Почитуван министер Спасеновски,
Почитуван г-дин Исак Лајбрих, директор на Соли груп од Израел
Почитувани членови на Управниот одбор на Агриленд,
Почитувани стопанственици,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,
Драги гости.

 

Ми претставува особено задоволство што денес сме тука, да го одбележиме почетокот со работа на трговското друштво АГРИЛЕНД и да го презентираме Проектот за откуп и пласман на земјоделски производи што ќе го имплементираме заедно со израелската компанија СОЛИ ГРУП преку основање на заедничка мешовита компанија.

За Владата на Република Македонија, земјоделството е еден од врвните приоритети.

Минатата година, со СОЛИ ГРУП од Израел ја започнавме соработката во областа на земјоделството, што резултираше со потпишување на Меморандум за разбирање, во мај 2007 година.

Потоа, во соработка со експертски тим на СОЛИ ГРУП подготвивме студија за идентификување на клучните проблеми со кои се соочува македонското земјоделство со предлог решенија за нивно надминување. Воедно, студијата ги идентификуваше потенцијалите на македонскиот аграр за подигање на квалитетот на производството, организирање на откупот и пласманот, зајакнување на маркетингот и можностите за извоз на земјоделските производи.

Позитивните наоди од студијата резултираа во продолжување на соработката преку формирање заедничко мешовито друштво кое ќе работи на решавање на проблемот на откупот и пласманот на овошјето и зеленчукот и нивен извоз на пазарите во Европа и пошироко.

Со формирањето на Агриленд од страна на Владата на Република Македонија и компанијата Сани Ленд Експорт основана од страна на СОЛИ ГРУП, и официјално започнува реализацијата на договорот за соработка, во чии рамки, преку заедничко мешовито друштво ќе се врши сигурен и континуиран откуп, пласман и извоз на земјоделските производи – овошјето и зеленчукот.

Нашето задоволство е уште поголемо што после влегувањето на хрватски Агрокор со отворање на два поголеми откупни центри во Струмица и Росоман, на овој начин го операционализираме влезот на уште една многу значајна странска инвестиција во Република Македонија.

Соли груп е реномирана израелска компанија, со повеќегодишно искуство во областа на откупот и пласманот, оранжериското производство и органската храна, и е присутна на пазарите во Европа, САД, Средниот Исток, Југоисточна Азија, Далечен Исток, Јужна Америка и Африка.

Новото заедничко друштво, кое ќе започне со работа на почетокот на јуни, ќе обезбедува организиран и сигурен откуп на земјоделските производи, што директно ќе придонесе за надминување на досегашната стихијна политика и долгогодишните проблеми со кои се соочуваа земјоделците при пласманот на нивните производи. Со новата компанија ќе управуваат искусни и врвни менаџери од Израел.

Соработката со странски компании кои имаат долгогодишно искуство и експертиза во агробизнисот ја отвора можноста за искористување на потенцијалот на искусните менаџери и контактите кои ќе обезбедат сигурни канали за пласман и извоз на македонските земјоделски производи.  Истовремено, тоа ќе овозможи трансфер на технологии и знаења на македонските земјоделци за подобрување на нивното производство, подигање на квалитетот и конкурентноста на производите и организиран настап.

Со мерките на Владата во земјоделството, како што се големиот износ на субвенции за земјоделците кој во 2008 година изнесува 45 милиони евра и гаранциите за негово зголемување на 500 милиони евра до 2012 година, евтините кредити од само 4% за примарното и 5% за преработувачкото производство, олеснетата регистрација, инфраструктурните проекти и другите мерки за поддршка на руралниот развој, очекуваме да се зголемат земјоделските површини, да порасне производството, и да се подобри конкурентноста и извозот.

Очекуваме значајно подигање на стандардите за одгледување, калибрирање, сортирање, пакување, и воведување на системите за квалитет, со што ќе може да се извезуваат поголеми количини овошје и зеленчук како на ЕУ пазарите, така и пошироко.

Сето ова, несомнено ќе доведе до преродба на македонското земјоделство и многу повеќе и позадоволни земјоделски производители. Отсега, македонските земјоделци нема повеќе да се соочуваат со вишок на земјоделски производи кои немаат откуп и пласман.

Посакувам успешна работа на заедничкото мешовито друштво за откуп и извоз на земјоделски производи.

Благодарам.

Comments are closed.