Македонската економија ќе излезе од рецесијата во првиот квартал на оваа година, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески при денешната посета во Крушево.
 
-Македонската економија, според податоците од последните месеци на 2009 година кога во ноември индустриското производство оствари пораст од 4 проценти, а во декември кога индустриското производство се зголеми за 20 проценти, веќе излегува од рецесијата. Очекувам во првиот квартал од ова година македонската економија и формално да излезе од рецесијата и постепено ќе почне закрепнувањето. Веројатно до крајот на годинава, постепено ќе се зголемува тој раст, така што очекувам за целата година да оствариме пораст од најмалку два проценти, изјави министерот.
 
Ставрески не сакаше да коментира за колку ќе се намалат акцизите на старите возила кои ќе се увезуваат, но најави дека вестите ќе бидат поволни за граѓаните.
 
-Бидете трпеливи уште два-три дена. Речиси се завршени анализите за акцизите и поради сензитивноста на пазарот не би можел да давам изјави за тоа какви ќе бидат решенијата. Но ќе бидат добри и поволни за граѓаните и може да се очекуваат добри вести, додаде тој.
Околу намалувањето на каматите на кредитите, министерот за финансии објаснува дека сега треба и да се зголеми нивото на кредитирањето.
 
-Има неколку фактори што влијаат позитивно и кои влијаат за намалувањето на каматните стапки. Секако, намалувањето на референтната каматна стапка на Централната банка но и новиот Закон за облигациони односи каде Владата ги намали за три процентни поени казнените каматни стапки за физички лица и за еден процентен поен за правните лица со што ги обврза комерцијалните банки да ги намалат и договорните каматни стапки. Секако И намалувањето на стапката на државните записи на Министерството за финансии за само 5 проценти со февруарската аукција. Сите овие фактори влијаат на намалувањето на цената на кредитните средства. Но не само да падне цената на кредитите, туку значајно е и да се создадат услови за повеќе кредити, да се зголеми обемот на кредитите. За тоа е потребно релаксирање на монетарната политика и дисциплинирано водење на фискалната политика на што ние се обврзавме, потенцира министерот Ставрески.
 
Тој ги отфрла обвинувањата на опозицијата дека за шест месеци државата се задолжила со седум нови кредити од околу 300 милиони евра и дека непродуктивно се трошат и колку беа неопходни задолжувањата. Се е под контрола, вели што се однесува до финансирањето.
 
-Во услови на економска криза сите држави во светот го зголемија нивото на поддршка што го бараат од финансиските институции со цел да ги компензираат последиците од кризата. Така и Македонија за да може да одржува повисоко ниво на инфраструктурните проекти, мора да побара кредитна поддршка од светската, европската банка и од други институции. Добро е што во добрите економски години 2007 и 2008 предвреме го отплативме долгот. Со тоа го намаливме нивото на задолженост на земјата и со тоа создадовме услови и можности кога доаѓаат тешки времиња како овие во 2009 и 2010 да можеме со дополнителна финансиска инјекција да го помогнеме македонското стопанство и економијата. Токму тоа пја омогна македонската економија во 2009 да оствари трет најдобар резултат во Европа. Така што се е под контрола во тој дел што се однесува до финансирањето, изјави министерот Зоран Ставрески.(МИА)