20 декември 2017, Скопје – Денеска, во свечената сала на Владата на Република Македонија, Неговата Екселенција, амбасадорот на Сојузна Република Германија Томас Герберих и министерот за финансии, Драган Тевдовски, ја потпишаа Спогодбата меѓу Владата на Р. Македонија и Владата на СР Германија за финансиска соработка 2017 година.

 

Спогодбата опфаќа реализација на два клучни проекта: Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар фаза 2 и Програма за водовод и канализација фаза 2, чии договори за финансирање исто така беа потпишани денеска од страна на корисниците на грант средствата, кои воедно се имплементатори на двете значајни програми.

– Најсилна потврда дека успешната соработка помеѓу нашите земји продолжува и во следниот период е денешниот настан каде што германската влада преку КфВ банка доделува 9 милиони евра неповратни финансиски средства за реализација на две значајни развојни програми за Република Македонија. Тоа се Програмата за водовод и канализација и Програмата за наводнување на јужната долина на реката Вардар, истакна министерот Тевдовски.

Неговата Екселенција, амбасадорот Герберих, истакна дека водечка идеја на германската политика кон Македонија е поддршката на евроатлантската интеграција на земјата, како и поддршката на потребните реформи на ова поле.

– Во оваа смисла, Германија не е само најзначајниот трговски партнер на Македонија со годишна билатерална трговска размена од речиси 3 милијарди евра, која постојано расте. Македонија е исто така и партнер на развојната соработка. Досега Германија стави на располагање 320 милиони евра за Македонија, главно за инвестиции во јавната инфраструктура, како санација и проширување на системите за водоснабдување и канализација, но и модернизација на земјоделските системи за наводнување. Денес ја потпишавме Спогодбата за финансиска соработка 2017 за понатамошна финансиска поддршка во ова поле во висина од вкупно 9 милиони евра, потенцира амбасадорот Герберих.

Во продолжение е линкот до обраќањето на министерот Тевдовски:

Comments are closed.