Скопје, 13 септември 2016 (МИА) – Секоја инвестиција е од значење за Република Македонија бидејќи таа придонесува за зголемување на економската активност и поголем број работни места, изјави министерот за финансии Кирил Миноски на денешната прес-конференција на која беше најавена изградба на тениски игралишта во општина Аеродром.
Тој додаде дека еден од клучните приоритети и на Министерството за финансии и на економските политики на Владата е поттикнување на вработеноста и инвестициите.
– Очигледно е дека напорите на Владата на Република Македонија и целокупниот економски тим во изминатиот временски период даваат резултати, а тоа го покажува ниската стапка на невработеност, односно историски најниската стапка на невработеност. Меѓутоа она што радува е и највисоката стапка на вработеност што покажува дека сите напори за привлекување странски инвестиции и напорите да се стимулираат инвестициите на домашниот сектор вродуваат со плод, што во крајна линија значи пониска невработеност, изјави министерот за финансии.