"Очекуваме Македонија да биде забележана на инвестиционата мапа"
"Очекуваме Македонија да биде забележана на инвестиционата мапа"
Глас на Америка: Какви се очекувања од промоцијата на Македонија на еден ваков економски форум во Вашингтон?
Зоран Ставрески: Oчекувањата се дека Македонија ќе биде уште подобро забележана на инвестиционата мапа и дека американските инвеститори подобро ќе ја разберат економската политика и можностите за инвестирање во Македонија.
Глас на Америка: Кои области од македонската економија нудат простор за најголема заработувачка кај потенцијални инвеститори?
Зоран Ставрески: Тоа ќе треба самите инвеститори да го откријат. Мислам дека од интересот на економскиот форум е очигледно дека има доста инвеститори заинтересирани за информационата технологија, за хотелиерството и пазарот на недвижности. Неодамна донесовме одлука за овозможување на директни инвестиции од странски лица во делот на земјиште за градежништво. Очекувам дека има интерес од автомобилските компании. Можам да кажам дека на маргините од форумот имавме контакти со една компанија која е заинтересирана за влез во Македонија. Ни беше кажано дека многу брзо, или до крајот на месецот ќе дојде до потпишување на меморандум за соработка, со што една голема американската компанија од автомобилската индустрија ќе инвестира во Македонија.
Глас на Америка: Како е досегашниот биланс од рамниот данок меѓу домашните стопанственици, но и меѓу странците?
Зоран Ставрески: Билансот е одличен. Воведувањето на рамен данок придонесе и за зголемување на буџетските приходи, иако ја намаливме стапката, но истовремено и за поедноставување на процедурите, што им овозможи на бизнисмените повеќе време и пари да вложат во инвестиции, а не во пополнување формулари или плаќање на давачки кон државата. Сметам дека тоа е потврда за успехот на концептот на рамен данок.
Глас на Америка: Спроти Самитот во Букурешт, дали медиумската кампања „Македонија го заслужува НАТО“ ќе успее да ги убеди земјите во кои грчкото лоби е посилно од македонското?
Зоран Ставрески: Треба да се користат сите инструменти. Треба да се зборува за Македонија, за нашите постигнувања, за заслугите. Ние ги исполнивме сите критериуми што се потребни за членство во НАТО. Сега е потребно лобирање и политичка поддршка од нашите големи партнери, како што се САД и некои други земји.