Македонија ќе иницира либерализација на стоковата размена со Русија преку потпишување договор за слободна трговија, трговија без царини, најави министерот за финансии Зоран Ставрески на денешната деловна средба на Македонско-руската стопанска комора на тема „Руската федерација – постојан предизвик за македонското стопанство“, што се одржа по повод петгодишниот јубилеј на Комората.

&nbsp

Министерот Ставрески истакна дека бесцаринската трговија е од интерес на двете земји и оти се надева дека и Русија ќе ја поддржи иницијативата. Преку Македонско-руската стопанска комора, информира Ставрески, се настојува да се остварат контакти со компании во внатрешноста на Русија за да се освоиме поинтензивно големиот руски пазар. – Тој претставува голем потенцијал за македонскиот извоз, пред се во делот на земјоделството и градежништвото како сектори кои можат да бидат повеќе присутни на тој пазар. Во тој контекст многу е значајно да иницираме евентуално ослободување на извозот на македонски стоки од плаќање царина, прашање што ќе го покренеме на првата наредна средба на мешовитата македонско-руска комисија, рече Ставрески.

&nbsp

Очекуваме, додаде тој, интензивирање на соработката и во обратна насока, односно во енергетиката, рударството и во други области каде Владата планира неколку крупни инфаструктурни проекти. – Руските компании имаат добри конкурентски предности и можат да најдат свој интерес во Македонија. На среден рок би требало да дојде до зголемување на извозот на македонски стоки во Русија, намалување на дефицитот и зголемување на вкупната размена на стоки, оцени министерот за финансии.

&nbsp

Тој најави дека најдоцна до мај ќе се создадат сите услови да се врати клириншкиот долг од Русија кон Македонија во износ од 60 милиони долари. – Македонската страна е подготвена за потпишување на спогодбата за регулирање на клириншки долг. Поради промени на претседавачот од руска страна може средбата да биде одложена за две – три недели, но очекуваме во најкраток рок најдоцна до крајот на мај годинава конечно да го затвориме тоа прашање, рече Ставрески.

&nbsp

Рускиот амабасадор во Скопје Владимир Солоцински им порача на македонските компании да бараат партнери не само во Москва и московската област, туку и во регионите на Русија каде ќе бидат барани повеќе и ќе можат да конкурираат со други странски компании.

&nbsp

Според Солоцински, најважни задачи во трговските односи меѓу двете земји остануваат соочувањето со огромниот трговски дисбаланс, кој, како што рече, создава обременувачки дефицит за македонската економија, како и диверсификација на рускиот извоз во Македонија.

&nbsp

Амабасадорот Солоцински побара и што поскоро обновување на работата на меѓувладината руско македонска комисија за трговско-економска и научно техничка соработка.

&nbsp

На значењето на заседавањето на комисијата укажа и Ѓорѓи Дика, претседател на Македонско-руската стопанска комора, заради надминување на повеќе проблеми, меѓу кои и губењето идентитет на македонските производи во Русија. – На голем број македонски прозводи им се губи идентитетот, односно тие во банката на податоци на статистиките на институциите на Руската федерација може да се најдат под туѓо знаме. Тоа се случува поради користење на посредни изозници од Србија како најпогодна земја поради спогодба за слободна трговија, но и од Бугарија, рече Дика.

&nbsp

Како големи пречки за трговските односи меѓу двете држави Дика го наведе отсуството на железничка и авионска врска. Во однос на соседите од регионот, оцени Дика, станува јасно дека Македонија изгледа како осамен остров во економската соработка со Руската федерација. Истовремено сме сведоци на огромни инвестиции на Русија во Бугарија, Црна Гора и Србија, рече Дика.

&nbsp

Обемот на трговската размена меѓу Македонија и Русија, по повеќегодишниот раст минатата година изнесуваше 517 милиони долари, или за 46 проценти помалку во однос на 2008 годона. Високиот дефицит во вкупната размена на македонска страна остана. Увозот од Русија изнесуваше 495 милиони долари или 47 проценти помалку во однос на 2008 година, а изност на македонскиот извоз беше 22,5 милиони долари односно 31 процент помалку.(МИА)

Comments are closed.