Средства во висина од 20,5 милиони евра како заем од Светска банка и грант од седум милиони евра од Кралството Холандија доби Македонија со денешното потпишување на Договорот за првиот заем за развојни политики и Договорот за холандски грант.

&nbsp

Договорите ги потпишаа потпретседателот на македонската Влада и министер за финансии Зоран Ставрески, постојаниот претставник на Канцеларијата на Светската банка во Скопје, Маркус Репник и холандската амбасадорка во државата, Симоне Филипини.

&nbsp

Средствата од заемот и грантот се наменети за буџетска поддршка и тие се доделуваат како резултат на исполнување на предвидените реформи на владините политики. Со заемот се поддржуваат реформите во процесот на управување на јавните расходи, реформите во системот на социјалната политика, како и зајакнувањето на стабилноста на финансискиот сектор.

&nbsp

Заемот од Светска банка е доделен на 25 години рок на отплата, грејс период од осум години и каматна стапка шест месечен ЛИБОР за евро валута со варијабилен распон.

&nbsp

– Денешното потпишување на Договорот за буџетска поддршка со Светска банка во износ од 20,5 милиони евра и Договорот за грант во износ од седум милиони евра претставува уште една потврда за извонредната соработка што ја имаме и за квалитетот на политиките што ги води Владата во насока на подобрување на условите за живеење, рече вицепремиерот Ставрески по потпишувањето на договорите.

&nbsp

Тој најави дека Владата и во иднина ќе продолжи со реализација на реформите и изрази надеж дека тие квалитетно ќе бидат завршени.

&nbsp

Постојаниот претставник на Светската банка Маркус Репник нагласи дека со заемот и со грантот се обезбедува буџетска поддршка со цел да се обезбеди помош за надминување на влијанијата од глобалната економска криза.

&nbsp

– Во иднина ќе постојат значителни предизвици за Македонија, а Светска банка ќе остане значаен партнер. Ќе ја поддржиме обновата во периодот по кризата и процесот на европска интеграција на земјата преку промовирање на социјално инклузивен раст и одржлив раст од аспект на животната средина за доброто на денешните и идните генерации, подвлече Репник.

&nbsp

Според амбасадорката Филипини, грантот од Кралството Холандија претставува знак на доверба во активностите на Владата и поттик таа во иднина да продолжи во одржувањето на макроекономската стабилност на државата.

&nbsp

Кралството Холандија од 1999 до 2010 година и има доделено на Македонија грант средства во вкупен износ од 200 милиони евра од кои 100 милиони евра се буџетска поддршка, додека финансиската поддршка од Светската банка од 1993 година изнесува 1,1 милијарда американски долари од кои 100 милиони долари грант средства и 480 милиони долари буџетска поддршка.(МИА)

Comments are closed.