Државата го намали домашното задолжување по основ на државни записи за околу 15 милиони евра, на нето основа, соопшти Министерството за финансии.
 
Оттаму информираат дека денеска е одржана аукција на три и шестмесечни државни записи во вкупен износ од 2,9 милијарди денари, по каматна стапка од 4,2 проценти, односно 4,1 проценти и оти утре, за враќање по основ на веќе издадени записи, ќе бидат исплатени околу 3,8 милијарди денари, односно износот на презапишаните записи е намален за 24 отсто.
 
– На овој начин, со постепено намалување на сумата на презапишаните записи, Министерството за финансии го одржува своето ветување кон бизнис заедницата, а при тоа да не предизвика нарушување на пазарот на капитал и хартии од вредност во земјава. Министерството за финансии останува посветено на определбата за подобрување на ликвидноста на стопанството, нарушена од влијанието на светската економска криза, се вели во соопштението.(МИА)