Скопје, 22 јуни 2012 (МИА) – „Газпром“ има подготвено нацрт договор за приклучување на Македонија кон проектот „Јужен поток“. Во текот на следниот месец преку руското Министерство за енергетика ќе биде доставен на разгледување во Владата на Руската Федерација по што ќе ни биде предаден Нацрт договор за потпишување.

 

Ова денеска во Санкт Петербург на премиерот Никола Груевски му го пренесе генералниот директор на руската нафтена компанија Алексеј Милер.

 

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од досегашната соработка и подготвеност и заложба за интензивирање и динамизирање на процесот за приклучување на Македонија во овој проект кој претставува еден од најзначајните гасоводни коридори во Европа.

 

Заеднички е констатирано дека вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен поток“ е од корист и интерес за граѓаните и компаниите во Македонија и за ширење на пазарот на руската компанија.

 

– Не информираа дека од нивна страна се завршени процедурите за договорот и предадени во Министерството за енергетика, така што во наредните неколку недели до еден месец треба да се завршат процедурите во Министерството за енергетика и во Владата на Руската Федерација по што ќе ни биде предаден Нацрт договор за потпишување. На тој начин со потпишувањето на овој договор ќе се официјализира влегувањето на Македонија во изградбата на Јужен поток, изјави премиерот Груевски. Тоа, оцени Груевски, е крупна и значајна инвестиција која што на долг рок има големо значење за енергетската стабилност и сигурност на Република Македонија.

 

„Газпром“ планира гасоводот да поминува низ многу земји и да заврши до крајот на 2015 година. – Тоа ќе биде една сериозна поддршка на енергетскиот систем на Република Македонија и поддршка на компаниите на коишто им е потребен гас и кој што ќе им биде долгорочно снабдување со енергија, оцени Груевски.

 

На средбата соговорниците изразија подготвеност и интерес и за реализација на други проекти од заеднички интерес.

 

Покрај средбата со раководството на „Газпром“, владината делегација имаше средба и со губернаторот на Ленинградската област со кого се разгледувале можностите за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Ленинградската област која што е една од најнзачајните во Русија. Заклучено е делегација од Ленинградската област да ја посети Македонија.

 

Оваа вест е достапна и на: English

Comments are closed.