17 јули 2018, Скопје – Република Македонија ги следи меѓународните стандарди и трендови за спречување даночно затајување и избегнување плаќање данок, истакна заменик-министерката за финансии Ширет Елези на конференцијата од високо ниво, која се одржува во Тбилиси, Грузија, насловена „Подобрување на меѓународната соработка: Борба против даночната евазија“.
Заменик-министерката посочи дека Македонија до крајот на 2019 година ќе ги имплементира стандардите БЕПС (Base Erosion and Profit Shifting). Овие стандарди се однесуваат на намалување на можностите за избегнување плаќање данок преку селење на профитот во таканаречените даночни раеви. Македонија соработува и со Глобалниот форум за транспарентност и размена на информации, рече Елези.
Како правна рамка и основа за спречување даночна евазија, Република Македонија ги користи и договорите за одбегнување двојно оданочување, рече Елези, какви што Македонија има склучено со 48 земји.
На конференцијата од високо ниво учествуваа и министерот за финансии на Грузија Иване Макавариани, гувернерот на Централната банка на Грузија Коба Гвенетаџе, директорот на Центарот за даночна политика при ОЕЦД Паскал Сант-Аман и заменик-министерот за економија и финансии на Албанија Елтон Хаџи. На форумот учествуваат 20 земји со над 60 учесници, претставници на министерства за финансии, народни банки, директори на управи за јавни приходи, претставници на Европската комисија, на Светска банка и на ОЕЦД.