Се чини дека во економскиот свет најмалку се учат лекциите од историјата. Евиденција за ова е историјата на бумови и крахови низ многубројните деловни циклуси. Тие се случуваат со векови. Причините и фазите низ кои минува циклусот, па и крајните последици се слични.
Се чини дека во економскиот свет најмалку се учат лекциите од историјата. Евиденција за ова е историјата на бумови и крахови низ многубројните деловни циклуси. Тие се случуваат со векови. Причините и фазите низ кои минува циклусот, па и крајните последици се слични. Но научените лекции се малку, бидејќи сите мислат дека следниот пат ќе биде поинаку. Од првиот бум и крах на лалињата од 1636 година, до последниот од 2008-ма на американскиот хипотекарен пазар. Еве ја прикаэната эа лалињата која ја читав деновиве.
Лалето е убаво цвеќе со фасцинантна историја. Првите диви лалиња се пронајдени на падините на високите и ладни планински венци на Тиеншан, на границата меѓу Кина и Русија, на 400 км северно од Тибет. Постепено тие почнале да се пренесуваат на запад, за во 14 век да станат најомилен цвет во целата Турска империја. Нејасно е кога и како лалињата прешле на европскиот континент, но факт е дека при крајот на 16-от век тие се веќе присутни во Баварија, Англија и Холандија. Сепак Холандија не е првата земја во која се појавило "лудило по лалињата". Дамите во Париз на почетокот од 17 век ги носеле цветовите како украс на своите облеки, за во еден момент нивната цена да достигне приближно половина од цената на дијамантите. Подоцна, Холандија прераснала во вистински дом за лалињата. Толку за историјата. Сега да се вратиме на парите и лекциите.
Постојат четири основни фактори за секој бум. Прво, долготрајни периоди на економски просперитет, во кои инвеститорите ги користат ефектите од растечкиот расположлив доход. Нешто слично на периодот 2005-2007 во кој цените на металите достигнаа астрономски износи. Колку подолго трае просперитетот и е пораспространет, толку поголем е бумот и крахот, бидејќи средствата се на располагање на поголем број неискусни инвеститори. Второ, појава на нов производ или индустрија, како што беше Силиконската Долина на крајот од 20 век. Трето, за поефектен бум, потребно е да постојат "звезди" во рамките на тие производи или индустрии, како што е на пример Мајкрософт. И последно, потребен е пазар кој е високоликвиден и слабо регулиран, за цените да можат да експлодираат. Во 1636, Холандија ги имаше сите четири фактори. Во 2008, САД ги имаше истите четири фактори.
Лалињата на почетокот биле статусен симбол, но подоцна биле се подостапни и за пониските слоеви на населението. Постоела и "звезда": розовото лале било поретко и со повисока цена од другите, а врстата Semper Augustus достигнувала највисока цена. Во цела Холандија немало повеќе од десетина такви лалиња, а цената била баснословна. Постепено, освен што сите Холанѓани се одушевувале на убавината на лалињата, некои Холанѓани почнале да прават големи пари од нив. Во 1633, опсесијата станала толку голема, што е направена и првата трансакција во која лалето е искористено како пари: една куќа е продадена за само три садници лалиња. Од тој момент натаму, забележан е вртоглав пораст на цената, која го достигнала бумот на почетокот од 1637 година. Во тоа време, кога годишниот приход на артистите и уметниците изнесувал 300 гулдени, Семпер Аугустус достигнал 10.000 гулдени. Цена доволна за 30 годишно прехранување на поскромно семејство, или купување на најскапата куќа во познатиот Амстердамски канал, во време кога недвижностите во Амстердам биле најскапи во целиот свет.
Се поголем број луѓе се вклучувале во биэнисот, а високите цени ги стимулирале трговците да почнат да тргуваат и со прашници. Притоа, купувачите "се коцкале" врз основа на две претпоставки: прво, дека од прашниците ќе добијат исто толку убав цвет и второ, дека цената на лалињата и натаму ќе расте. Исто како што американските инвеститори и купувачи на недвижности (погрешно) препоставија во 2005, 2006 или 2007. Значи, влегуваме во зоната на шпекулација. Постепено, наместо трговија со цвеќиња, се почнало да се тргува со хартии кои докажувале дека некој од некого купил прашници, кои ќе ги добие по некое време. Тој дури и не знаел дали купил прашник од скршено или оштетено цвеќе, бидејќи тоа ќе го осознае дури по година или две. Но купувачот и не е заинтересиран за тоа, бидејќи тој веќе не е ниту ботаничар, ниту љубител на цвеќе. Тој е само шпекулант кој верувал дека цената по две години ќе е повисока од денешната. Значи зборуваме за фјучерси и деривативи.
Во 1636, во Холандија станало нормално некој да продава некому лале кое тој го нема и неможе да го испорача, ниту пак купувачот имал кеш да го плати или желба да го засади. Кога лалето не било расположливо веднаш за испорака, доволно било купувачот да депонира само 10 центи од цената. Продавачите пак, согледувајќи дека бизнисот е вносен, почнале да ги заложуваат во хипотека своите куќи за да добијат кредити за поголемо производство. Уште еден елемент на бум и крах циклусот исто така бил задоволен: се поголем број на неискусни луѓе за тој бизнис, ја играле играта.
Крахот и крајот стигнале многу брзо. Еден вторник во февруари 1637, на пазарот била понудена кошница со лалиња. Но никој не сакал да ја купи. Никој веќе не сакал да купува лалиња. Од тој момент, паниката инстантно се проширила на пазарот. Богатството на многумина се избришало преку ноќ. Пазарот бил срушен од основата, од недостатокот на свежи ликвидни средства и нови купувачи. Исто како во 2008 кога во САД секнаа купувачите на недвижности и кредитите. Согледувајќи го крајот, секој трговец станал продавач на лалиња, рушејќи ја дополнително цената. Оние кои имале дадено хипотеки, поминале најлошо. Крахот и крајот биле стравични за многумина.
Ова ме враќа на почетокот на сторијава. Ако економистите учеа од лекциите, ќе немаше толку многу епизоди на бумови и крахови. И ќе беа со многу помали последици. Сите лекции што треба да ги знае нашата генерација за бумот и неговите фази, за деривативите, хипотеките и шпекулациите – се содржани во приказната за лалињата од 1636 година. Приказна од која, за жал на денешните генерации, лекциите очигледно не се научени.