2 октомври 2018, Скопје – На аукцијата на државни хартии од вредност запишани се 2,8 милијарди денари (45 милиони евра), од кои утре ќе се вратат 1,9 милијарди денари (31,7 милиони евра) по основ на порано издадени и доспеани за отплата државни хартии од вредност. Со ова, нето задолжувањето од оваа аукција изнесува 823 милиони денари (13,4 милиони евра).
На аукцијата беа запишани 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 2,4 милијарди денари со камата од 0,90% и 3-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 350 милиони денари со камата од 1,10%.
Од друга страна, претходно издадените државни хартии од вредност кои утре се отплаќаат се 6-месечни државни записи со девизна клаузула во износ од 249,9 милиони денари со камата од 0,60%, 12-месечни државни записи без девизна клаузула во износ од 1,3 милијарди денари со камата од 1,85% и 5-годишни државни обврзници со девизна клаузула во износ од 434,6 милиони денари со камата од 4,60%.
Во текот на месец октомври по основ на претходно издадени државни хартии од вредност доспеваат за исплата 7,4 милијарди денари или 120,6 милиони евра.