Управувањето со парите, е еднакво одговорна обврска како и управувањето со сопственото здравје или која било друга крупна одлука во животот.

Наша обврска е да се грижиме за раната финансиска едукација којашто претставува долгорочна инвестиција за целото општество и државата

Преку проектот „Финансиско образование“ Министерството за финансии спроведе обука на 466 ученици од основните и средните училишта.

Во периодов беа одржани предавања во основните училишта „Круме Кепески” од Кисела Вода, „26-ти Јули” и „Браќа Рамиз и Хамид” од Шуто Оризари, „Ѓорче Петров” од Ѓорче Петров и „Св.Климент Охридски” од Македонски Брод, на тема „Учиме за парите и штедењето”. На предавањата учениците стекнуваат знаење за основните карактеристики на парите, за тоа кога и каде се издадени, како и кои се мотивите на предната и задната страна на книжните банкноти и на монетите. Во однос на штедењето учениците добиваат совети и препораки како да се поттикнат и како успешно да штедат. Предавањата се проследени со практични примери и интерактивност помеѓу предавачите и учениците.

Исто така беа одржани и предавања на тема „Пазарот на капитал во Република Македонија” во средните училишта „Васил Антевски Дрен” од Кисела Вода и „Св.Наум Охридски” од Македонски Брод. На предавањата учениците стекнуваат знаење за основните карактеристики на пазарот на капитал, и за тоа како во иднина да ги вложуваат своите парични средства во хартии од вредност на берза. Во однос на начинот на кој може да се купат хартии од вредност учениците беа запознаени со двата начини на вложување во хартии од вредност: самостојно купување на хартии од вредност на берза со посредство на брокер и вложување во инвестициски фондови кои понатаму преку своите портфолио менаџери ги инвестираат прибраните парични средства во различни видови на хартии од вредност. Притоа, беа презентирани разликите меѓу двата начини на вложување во хартии од вредност, како и предностите на истите, сето тоа проследено со практични примери и интерактивност помеѓу предавачите и учениците.

Децата се нашата иднина и ако го добијат ова знаење во рана возраст, таа иднина ќе биде подобра и во финансиите.

 

Comments are closed.