Пред само три години, Царината беше синоним на неуспешната македонска транзиција. Синоним на институција која е неефикасна, корумпирана, со лош квалитет на услугите и непријателски настроена кон бизнисмените и граѓаните.
Пред само три години, Царината беше синоним на неуспешната македонска транзиција. Синоним на институција која е неефикасна, корумпирана, со лош квалитет на услугите и непријателски настроена кон бизнисмените и граѓаните. Институција која го сублимираше на едно место отсуството на политичка волја за промени од страна на политичките раководства на државата и неспособноста на сите дотогашни раководства на Царината эа решавање на бројните слабости. Секако, тој неуспех не беше случаен. Хаосот и неефикасноста беа во голем дел намерно креирани, за да можат лоби групите и транзициските профитери блиски до тогашните политички лидери да ги реализираат своите неэаконски прекугранични трансакции, од кои создадоа енормно лично богатство. Само така можеа во транэицијата некои луѓе со ограничен интелектуален капацитет, да стекнат неограничено материјално богатство.
Но не беше само тоа проблем. Со таквото функционирање на Царината, Македонија доби имиџ на земја во која царува нелегалната трговија, земја во која е лесно да се внесат и транзитираат опојни дроги, земја во која не постои заштита на интелектуалната сопственост, земја во која фирмите само со мито можат да ги поминат граничните премини.
Денес, само три години подоцна, Царината прерасна во еден од столбовите на подобрената бизнис клима во Македонија. Еден од столбовите на борбата против нелегалната трговија со дрога и оружје и заштита на интелектуалната сопственост. Всушност, ако ме праша некој како ја замислував преродбата во практика, ова што се случува и се случи со македонската Царина, е мојот одговор. Секако, остануваат уште многу предизвици и можности за подобрување на состојбите, но оствареното влева доверба дека успешно ќе се одговори и на нив.
А преродбата и промените, секако ги носат луѓето. Прво, политичките лидери кои покажаа силна волја за зацврстување на квалитетот и независноста на Царинската Управа и обезбедија поголема мотивираност на цариниците преку нивно издвојување од државната администрација и повисока плата за нивната работа. Второ, меѓународната заедница, пред се ЕУ и САД кои во многу сегменти ги помогнаа реформските процеси. Но најмногу од сите, секако заслугата е на квалитетниот раководен тим на Царинската Управа кој покажа одлични организациони способности, висок степен на личен интегритет и голема мотивираност за промени на подобро. И секако на вработените кои на овие промени одговорија позитивно, покажувајќи дека во Царината има многу професионалци со високи стручни и човечки квалитети.
Соработката на Владата со Царинската управа неодамна резултираше со нов пакет на мерки кои се дел од проектот Регулаторна гилотина, но и од третиот пакет на антикризни мерки кој го донесе Владата. Мерките опфаќаат бројни олеснувања за стопанските субјекти кои се особено значајни за нив во услови на големата светска економска криза.
Со мерките е предвидено 24-часовно присуство на ветеринарни и фитосанитарни инспектори на поголемите гранични премини. Исто така, се воведува и принципот на селективност на ризик при вршењето на контролите. Така инспекциските служби ќе можат да ги концентрираат своите контроли онаму каде навистина постои опасност за загрозување на здравјето и безбедноста на луѓето и животната средина. Со меѓусебна координација на сите служби и избегнување на двојни контроли и евиденции, се очекува постапките на поминување на стоки и луѓе, значително да се забрзаат. Пропусната моќ на граничните премини ќе се зголеми и со инфраструктурни зафати, обележување на посебни ленти и подобра сигнализација.
Значителен дел од мерките се однесува на царинските постапки. Во соработка со инспекциските служби, ќе се овозможи поширока примена на поедноставените постапки со што се очекува зголемување на бројот на компаниите кои ги користат истите. Предвидено е и зголемување на бројот на гранични премини каде се спроведува целодневно 24/7 увозно и извозно царинење, со што им се овозможува на извозниците да вршат извоз буквално кога сакаат.
Во насока на намалување на трошоците за фирмите, предвидено е укинување на административните такси за царинска декларација и издавање на доказ за потекло ЕУР-1, како и на надоместоците кои се плаќаат на инспекциските служби. Исто така, се предвидува и намалување или укинување на царинските стапки за некои репроматеријали, особено за чевларската и прехранбената индустрија.
Една од позначајните мерки е можноста за одложено плаќање на данокот на додадена вредност при увоз. На овој начин извозно ориентираните компании и компаниите кои инвестираат во нова опрема нема да имаат трошоци за финансирање на ДДВ при увоз, со што ќе располагаат со дополнителни средства со кои можат да го финансираат производството или да започнат нови инвестиции. Исто така, со оваа мерка ќе се олесни постапката на увоз за облагородување (лон систем), бидејќи ќе се намали административното оптоварување на компаниите кои работат на овој принцип.
Ова се само дел од педесетината мерки кои се предвидени со третата фаза на пакетот на антикризни мерки. Со имплементација на сите мерки се очекува да се намалат трошоците, да се забрза протокот на стоки и да се зголеми конкурентноста на фирмите. Ова е многу значајно за македонското стопанство подготвено да го дочека завршувањето на економската криза во 2010 година.
Зоран Ставрески