Вашингтон, 24 октомври (МИА) – Македонија е една од земјите кои најмногу напредуваа во извештајот Дуинг бизнис на светската банка, до 23 местото, и постигна скок кој е невообичаен и кој малку држави успеале да го реализираат, изјави Теа Трумбиќ, од одделението за развој на приватниот сектор во Светската банка.

 

Трумбиќ, која работи на проектот Дуинг бизнис, додава дека резултатите кои Република Македонија ги постигнала се должат на преку 30 реформи кои биле анализирани во изминатите 7-8 години.

 

– Свесни сме дека многу беше сторено. Има преку 30 реформи кои ги анализиравме во Македонија, и тие реформи се навистина од широк спектар, не само административни мерки како што е намалување на трошоците за отворање компании, туку и некои легислативни решенија кои се многу тешки да се реализираат. На пример, навистина се засили легислативата за заштита на инвеститорите и тоа многу влијаеше на македонскиот рејтинг. Видовме дека не се забавуваат работите, дека Владата е посветена на реформи во многу од овие индикатори, на пример со електронското плаќање на даноците, изјави Теа Трумбиќ во разговор со МИА.

 

Македнија е петта на листата на држави кои најмногу ги подобриле своите услови за вршење бизнис во изминатите години. Повисоко од нивната стартна позиција се искачиле само Грузија, Руанда, Белорусија и Буркина Фасо.

 

Трумбиќ вели дека Македонија предничи со спроведените реформи во регионот, меѓу другото со реформите во градежништвото и олеснувањето на регулативата за издавање на градежни дозволи, нешто што е особено тешко да се смени во соседните земји.

 

– Еден индикатор по кој Македонија имаше многу успех, и кој е многу тежок да се подобри во целиот регион, е издавањето дозволи за градба. Во 2005 година во Македонија биле потребни 20 процедури да се добие градежна дозвола, и тоа траело година дена, но во изминатите години спроведени се четири реформи да се подобри тој индикатор и денес се потребни 10 процедури кои траат околу четири месеци. Тоа е релативно ниско за издавање на градежна дозвола, бидејќи сметаме дека сепак е потребно некои регулативи да се спроведат како што треба. Ако споредиме со соседните земји, Србија, Хрватска, сите имаат значително повисоки трошоци за издавање градежни дозволи. Значи, тука видовме значителен напредок, иако по сите индикатори имаме напредок, но овој е еден кој е навистина голем успех во овој регион, вели Трумбиќ.

 

Извештајот Дуинг бизнис ја разгледува регулативната рамка и колку таа е поволна за работењето на малите и средните домашни претпријатија, кои се и основата на економијата. Македонија на листата е пласирана меѓу некои од најслободните економии во светот, како што се Германија, Јапонија, Естонија и Латвија. Како области кои го нарушуваат македонскиот рејтинг на листата, Трумбиќ ги наведува процедурата за поврзување на електричната мрежа и цената на увозот и извозот, за кои вели дека се подобри од соседните држави, но се под нивото на повисокиот ешалон држави меѓу кои Македонија сега се рангира.

 

Таа додава дека овој извештај на Светската банка и на Меѓународната финансиска корпорација не ги мери директните странски инвестиции во рангираните држави, но дека при изработката на годинешниот извештај, утврдиле директна врска меѓу олеснувањето на работата за малите и средни домашни претпријатија и привлекувањето странски инвестиции и економскиот раст во целина.

 

– Знаеме од искуство од други земји дека има силна поврзаност меѓу реформите кои ги олеснуваат регулативите за компаниите и економскиот раст или зголемувањето на вработеноста. Оваа година имаме истражување кое ја гледа поврзаноста на рангирањето на извештајот Дуинг бизнис и странските директни инвестиции и утврдивме дека постои поврзаност.

 

Земјите кои се најдобри на рангирањето на Дуинг бизнис во просек имаат 50 пати повисоко ниво на директни странски инвестиции од земјите кои се во најниските 10 проценти од ранг-листата, вели Трумбиќ.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.