26 декември 2018, Скопје – Поголема поддршка за спортот преку системот на ваучери за донации, нови современи одредби кои се однесуваат на трансферните цени и регулирање на даночниот третман на здруженијата на граѓани, се измените и дополнувањата на Законот за данок на добивка. Тие имаат за цел да надминат одредени слабости на постојниот закон и да ја подобрат регулативата, истакна денеска на пленарна седница во Собранието, заменик министерот за финансии Ширет Елези.

-Со предлог измените и дополнувањата се воведува можност даночниот обврзник кој донирал финансиски средства на спортски субјекти врз основа на ваучер добиен од спортскиот субјект, да му се намали пресметаниот данок на добивка во износот на извршената донација, но најмногу до 50% од пресметаниот данок-рече Елези.

Заменик министерот истакна дека со предлог измените се воведуваат нови одредби за трансферните цени, односно цените по кои се вршат трансакциите помеѓу поврзани субјекти, согласно современите препораки на ОЕЦД. Со овие измени, македонското законодавство, посочи таа – се усогласува со највисоките меѓународни стандарди. Исто така се намалуваат и можностите за даночни манипулации, со што се очекуваат и зголемени даночни приходи, на среден рок.

Со предлог измените и дополнувањата се регулира и даночниот третман на здруженијата на граѓани и фондациите.

-Се утврдува дека истите не се обврзници за данокот на добивка, а кога, покрај нивното непрофитно делување, истите во текот на годината оствариле и приходи од вршење стопанска дејност кои надминуваат 1.000.000 денари, во тој случај, тие стануваат обврзници за данокот на вкупен приход, по даночна стапка од 1%, но само за приходите од вршење на стопанска дејност, и само за делот кој надминува 1.000.000 денари-рече Елези.  

Со предлог измените и дополнувањата се менува и третманот на паричните трансферни кои по своја суштина се заеми, односно, се уредува дека позајмици дадени на правни лица резиденти на Република Македонија нема да се оданочуваат со данок на добивка.

Comments are closed.