Скопје, 27 февруари 2012 (МИА) – Разгледување на проектот за гасификација на Република Македонија, определување приоритети во патната инфраструктура и преструктуирање на проектот за концесија на Коридорот 8 се двете точки кои се разгледаа на денешната редовна седница на владиниот Економски совет.

 

– Во однос на гасификацијата, Економскиот совет донесе одлука дека Република Македонија треба да го реализира како приоритетен правецот од Клечовце преку Штип до ТЕЦ Неготино со средствата кои се обезбедени од Клириншкиот долг, односно од средствата кои Русија и ги должи на Македонија. Намерата е со првиот крак што ќе се изгради од гасоводот да опфатиме околу 96 километри должина на делница која е стратешки значајна за да се донесе гас до централното подрачје на Македонија, да се донесе енергенс  кој е еколошки чист и на тој начин да се создадат услови за трансформација на ТЕЦ Неготино од мазут, како што сега работи на гас, изјави по седницата вицепремиерот и министер за финасии Зоран Ставрески.

 

Доколку има интерес од концесионери, потенцира, на локација која е веднаш до сегашната термоелектрана Неготино, во иднина ќе се понуди изградба на уште една електрана на гас.

 

– Веќе имаме конкретна понуда од руска компанија, која од страна на Владата на Руската федерација е определена за партнер на Македонија во реализацијата на овој проект, што значи дека веќе е завршена фазата  на технички разговори, каде ќе минува трасата и колку ќе чини. Сега Владата се определи за оваа траса како приоритетна, а во понатамошните фази ќе се реализираат и останатите траси од магистралниот гасовод кои ќе ја опфатат делницата што ќе помунува преку Хамзали,  Струмица, Валандово  до границата со Грција, како и делот од Скопје, Тетово, Гостивар во однос на кои средства ќе добиеме од Европската банка за обнова и развој до крајот на следната година, истакна Ставрески. Со Европската банка за обнова и развој, како што рече, Владата е во преговори, се прават студии, како и документација која е неопходна. – Но, веќе имаме согласност од Европската банка за финансирање на тие делници, потенцира Ставрески.

 

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше дека Економскиот совет ги разгледал можните варијанти за понатамошна изградба на патните правци кои биле дел од концесиите во Македонија.

 

– Во однос на патниот правец Гостивар-Кичево беше заклучено да се оди повторно со концесија на патиштата, согласно сообраќајот и оваа делница се смета дека е најповолна. За патниот правец Кичево-Охрид кој е постојан магистрален мат како приоритет се зема дека во оваа фаза е неопходно да се направи рехабилитација со проширување, што значи дека во најголем дел од самиот патен правец ќе има проширување со една лента, рече Јанакиески.

 

Во однос на патниот правец Скопје-Блаце, истакна, одлучено е да се контактира со Министерството за транспорт и со други релевантни институции од Косово и заеднички да се настапи пред меѓународните финансиски институции, пред се за концесија, а доколку не успее концесијата да се оди со обезбедување на средства од меѓународни финансиски институции.

 

За патниот правец Куманово-Деве Баир-граница со Бугарија, исто така заклучено е  да се оди со проширување и реконструкција. Во однос на патниот правец Штип-Свети Николе, рече Јанакиески, одлучено е да се оди со задолжување кај меѓународни финансиски институции.

 

– Во наредниот период ќе продолжиме со соработка со Министерството за финансии. Веќе имаме доставено апликација до Европската банка за обнова и развој да ни помогне при финалната анализа и понатамошно обезбедување средства за реализација на овие цели на Владата, рече Јанакиески.

 

Comments are closed.