20 септември 2019 година, Скопје – „Имплементацијата на реформите од областите на раководната отчетност, стратешкото и финансиското планирање, финансиската инспекција и квалитетот на системите за внатрешна контрола во јавниот сектор претставуваат сериозен предизвик. Нашата земја интензивно ги спроведува реформите во овие области, со цел унапредување на системите за управување и контрола на јавните средства“, истакна заменик-министерката за финансии Ширет Елези на официјалното затворање на Петтата регионална конференција за јавна внатрешна финансиска контрола која се одржа во Скопје.
На Конференцијата беа разменети искуства во делот на менаџерската отчетност што ќе помогне за остварување на целите во јавниот сектор и јакнење на довербата на граѓаните во јавниот сектор.
„Министерството за финансии, во последните години презеде значителни напори во областите на финансиското управување и котрола, внатрешната ревизија и финансиската инспекција и успешно спроведе активности за создавање предуслови за воспоставување и развој на системот на внатрешна финансиска контрола“, рече заменик-министерката.
На конференцијата свое обраќање имаше и Рејмонд Хил, тим лидер за јавна внатрешна финансиска контрола во Генералниот Директорат за Буџет при Европската Комисија.
„Европската комисија промовира постојана соработка помеѓу сите земји во регионот на Западен Балкан. Овој семинар во Република Северна Македонија беше голем успех и земјите покажаа напредок во подобрувањето на системите за внатрешна контрола. Европската комисија ќе продолжи да обезбедува техничка поддршка за понатамошно спроведување на реформите“, истакна Хил.
Размена на искуства во делот на јавна внатрешна финансиска контрола се од големо значење имајќи предвид дека воспоставувањето ефикасен систем ја зголемува ефикасноста на користењето на јавните средства. Воедно, ефикасното функционирање на системот за јавна внатрешна контрола е многу значајно за домаќинско, одговорно, транспарентно и отчетно работење.
Инаку, во март оваа година Владата на Република Северна Македонија го усвои документот „Политика за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор со Акциски план за перидот 2019-2021“. Станува збор за стратешки документ за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во нашата држава.
Согласно акцискиот план на овој документ, дел од предвидените активности во изминатиот период веќе се спроведени, како што е изготовката на Нацрт-законот за јавна внатрешна финансиска контрола.