23 август 2018 година – До 22 август приходите од царини, ДДВ и акцизи се зголемени за 11% во однос на минатата година што е директен доказ за зголемената економска активност, истакна МФ Тевдовски на денешниот состанок со директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
На состанокот беа дискутирани клучните придобивки од новите измени на Царинскиот закон кои стапија на сила од 11 август.
Компаниите имаат можност стекнатиот статус за овластен економски оператор да го користат во рамките на ЦЕФТА. Царинската Управа преку стопанските комори веќе го промовираше концептот со цел кампаниите да се запознаат со неговите придобивки.
Во законот се намалуваат и казните за полесните прекршоци. Со промените, за пропуштен рок или неуредна документација глобите се намалени од 250 на 50 евра за правно лице и од 50 на 15 евра за физичко лице.
Министерството за финансии заедно со Царинската Управа работи на воведувањето на безхартиено царинење и one stop shop на граничните премини. Следната година се очекува да се завршат и градежните работи на нов терминал на граничниот премин Ќафасан со финансиски средства од ИПА програмата на ЕУ.
Клучно за подобрување на услугите на управите во рамки на Министерството за финансии е токму автоматизацијата на процесите.