.
Од ЈКП „Водовод и канализација“ кое стопанисува со Проектот информираат дека изградбата на канализациската мрежа од првата фаза во должина од 23 километри треба да заврши в година, а до 2017 ќе биде готова и втората фаза која ќе опфати 42 километри од мрежата. Паралелно со тоа, на периферијата од градот ќе се гради и пречистителна станица, која треба да биде готова во 2017 година.
Градоначалникот Ристески со гостите беше во обиколка на градежните зафати на улиците во населбата Тризла каде се работи на промена на канализациската мрежа.