Скопје, 6 јули 2016 (МИА) – Проектите што се започнати и финансирани со европски пари, како што се на пример, автопатот Демир Капија – Смоквица, пречистителната станица во Прилеп и железничката пруга Битола – Кременица продолжуваат со својата реализација, согласно предвидената динамика, вели министерот за финансии Кирил Миноски.
Во интервју за телевизијата Канал 5, министерот Миноски појаснува дека одлуката за повлекување 27 милиони евра од ИПА се однесува на средства кои сè уште не се испрограмирани и не се договорени проекти со Европската комисија.
Тој истакнува дека секаде каде што има добри проекти ќе се користат европски средства.
– Имаме позитивни сигнали, на пример вчера од Австриската развојна агенција добивме информација за грант наменет за систем за управување со кризи во УЈП, вели Миноски.
Во однос на повлекувањето на претставникот на ММФ од земјава, министерот Миноски појаснува дека станува збор за интерна одлука на Фондот, која нема политичка заднина.
– Претставникот на Меѓународниот монетарен фонд замина од интерни причини. Во сите држави кои немаат аранжман со ММФ, Фондот, во насока на рационализација на трошоците, затвора одредени канцеларии и ги повлекува претставниците. И понатаму останува соработката со ММФ. Во септември е закажана редовна мисија на Фондот во земјава и ние ги очекуваме, нагласи Миноски.
Во однос на ребалансот на Буџетот, министерот појасни дека со него доаѓа до прилагодување на државната каса со коригираните проекции за раст согласно новонастанатите услови поради политичката криза. Миноски потенцира дека со ребалансот остануваат средствата потребни за реализација на капиталните инвестиции, за субвенционирање на земјоделците, за плати и пензии.
Тој посочи дека капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво досега и оти со ребалансот не е укинат ниту еден проект.