24 март 2017 Скопје – Повторно ќе апелираме да не се злоупотребуваат редовните активности на Министерството за финансии во политички цели. Тие се согласно светски стандарди, усогласени со меѓународните финансиски институции.
Министерството за финансии согласно методологијата на ММФ квартално го објавува државниот и јавниот долг, како и усогласувањата со макроекономските показатели. По објавување на податокот за бруто домашен производ, Министерството на својата веб страна го објави ревидираниот јавен и државен долг согласно податоците на Државниот завод за статистика, како и секогаш.
Нема да ја коментираме методологијата на Државниот завод за статистика, но ќе посочиме дека реалниот раст на БДП е блиску до проекциите на НБРМ, на меѓународните финансиски институции како ММФ и Светска банка, како и на Европската комисија.
Исто така ќе посочиме дека и од страна на повеќе меѓународни финансиски институции е истакнато дека Македонија е ниско задолжена земја. Во насока на транспарентност во однос на јавните финансии Министерството за финансии и понатаму ќе ги објавува редовно информациите за јавен долг и за другите фискални резултати.