Нижни Новогород, 3 јули 2012 (МИА) – Македонија дефинитивно е дел од гасоводот „Јужен поток“. Денешното предавање на нацрт-спогодбата е потврда од Владата на Руската Федерација и „Газпром“ дека Македонија е дел од овој енергетски проект, чија изградба треба да почне на крајот на оваа година, а да заврши до крајот на 2015.

– Веќе нема дилема Македонија се вклучува во меѓународниот гасоводен коридор „Јужен поток“, како што беше усогласено со премиерот Никола Груевски и претседателот Владимир Путин. Го добивме текстот на нацрт-спогодбата за приклучување на Македонија во „Јужен поток“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Нижни Новогород каде се одржа 6. седница на Мешовитата македонско-руска комисија.

 

Според него, ова претставува извонреден успех за Република Македонија, бидејќи се решава стратешко крупно прашање за долгорочната енергетска стабилност на државата

 

Задоволен сум, истакна Ставрески, што во краток рок успеавме практично од позиција во која не беше планирано вклучување во „Јужниот поток“ преку многубројните контакти, преку средбите што ги имавме на највисоко ниво, да добиеме согласност од „Газпром“ и Владата на Руската Федерација крак од гасоводот да минува низ Македонија. Со тоа, укажа вицепремиерот, практично се решава прашањето за снабдување со гас на сите идни генерации, а најзначајно е за стопанството на Република Македонија бидејќи ќе направи тоа да биде многу поконкурентно и да има стабилен извор на гас и да се добие по соодветна цена.

 

Откако правни и енергетски експерти ќе ја проучат спогодбата и ќе се доусогласи текстот како и во другите седум држави кои се вклучени во проектот ќе треба да се формира мешовита компанија која ќе работи на реализација на кракот од гасоводот во Македонија. – Тоа е работа што ќе следи во наредниот период. Ова што се случи денеска е клучното. Добивме дефинитивно потврда од Владата на Руската Федерација и Газпром дека Македонија е дел од Јужниот тек, нагласи Ставрески.

 

Заменик министерот за регионален развој Максим Травников потенцира дека рализацијата на проектот е важен за модернизација на целиот енергетски систем и за развојот на Македонија.

 

– Вклучувањето во „Јужен тек“ ќе ја зголеми енергетската сигурност на Македонија и ќе го подобри начинот на живот на граѓаните, изјави Травников и изрази надеж дека во најскоро време се што треба ќе биде усогласено, а двете страни ќе бидат задоволни.

 

Реализацијата на проектот се очекува да почне на крајот на декември оваа година и да заврши до крајот на 2015, а зависно од деталите понатаму ќе се види кога точно ќе биде изграден кракот кон Македонија.

 

Во рамки на работата на меѓувладината комисија, како што истакна вицепремиерот Ставрески, значајно е и потпишувањето на Меморандумот за соработка со „Стројтрансгас“ што е исто така чекор напред во изградба на националната гасоводна мрежа.

 

На седницата на комисијата стана збор и за организирање средби на руски и македонски бизнисмени, како и за соработка во делот на науката, културата, образованието и други области значајни за традиционално добрите односи меѓу Македонија и Руската Федерација.

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.