Како се наближува крајот на првата година од работењето на владата, се зголемува и бројот на анализи, оценки и коментари за тоа што е постигнато и што не е постигнато од новиот состав.

Како се наближува крајот на првата година од работењето на владата, се зголемува и бројот на анализи, оценки и коментари за тоа што е постигнато и што не е постигнато од новиот состав. Отчетот и одговорноста се составен дел на владеењето, барем според вредносните принципи кои владеат во демократските држави, па оттаму за поздравување се сите обиди за објективно прикажување на добрите и лошите страни на работењето на Владата на Република Македонија. Фактот што се работи за нова политичка гарнитура која во еден дел беше релативно непозната за македонската јавност, ги прави тие анализи уште поинтересни и позначајни.

 

Уште неколку недели пред првата годишнина, прашањето "што остваривте како нова влада " беше едно од најчесто поставуваните во интервјуата на членовите на владата. Многумина очекуваат на ова прашање да се одговори со прецизни квантификации: бројки за највисокиот пораст на стопанската активност, намалувањетио на даноците, зголемувањето на буџетските приходи, порастот на инвестициите, повеќекратното зголемување на субвенциите за земјоделците, исклучително високиот процент на евидентирани кривични дела со откриени сторители, прекинот на хаосот во станбената изградба, големиот број на спречени обиди од страна на царината и полицијата за криумчарење на стоки и луѓе, купувањето на компјутери за учениците, намалувањето на огромните долгови во здравството, отварањето на 1,5 милјарди евра вредниот инвестициски циклус во енергетиката итн.

 

Сепак, вистинскиот одговор на наведеното прашање  не е нумерички. Не затоа што резултатите не треба да се мерат нумерички – напротив, квантификацијата на перформансите е основен принцип на валоризација на оствареното и негова споредба со остварувањето во претходни периоди и во други земји. Сепак, најзначајното остварување на оваа влада е – враќањето на надежта и довербата.

 

Тоа се оние иста надеж и доверба кои на почетокот на 1990-те ни донесоа независна, самостојна држава како историска придобивка за сите генерации на граѓани кои живееле, живеат и ќе живеат  во оваа земја. Тоа се оние исти надеж и доверба кои се изгубија низ ветриштата на транзицијата, низ лагите на многубројните политичари кои продефилираа низ македонската политичка сцена, низ исчезнувањето на средната класа, загубените работни места, загубената хармонија на семејствата, загубената иднина. А народ без надеж и доверба, како и власт која не е способна да ја врати надежта и довербата кај народот – е концепт кој губи, концепт кој е осуден на пропаст.

 

Токму заради тоа, заради значењето на надежта и довербата, оваа влада се фокусираше на нив, секој ден и секој час во изминатите 365 дена, а така ќе биде и потоа. Затоа и покрај исклучително амбициозната работна агенда, членовите на владата не пропуштаат да поминат низ македонските села и градови, да се видат со луѓето, да им објаснат што работат, кога ќе го сработат планираното, какви резултати постигнале или очекуваат да постигнат. За работникот во Битола и Куманово,  текстилецот во Куманово и Штип, трговецот во Пехчево и Тетово, земјоделецот во Струмица и Росоман, тутунарот во Прилеп, за учениците и нивните родители, за самохраните мајки, за болните, претприемачите и сите други граѓани – надежта и вербата дека луѓето кои ја водат државата работат квалитетно, совесно и за нивно добро – е најважната промена во изминативе 365 дена.

 

А во основа, сите тие ја перцепираат надежта на различен начин: за најголем дел, тоа е надеж за вработување, нивно или на нивните деца. Ова е секако најголемиот предизвик за владата, досега, а и во иднина. Затоа е значајно да се одржи високата стапка на економски раст од 6-7%, затоа се значајни домашните и странските инвестиции, затоа е значајно гилотината да ја скастри бирократијата, затоа е значајно да се подобри вкупниот бизнис амбиент.

 

Но враќањето на надежта и довербата опфаќа и многу други работи. Работи за кои и не се потребни многу пари, но потребни се добри идеи, волја за промена и многу напорна работа. За почеток, добро би било шалтерскиот работник во секоја подрачна единица да го смени намуртениот и надмен израз на лицето со насмевка, уште подобро со брза и квалитетна услуга. Доволно ако родителот не мора за детето кое има висока температура, да трча од една до друга или трета поликлиника, затоа што во првата детското одделение не работи за викенд, а во втората лекарите се на двочасовна пауза. Доволно е ако социјалната помош стигне навреме кај оние кои едвај ја чекаат, ако пензионерите не мора да трчаат во десет различни аптеки за да го пронајдат лекот по пониска цена. Доволно е ако крадците се нарекуваат крадци, а не луѓе кои "се снашле", и против нив се постапува..

 

Македонскиот човек е благодарен и скромен. Задоволен е кога барем малку нешто се подобри во неговиот живот,  почитува ако се увери дека идеите и работата се добри, трпелив е за работите за кои е потребен подолг период. Но тој умее и вешто да процени кој е кој, што е што. Мудро да утврди дека не се сите исти. Умее да направи јасна дистинкција меѓу реален оптимизам и илузионизам. Меѓу политичари-оратори и политичари-работници. Меѓу политичари со лакирани чевли и бели бисери, и некои "нови клинци" со засукани ракави и испотени чела.

 

Основата е поставена. Сепак, деновите од 366 до 730 ќе бидат уште позначајни за формирање на односот меѓу граѓаните и владата. Како и секој однос: љубовен, колегијален, брачен или пријателски, и односот меѓу граѓаните и владата не се гради преку ноќ. Тој мора да се негува и гради континуирано, со многу труд, почит и разбирање.

 

Вратената надеж и доверба не смееат да се изневерат. Тие мора постепено да се испреплетат со конкретни резултати, дел од нив веќе видливи и почувствувани. За конкретни резултати, секако не е доволна желба. Потребна е волја. Потребно е знаење. И потребна е акција. За конкретни резултати, потребни се конкретни политики, мерки и проекти, обмислени и сложени како во добра шах-партија.

 

Кои се следните потези?

Comments are closed.