Русија ќе и го врати на Македонија во целост клириншкиот долг во износ од 60 милиони долари, преку реализација на проектот за гасификација, информира денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, по престојот во Руската Федерација.

&nbsp

Руската страна се согласи Македонија да добие максимална поддршка од „Гаспром“ во реализација на овој значаен проект, изјави Ставрески, кој со неговиот руски колега Алексеј Кудрин го усогласил текстот на спогодбата, што треба да помине во владина и собраниска процедура за да стартува реализацијата на проектот од наредната година.

&nbsp

Според Ставрески, вкупната вредност на проектот за гасификација ќе чини меѓу 200 и 300 милиони долари, зависно од трасата за која се финализираат подготовките. Со оглед дека 60-те милиони долари не се доволни за реализација, македонската држава ќе кофинансира и во делот што ќе се гради заедно со Русија и во делот што ќе остане за финансирање од страна на Македонија за целосно да се изгради гасоводната мрежа.

&nbsp

– Ќе додадеме уште 15 милиони долари на 60-те милиони што ќе ги добиеме од Русија и со вкупно 75 милиони долари верувам дека ќе успееме да завршиме 150 до 200 километри од гасоводот, рече Ставрески.

&nbsp

Приоритетните проекти, најави министерот за финансии, ќе бидат утврдени во студијата што се изработува. Меѓу нив се централниот гасовод од Куманово до Гевгелија и крак кон Струмица.

&nbsp

Ставрески оцени дека постигнатата согласнот со Русија за исплаќање на долгот е исклучителен успех бидејќи се затвора крупно прашање преку реализација на еден од најприоритетните проекти за Македонија и со оглед дека ќе бидат вратени во целост 60. милиони долари.

&nbsp

За министерот за финансии е особено значајно ветувањето за вклучување на „Гаспром“ во реализацијата на проектот за гасификација. Тоа, посочи Ставрески, ќе значи дека ќе имаме стратешки партнер за реализацијата на гасоводот и на тој начин ќе бидеме вклучени и во регионалните гасоводни мрежи.(МИА)

Comments are closed.