Општина Кочани со 600 илјади евра од заемoт од Светската банка, ќе реконструира дел од водоводната мрежа.Договорот за подзаемот го потпишаа денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.
 
Кочани е првата општина која ги исполни условите за користење средства од проектот за подобрување на општинските услови финансиран од Светска банка во вкупна вредност од 18,9 милиони евра, наменет за инвестиции кои ќе овозможат општините да заштедат на оперативните трошоци или да ги зголемат општинските приходи.
 
Министерот Ставрески истакна дека покрај Кочани, во процедура за одобрување на проекти се и општините Илинден, Богданци, Новаци и Градско.
 
– Интерес пројавија 40-тина општини, а 10-тина се очекува да добијат средства во првиот кваратал од наредната година, посочи Ставрески.
 
Условите под кои ги добиваат средствата се оние по кои Република Македонија ги има добиено од Светска банка, односно рок на отплата 10 години, грејс период од три години и каматна стапка шестмесечен ЛИБОР.
 
Градоначалникот Димитровски истакна дека со добиените средства ќе се заменат една третина од цевководот во средната зона на градот со должина од 6,4 километри. Дополнително општината ќе обезбеди средства за да ги замени сите цевки кои се стари 40 години и се азбестни.(МИА)