21 март 2018 година, Скопје – Транспарентноста е клучна за Македонија да се движи во добра насока. Институциите ги отвораат податоците за јавноста да биде сигурна за што се троши и како се троши. Ова беше главната порака која ја упатија министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на настанот во организација на СИГМА “Предизвици во реформите во јавната администрација“.

 

Во насока на отворање на транспарентноста, министерот Тевдовски најави дека Министерството за финансии во моментов подготвува платформа со која јавноста ќе има увид во сите исплати од трезорот. Ќе се прават консултации со граѓанските организации и со медиумите.

–  Со овој чекор ќе придонесеме до целосно отворање на процесите на управување со јавните финансии кон јавноста, рече Тевдовски.

Во насока на подобрување на транспарентноста изработен е нов закон за евиденција на обврски кој во моментов е во собраниска процедура. Во финална подготовка е софтвер во кој општините, јавните претпријатија и фондовите ќе ги евидентираат сите преземени обврски. На тој начин ќе има целосна отчетност за државните обврски и ќе се избегне нивно натрупување во иднина.

Министерот Манчевски истакна дека реформата на јавната администрација претставува континуиран процес на реорганизација на институциите во јавниот сектор и унапредување на нивниот капацитет.

 „Главната цел што треба да се постигне со Стратегијата е конечно граѓаните да добиваат побрзо, дигитализирано и поефтино услуги кои им се потребни за поквалитетен живот. Со цел намалување на точките за контакт помеѓу корисниците на услуги и институциите ќе се воведат центри „Единствена точка на услуги“, а бројот на услугите кои се нудат на овој начин постепено ќе се зголемува“, информираше министерот Манчевски. Тој се осврна и на тоа како дигитализацијата и намалувањето на човечкиот фактор ќе влијае и врз намалувањето на корупцијата. 

Претставниците од СИГМА и претставникот од директоратот за соседска политика и преговори за проширување при Европската Комисија, Давид Кулен, ги поздравија заложбите на Министерството за информатичко општество и администрација и на Министерството за финансии, во спроведување на реформата во јавната администрација  и управувањето со јавните финансии. Како што потврдуваат нивните наоди, значителен напредок е направен во делот да дефинирање на стратешката рамка и зголемување на транспарентноста и отчетноста.

Comments are closed.