Заштедите на граѓаните се сигурни во банките
* Што доби Македонија со Вашето претседавање со Годишното собрание на ММФ и на Светската банка?
– Мала земја како Македонија ретко има можност да претседава со големи светски настани. Претседавањето со Генералното собрание на ММФ и на Светската банка за 2008 година беше исклучителна шанса да и’ се даде повисок профил на Македонија, да се претставиме пред стотици водечки банкари, инвеститори и политички влијателни луѓе од целиот свет како земја што има прогрес во реформите, во економијата и во политичката стабилност. Ги искористив моите средби со првите луѓе на ММФ и СБ, Доминик Строс-Кан и Роберт Зелик, за да ги информирам за економските и политичките случувања во Македонија, но и да побарам нивна поддршка. Потенцирав дека остануваме на курсот за влез во НАТО и во ЕУ, но истовремено работиме земјата да има добра бизнис-клима, за да одржуваме висок економски раст, независно колку долго ќе траат тие процеси.
Генерално, со можноста да претседавам со главниот настан во финансискиот свет годинава, Македонија беше издвоена од другите земји на позитивен начин. Главната придобивка беше тоа што ја искористивме шансата да го подобриме имиџот на Македонија во светот, што е значајно од економски, но и од политички аспект.
* Каква е препораката на ММФ и на Светската банка за заштита од кризата?
– Препораката што ММФ и СБ им ја даваше на сите држави, а особено на земјите во развој, е во вакви околности владите да ја зголемат внимателноста и да ги следат состојбите во банкарскиот сектор, реалната економија и во платниот биланс. Нивната порака е дека, доколку е потребно, да се реагира со посебни мерки, тоа треба да се направи навремено, бидејќи така трошоците ќе бидат пониски, а ефектите поголеми.
ГАРАНТИРАНИ ДЕПОЗИТИ
* Дали нашите граѓаните имаат причина за загриженост за своите заштеди во банките?
– Разбирливо, за граѓаните најзначајна е сигурноста на нивните штедни влогови. Прво, Фондот за осигурување на депозити гарантира 100 отсто за штедните влогови до 10.000 евра и 90 отсто за влоговите до 20.000 илјади евра и за оние над 20.000 евра. Второ, штедењето во банките во изминатиот период е значајно зголемено и од него се финансираше кредитната активност. Значи, нашите банки, за разлика од многу други, не зависат од позајмувања од странство и од тој аспект светската банкарска криза многу помалку ги погаѓа. Конечно, конзервативниот однос во одобрувањето на кредити и стриктното инсистирање на Народната банка на Македонија да се почитуваат супервизорските стандарди помогна македонските банки да имаат добро кредитно портфолио. Не постои системски ризик и парите на граѓаните во банките се сигурни.
* Кредитна база на нашите банки се домашните депозити. Сметате ли дека во вакви нестабилни времиња се потребни дополнителни мерки за зајакнување на довербата во нашите банки?
– Точно, нашите банки кредитирањето го финансираат со својата депозитна база. Тие не се потпираат на странски финансиски средства и затоа нема основа за страв од неликвидност, ниту порастот на каматните стапки на пазарите на парите во светот значајно да ги погоди. Од друга страна, извештаите на Народната банка покажуваат дека е висок квалитетот на кредитите што ги даваат банките. Тие располагаат со околу 30 милијарди денари во хартии од вредност на централната банка и на Министерството за финансии и уште 20 милијарди денари во задолжителна резерва во Народната банка. Тоа се 50 милијарди денари на високоликвидни средства, односно половина од износот на вкупните депозити на населението. Девизните резерви на државата се двапати поголеми од вкупните девизни депозити на населението. Не постои системски ризик за штедачите. Се разбира, времињата се такви што очите треба да се држат широко отворени, иако состојбите во Македонија се подобри отколку во повеќето земји од регионот.
* Дали банките сега не одобруваат кредити за граѓаните?
– Прерано е да се каже. Стапката на пораст на кредитите изнесуваше околу 40 отсто и тоа е висок процент. Нормално е во ова време да има позначителна внимателност, а особено од банките. Меѓутоа добрите клиенти, оние што имаат сигурно покритие и понатаму сигурно ќе можат да добијат кредити, било да се работи за претпријатија или за граѓани.
* Што мислите за предлог-мерките на СДСМ за намалување на ефектите од кризата?
– Иако е навидум добро што опозицијата почнала да размислува за кризата, сето тоа звучи хипокритички и неубедливо. СДСМ не покажа никаков капацитет да се справи со која било економска криза во 12 години додека беше на власт, а од друга страна, продуцираше многу кризи, како ТАТ, претпријатија-загубари, стагнантна економија, висока невработеност.
Предложените мерки се и несоодветни и скапи. Несоодветни се бидејќи се парцијални и, како такви, не можат да бидат соодветен одговор на глобалната криза во која се погодени сите сектори. Не е добро да се интервенира само во одделен сектор (намалена цена на струја за одделни фирми, субвенции за транспортери…), бидејќи намалената светска побарувачка не ја погаѓа само металургијата, туку и текстилната индустрија, градежништвото, услужните дејности и многу други сектори.
Истовремено, предложените мерки се скапи. Иако СДСМ не понуди сериозна анализа и квантификација на трошоците, првичната пресметка покажува дека мерките би создале дефицит од најмалку 6 отсто од БДП. Исто така, не се кажува како би се обезбедиле тие средства. Дали можеби предлагаат зголемување на даноците, како што стоеше во нивната изборна програма? Ако е така, тоа не е добра политика за овие времиња.
Владата, заедно со монетарната власт, внимателно ја следи состојбата и развојот на настаните во светот и во земјата. Банкарскиот систем е во добра кондиција и нема опасност од системски ризик, а нивото на покриеност и сигурност на штедните влогови е високо. Во реалниот сектор има потреба од мерки со кои ќе се намалат трошоците на домашните фирми, за полесно да се справат со предизвиците на намалената побарувачка во светот. Мерките што се најсеопфатни и засега најсоодветни се – намалување на придонесите и на каматните стапки. Се разбира, сите политики можат да бидат соодветно приспособени и други мерки можат да бидат применети, доколку е потребно. Предизвиците се сериозни и бараат сериозни решенија.
УЧЕСТВО ВО „БЕЛЕНЕ“
* Ќе ја зголеми ли глобалната криза сиромаштијата во Македонија?
– Доколку финансиската криза предизвика рецесија во најголемите светски економии, тоа ќе предизвика намалување на екстерната побарувачка. Тоа ќе влијае врз извозот и производството на македонската економија, која е во залет и во првата половина од годината оствари стапка на раст од 6 отсто и на вработеноста за околу 3 отсто. Како последица може да дојде до извесно намалување на стапката на раст од привремен карактер, но не треба да се очекува зголемување на сиромаштијата. Растот на македонската економија е поставен на здрави основи, на квалитетни политика и реформи и како таков е одржлив на среден рок. Се разбира, се’ зависи од тоа колку долго ќе трае светската криза.
* Прогнозите на Светската банка се дека глобалната криза со храна и енергенси најтешко ќе ги погоди и ќе ги осиромаши неразвиените и земјите во развој. Како ние ќе се справиме со неа кога сме увозно зависни од двата продукта?
– Цената на нафтата го достигна својот максимум во јули, а на пченицата во првиот квартал на годината. Оттогаш, цените на овие производи се намалуваат. Цената на нафтата деновиве се спушти на околу 70 долари, 52 отсто пониско од рекордното ниво, а цената на пченицата од март до септември се намали за 30 отсто. Тоа веќе се рефлектира врз инфлацијата во Македонија, која се намали од 10 на 7 отсто. До крајот на 2008 година инфлацијата ќе се спушти под 6 отсто, а се очекува в година да се сведе под 4 отсто. Ние сме свесни дека во иднина се можни нови шокови на овие цени и затоа политиката на Владата е насочена кон стимулирање на домашното производство на храна и на енергија. Затоа десеткратно ги зголемивме субвенциите во земјоделството (45 милиони евра годинава), со тенденција за натамошен пораст на 70 милиони евра во 2009 година и понатаму, се’ до ниво од 120 милиони евра годишно.
За зголемување на домашното производство на електрична енергија, започнати се постапките за изградба на неколку хидро и гасни централи и за отворање на нови рудници за јаглен. Размислуваме и за алтернативата за добивање на енергија од нуклеарна централа, со отворени опции за учество во „Белене“ или во домашни капацитети.
* Поради рецесијата во ЕУ и во САД, се очекува намалено тргување во светот. Очекувате ли поради ова да ни се јават проблеми во платниот биланс?
– Македонската економија е мала и отворена, при што извозот и увозот ја надминуваат вредноста на бруто-домашниот производ. Од друга страна, извозот е зависен од увозот, односно домашното производство се потпира на увозни суровини. Затоа, ако дојде до забавување на домашното производство и на извозот, тоа ќе значи и помал увоз на енергија, репроматеријали и на машини и опрема. Во такви услови, дефицитот во платниот биланс ќе остане приближно ист, дури е можно и негово намалување. Во услови на глобална криза, странските директни инвестиции можеби нема да растат со интензитетот што го очекувавме, но и натаму ќе бидат многу повисоки отколку во минатото.
* Се прогнозира дека инвестициите на светско ниво ќе се намалат, ќе опаѓа тргувањето, ќе расте инфлацијата. Дали во вакви времиња ќе беше подобро да имаме аранжман со ММФ?
– Ако во светски рамки има рецесија и се намалуваат инвестициите, тогаш доаѓа до намалување на инфлацијата. Впрочем, во последните неколку месеци инфлацијата се намалуваше во сите развиени економии. Тоа се случува и во Македонија. Што се однесува до ММФ, Македонија и во последните две години не користеше финансиска поддршка од ММФ. Аранжманот што го имавме повеќе служеше за користење на кредибилитетот на ММФ, односно како потврда на политиката на владата. Сметаме дека веќе нема потреба Македонија да „позајмува“ кредибилитет. Нашата економска политика и реформи се потврдени од ММФ и од СБ како едни од најквалитетните во светот. Конечно, земја што има аспирации да го почне процесот на преговори со ЕУ, треба да покаже дека има капацитет самостојно да ја води макроекономската политика. Се разбира, партнерската соработка со Фондот, преку размена на мислења и повремени посети, останува и натаму.
* Владите во светот ги намалуваат и ги пренасочуваат трошоците. Дали Владата планира да ги намали буџетските расходи?
– Напротив, на светско ниво се зголемуваат расходите на владите. Интервенциите на владите на САД, Германија, Франција, Велика Британија, Холандија, Белгија, Луксембург, Исланд за спасување на загрозените банки ќе доведат до зголемување на буџетските расходи. Што се однесува до нашата реакција на новонастанатата ситуација во светот, решивме до крајот на 2008 да не правиме ребаланс и да не ги зголемуваме расходите, односно дефицитот да остане како што беше првобитно планиран. Досега, ние сме всушност во суфицит од околу 1,5 отсто, што значи водиме многу здрава фискална политика. Но, секако не размислуваме да ги намалиме јавните инвестиции, бидејќи тоа се најпродуктивните расходи. Нивното намалување би влијаело негативно врз економскиот раст, а тоа ни е најмалку потребно. Доколку светската економија влезе во рецесија и тоа го забави растот на македонската економија, тогаш јавните инвестиции уште повеќе се потребни за да ја компензираат намалената побарувачка од странство.
За Зелик најубаво е македонското знаме
Личните односи се многу значајни во политиката и во економијата. Верувам дека и понатаму ќе можам да го користам личниот однос со Штрос-Кан и Зелик за да ја добиваме поддршката од ММФ и од Светската банка. Зелик добро ја познава ситуацијата во Македонија. Особено ме изненади со својот коментар дека од сите знамиња на светот за него најубаво е македонското. Му раскажав за тоа каква е симболиката на нашето знаме и му ветив дека ќе му испратам едно големо црвено знаме со жолто сонце.
Билјана Крстевска