Виена, 28 јуни 2011 (МИА) – Скопје, Битола и Тетово се рангирани меѓу најдобрите бизнис дестинации од 22 града во седум држави во Југоисточна Европа. Во најновиот извештај на Светска банка Дуинг бизнис 2011, што беше денеска презентиран во Виена, овие три македонски града го зазедоа првото, третото и петото место.

 

– Македонските градови и Македонија се рангирани меѓу најдобрите во ЈИЕ, што е доказ дека меѓу земјите во регионот има најдобра бизнис клима, односно најдобри реформи за подобрување на бизнис климата, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој учествува на конференцијата на која се презентира извештајот Дуинг бизнис за ЈИЕ за 2011 година.

 

Според него, ова е уште една потврда за она што се презема за подобрување на бизнис климата, а рангирањето на 4-то место во светот во извештајот во 2008 и прогласувањето како трет најдобар реформатор во 2010 се показател дека Македонија во континуитет прави добри реформи во однос на бизнис климата.

 

– Ова е уште еден извештај кој заедно со оние од 2008 и 2010 година, потврдува дека во континуитет Македонија прави добри реформи во однос на бизнис климата. Како резултат на тие реформи Македонија успеа во 2007 и 2008 година да ги оствари најдобрите економски резултати со највисоко ниво на инвестиции од над 1,2 милијарди евра и висок економски раст од 5,5 проценти во просек. Во 2009 и 2010 година кога дојде светската економска криза овие реформи ја направија македонската економија да биде поотпорна на кризата да може македонските компнии да ја преживеат кризата и еве 2011 година кога кризата веќе завшува да почнеме повторно да остваруваме економски раст. Потврда за тоа се резултатите од првиот кавартал од оваа година во кој Македонија има петти најдобар резултат во Европа со пораст на БДП од над 5 проценти, истакна Ставрески.

 

Извештајот Дуинг бизнис ги мери реформите во четири области. Првата е во започнувањето бизнис каде, како што рече министерот, апсолутно стоиме најдобро во регионот и сме на 5-то место во светот.

 

– Потребни се само три дена за да почне компанија да работи во Макдонија при што самото регистрирање на компанијата може да се направи за четири часа. И тоа е најдобриот резултат во целиот свет, посочи Ставрески. Во однос на вториот индикатор за добивањето дозволи за градба, Македонија има исто така напредок, особено во делот на скратување на процедурите за градба.

 

– Со најновите измени процедурите се скратени од 21 на четири за да почне да се гради еден бизнис објект. При што и комуналиите се намалени за 95 проценти, односно изнесуваат само 5 проценти во однос на претходното ниво што Македонија дополнително ќе ја направи уште поконкурентна, истака Ставрески и додаде дека очекува во следниот извештај на Светска банка Дуинг бизнис на национално ниво во овој индикатор да имаме значително подобрување.

 

Тој потенцира дека имаме подобрување и кај индикаторот за регистрирање на имот, односно дека во делот на катастарот каде се забрзани процедурите, воведена е електронска можност за поднесување документи, а намалени се и тарифите на катастарот. Според министерот, во овој дел со проектот со Светска банка има коренити промени во функционирањето на катастарот на подобро и тоа е реформа што исто така е истакнувана како добар пример.

 

Во извештајот и според четвртиот индикатор кој се однесува на извршувањето на договорите, односно во делот кога има комерцијални спорови, во Македонија има подобрување, односно побрзо се завршува еден комерцијален спор и пократко трае постапката, иако како што смета Ставрески, тука има се уште простор за подобрување.

 

– Извештајот е една верификација на добрите политики и реформи што се прават и на национално и на локално ниво во делот на намалаување на процедурите, олеснување на условите за бизнис, намалување на трошоците на компаниите. Секако, овие политики со оглед на тоа дека сме најдобри во регионот, очекуваме и во иднина уште повеќе да дадат резултати во привлеквање инвестиции било тие да се странски било домашни, односно да го отворат оној инвестициски циклус и креирање нови работни места што беше споменато и од креаторот на овој извештај кој рече дека со условите што се во Македонија и резултатите остварени во делот на реформите за бизнис климата се очекува значајно зголемување во следните години на инвестициите и отворање на нови работни места, изјави минитерот Ставрески во Виена.

 

Извештајот што беше денеска презенитран опфаќа 22 града од Македонија, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Молдавија и Албанија.(МИА)

 

Comments are closed.