Можно е целосно да го исклучиме домашното задолжување, односно на нето-основа во 2011 година тоа да изнесува нула наспроти 4 милијарди денари оваа година.
Владата од неделава почнува да го опипува пулсот на стопанството за што би ги искористило 400 милиони евра што Меѓународниот монетарен фонд и’ ги понуди на Македонија од Превентивната кредитна линија (ПЦЛ). Ќе ги сослушаат и експертите, но изгледа дека нема да им дозволат да се занесат во желбите. Министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески во интервјуто за „Дневник“ вели оти Владата веќе пресекла – приоритет е отплатата на стасаните обврски кон странство. Сепак, некоја пара од кредитот ќе капне и за проектот „Скопје 2014“.
Се дише ли полесно после понудата од ММФ?
– Да, може така да се каже. Условите се порелаксирани кога на маса имаме понуда од 400 милиони евра, што е најголема понуда на средства од ММФ во овие 20 години. Тоа е повеќе од доволна сума за финансирање на вкупните буџетски потреби, но истовремено дава повеќе можности. Заемот и’ дава на Владата простор за в година да избира од кој извор ќе ги финансира буџетските расходи, инвестициите, отплатата на долговите и другите потреби. Тоа не значи дека мора да се реши само за една од двете главни опции – еврообврзница или кредит од ММФ, туку може да се реши и за комбинација од двете. Средствата на Фондот можат да се користат и само како елемент на сигурност. Инвеститорите ќе знаат дека земјата има алтернативно решение, па нивната понуда ќе биде поевтина ако се одлучиме за еврообврзница. Значајно е и тоа што парите би ги добиле по исклучително ниска камата од 1,3 отсто, најниска можна во овие околности.
Колку би се зголемил вкупниот долг на Македонија со сите најавени заеми од ММФ, Светска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка и дали нивната отплата нема да е преголем товар за нас?
– Нашиот вкупен јавен долг е 34 отсто од домашниот бруто-производ. Евентуалното користење на заемите нема да го зголеми јавниот долг повеќе од 1 до 2 процентни поени. Дури и целосно да ја искористиме понудената сума, Македонија ќе остане во зоната на умерено задолжени земји. Истовремено додека зајмуваме, ние отплаќаме стари долгови и така го контролираме вкупниот долг. За следната година ни требаат пари за финансирање на буџетскиот дефицит од 2,5 отсто од БДП и за враќање стари заеми. За дефицитот ќе ни требаат околу 180 милиони евра, а за отплата на стари кредити околу 130 милиони евра, или вкупно околу 310 милиони евра.
Мора ли да ги повлечеме сите 400 милиони евра ако зајмиме од ММФ?
Не. Можеме, но не мораме да ги повлечеме сите пари доколку не ни се потребни. Фондот ќе ги процени економските политики и состојби во Македонија. Ако ги оцени позитивно, а во Вашингтон ни навестија таков заклучок, тогаш Бордот на ММФ ќе и’ одобри на Македонија отворена и безусловна кредитна линија во максимален износ до 400 милиони евра, односно 500 отсто од нашата квота во Фондот, која изнесува 100 милиони евра. Македонија може да искористи колку што сака од овие средства: дел или целата сума во период од 12 месеци, во 2011 година. Имаме право од кредитот да искористиме толку колку што сакаме.
Под кои услови ќе го враќаме?
– Условите ќе бидат добри. Покрај ниската камата, очекуваме и поволни рокови на отплата.
Стопанство сака да чуе дека ПЦЛ ќе го користите најмногу за инвестиции?
Доколку се земе, кредитот може да се користи за финансирање на инфраструктурни проекти и за отплата на долгови. Како и секоја година, и како и во сите земји, мора да обезбедиме пари за редовно сервисирање на старите долгови. Исто така, клучен приоритет е да го зголемиме износот на капиталните инфраструктурни проекти преку кои ќе добиеме највисок економски ефект. Внесувањето на 400 милиони евра од надвор, исто така, може да ни помогне да не се задолжуваме на домашниот пазар на пари.
Нема воопшто да издавате државни записи?
– Можно е целосно да го исклучиме домашното задолжување, односно на нето-основа во 2011 година тоа да изнесува нула наспроти 4 милијарди денари оваа година. Така ќе им оставиме повеќе пари на банките да ги финансираат стопанството и граѓаните.
Дали со парите од ММФ ќе го финансирате проектот „Скопје 2014“?
– Проектот е започнат многу одамна и се реализира низ повеќе буџетски години со пари од централниот, но и од општинските буџети. Така ќе продолжи и во иднина. Тој ќе се реализира независно од тоа дали ќе пристигнат средства од ММФ. Во буџетот има 100-тици капитални проекти од инфраструктурата што се финансираат истовремено. Парите од ММФ ќе бидат дополнителен извор поради кој нема да мораме да ги кратиме проектите. На пример, во патната инфраструктура има 5-6 крупни патни правци што сакаме в година да ги довршиме. Тоа се патот Радовиш-Струмица, Поречје-Скопје, обиколницата во Охрид, Куманово-Табановце, ски-центарот Кожуф и други. Овие патишта планираме да ги завршиме следната година. Заемот од ММФ ќе ја забрза и реализацијата на инфраструктурните и другите капитални инвестиции во здравството, образованието и други области.
Дали ќе ги одмрзнете платите на административците ако ги земете парите од ММФ?
– Во буџетот за следната година не е планирано да се одмрзнат платите на јавната администрација. Тоа генерално би бил добар потег бидејќи би помогнало да се подобри животниот стандард и да се подигне потрошувачката, што е еден од двигателите на растот. Но, од друга страна, мора да има здрава подлога за такво зголемување. Околностите се’ уште не се такви и би било неодговорно да преземеме таков чекор. Доколку во кој било период в година или потоа се укаже шанса за зголемување на платите, ние ќе ја разгледаме таа опција. Заздравувањето на економијата се’ уште е во ранлива и рана фаза и затоа не може да се поддржи одлука за раст на платите.
Ако има повеќе пари во буџетот, можно ли е да не го применувате инструментот што си го овозможивте – на стопанството да му плаќате една година подоцна за извршените услуги?
– Секако, со овие 400 милиони евра би се подобрила ликвидноста на буџетот и стопанството. Но, сакам да напоменам дека во текот на кризата истото се случи во речиси сите земји во Европа. Нема земја каде што владите не ја променија политиката на исплата.
Нема земја во која меѓусебното неплаќање меѓу фирмите е толку масовно како во Македонија, а тоа е дел од внатрешниот непресметан долг.
– Тоа е голем проблем. Но, со тоа што се овозможи договарање на поинаква динамика на извршување на работата меѓу државата и фирмите во време на криза, всушност Владата им помогна на фирмите. Алтернативата на тоа беше да се прекинат некои проекти. Нашата оцена беше дека е подобро за фирмите проектите да продолжат, па дури и ако се измени динамиката на извршување и плаќање за некои од нив.
Сакате да кажете дека Владата паѓа до толкава беспарица што мора да запира почнати проекти?
– Не, никако. Тоа значи само дека кризата не’ принуди на две алтернативи. Кога има помали приходи во буџетот треба или да се намалат дел од проектите или да се продолжи со сите почнати проекти со извесна промена во динамиката на извршување на некои од нив. Се одлучивме за втората. Договорот за одложено плаќање се прави на база на доброволен однос на двете странки. Не беа пролонгирани за 12 месеци сите проекти, туку многу мал број, можеби десет- петнаесет.
Што е со 70 милиони евра од националната квота на ММФ?
– Тие пари веќе легнаа на девизната сметка на државата и се користат за финансирање на буџетот. Овие девизи се причината поради која не моравме да одиме со трета еврообврзница бидејќи на располагање имаме поевтини пари. Домаќински е да ги користите тие извори кога условите на пазарите на пари не се поволни.
В година вашата партија практично ќе има можност да предложи и избере гувернер. Дали монетарната политика тогаш ќе биде скроена по примерот на препораките што му ги дававте на актуелниот гувернер – пониски камати, олабавување на монетарните стеги?
– Позицијата на гувернер е една од трите најзначајни позиции во државата. Значајно е на таа позиција да биде избран најстручниот и најквалитетен поединец што со доволна независност ќе ја врши таа функција. Не е точно дека мојата партија е таа што ќе го предложи кандидатот. Законите налагаат друга процедура.
Практиката вели поинаку.
– Сакате да кажете дека порано било така? Според Законот за НБМ, изборот на гувернер го врши Собранието на предлог на претседателот. Значајно за добро извршување на функцијата гувернер е да се има разбирање за севкупната економија. Монетарната политика, освен извршувањето на основната цел – ценовната стабилност, треба да не биде изолирана од контекстот на вкупната макроекономска политика. Како и во сите други земји, при водење на монетарната политика гувернерот треба многу да внимава каков е одразот на мерките врз вкупната економија. Не случајно Федералните резерви на САД ја намалуваа каматната стапка и до 0,5 отсто. Истото го прави Европската централна банка. Сите тие политики многу значат за вкупниот амбиент во кој ќе се одвива економијата, кредитниот раст и слично. Монетарната политика треба, во координација со фискалната политика, да биде во функција на растот, а не да го попречува. Тоа значи дека во различни периоди, зависно од оцената на власта и на централната банка, треба да се комбинираат фискалната и монетарната политика на начин кој ќе обезбеди вкупните ефекти од тие две политики да бидат најголеми.
Најтешката функција ја извршувам сега
Се гледате себеси на позицијата гувернер на НБМ?
– Во мојата професионална кариера сум работел на многу одговорни функции во земјата и во странство. Позицијата на која сум сега, вицепремиер и министер за финансии, е дефинитивно најтешката, посебно во овие времиња. Минуваме низ најголемата светска економска криза во последните 80 години. Затоа, засега целосно сум фокусиран на тоа како поуспешно да ја извршувам оваа многу тешка и одговорна работа.
Билјана Крстевска