Скопје, 6 март 2012 година, Заменик министерот за финансии Недим Рамизи денеска се обрати по повод почетокот на обуката за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор, која ќе се реализира на Економскиот факултет во Скопје. Ова е втор циклус за обука на сметководители во јавниот сектор.
„Основна цел на оваа обука е подобрување на квалитетот на финансиското известување во јавниот сектор преку надградување на теоретските и практичните знаења и вештини на јавните и државните службеници кои работат во областа на сметководството и управувањето со јавните финансии.“ – рече во својот говор заменик министерот Рамизи.
Бројот на учесници во вториот циклус е 40 лица. Досега обуката ја имаат завршено 25 државни и јавни службеници. Тие преку специјализацијата стекнуваат нови и ги надградуваат постојните знаења од областа на сметководството, даноците, ревизијата, буџетот, трезорското работење и управувањето со јавните финансии, и истите ги применуваат во извршувањето на секојдневни работни обврски.
„Континуитетот во реализацијата на обуката треба да овозможи нејзино институционализирање и воведување на професионална квалификација за сметководител во јавниот сектор во Република Македонија“ – истакна заменик министерот Рамизи.
Средствата за финансирање на обуката ги обезбедија Министерството за финансии, CEF, Министерството за надворешни работи на Република Словенија и Централно Европската Иницијатива (CEI).
Обуката за сертифицирање на сметководители во јавниот сектор Министерството за финансии и CEF во соработка со CIPFA започнаа да ја реализираат во 2008 година.