Ростов, 9 април 2012 (МИА) – Руските инвеститори од ростовскиот регион се заинтересирани за изградба на откупни центри за земјоделски производи во Македонија, за македонското  овошје и зеленчук и се она што може да се понуди на планот на земјоделството.

 

Ова го посочи вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој денеска ги презентираше можностите што ги нуди Македонија пред стопанственици од ростовскиот регион, а оствари и средба со министерот за економски развој на оваа област Владимир Бартењев и со губернаторот на Ростов Горбањ. 

 

– Денеска сме прв ден во ростовскиот регион во внатрешноста на Русија.  Не случајно сме дојдени тука. Сметаме дека московскиот регион е веќе доста експлоатиран, заситен, и затоа решивме да направиме презентација на инвестициските можности за Македонија во внатрешноста на Русија. Првиот ден сме во ростовскиот регион, еден од поразвиените во Руската Федерација и сметам дека беше доста интересно руските бизнисмени да слушнат какви можности нуди Македонија за странски инвестиции во делот на погодностите што ги даваме за инвестирање со ниските даноци и општо со ниските трошоци што ги нудиме за странските инвеститори, како во рамките на слободните економски зони, така и надвор од економските зони во делот на можностите за инвестирање во пооделни проекти, во делот на енергетиката, во делот на недвижностите, земјоделството и слично, изјави министерот по презентацијата во Тровската комора на ростовската област, која обединува 650 претпријатија.

 

Тој потенцира дека од разговорите што ги имале со стопанствениците од овој регион најголем интерес имало во насока на зголемување на соработката во делот на откупни центри за земјоделски производи, за што ќе се продолжат  контактите и ќе се види дали ќе успеат да се материјализираат со присуство на руски инвеститор во делот на земјоделството.

 

– Сметам дека со понудата од Македонија на овошјето, зеленчукот и се она што може да го понудиме на планот на земјоделството се доста интересни. Ова е релативно голем регион и голем пазар каде Македонија може уште повеќе да го зголеми извозот на земјоделски производи. Оние добри резултати кои ги остваруваме последниве две години и зголемениот извоз од 130 проценти, да се подобрат преку директна странска инвестиција на етаблирање на откупно дистрибутивен центар на руски инвеститори во Македонија, рече Ставрески и додаде дека ќе се искористат можностите да се разговара и со губернаторот на ростовската област за останатите потенцијали и можности за соработка.

 

Тој изрази уверување дека на овој начин се отвара вратата за македонските фирми да се зголеми извозот во ростовскиот регион.

 

Русија е интересен нов пазар за македонските компании, истакна Ставрески додавајќи дека во наредните денови владината делегација, во чиј состав се и министерот за странски инвестиции Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо, ќе ги посетат и реоните на Краснодар и Сочи. 

 

Министерот за странски инвестиции Бил Павлески пред присутните имаше презентација од областа на земјоделството, туризмот и градежништво, додека директорот Мизо за енергетиката, минералните суровини и условите што се нудат за инвеститорите во технолошко-индустриските зони.

 

Бизнисмените од ростовскиот регион беа запознати со проектите за ски центри,  Вардарска долина и Сончев град.

 

Ростовската област која се наоѓа во југозападниот дел на Русија брои 4,3 милини жители. Таа спаѓа меѓу поразвиените и побогати руски федерални единици, со поголем број развиени стопански гранки, меѓу кои тешката индустрија, металургијата, автомобилската индустрија, воено-техничка индустрија, енергетика, земјоделство, има развиена патна и железничка инфраструктура, воден транспорт,… Таа е со голем научно-образовен, техничко-технолошки, трудов и финансиски потенцијал.

 

Областа е богата со минерални суровини и руди, особено камен јаглен, како и со гас чии резерви се проценуваат на околу 56,2 милијарди кубни метри. Околни области, исто така, се одликуваат со високо развиена индустрија, рударство и енергетика. Во рамки на индустријата најголем удел зафаќаат тешки видови индустрија, како што е машинската, металургијата, автомобилската и воената, кои опфаќаат над 90 отсто од вкупниот обем на производство. Развиени се и други индустрии како хемиската, текстилната, преработувачката, прехранбената, енергетиката и земјоделскиот сектор.

 

Република Македонија и Руската Федерација остваруваат интензивна економска соработка. Доминантен облик на соработката е трговската размена, која минатата година изнесува над 700 милиони американски долари и бележи зголемување од 30-тина проценти во однос на претходната година. За одбележување е што извозот од Македонија во Русија бележи рекордно зголемување од 140 проценти, а увозот од Русија во Македонија околу 28,7 отсто. Најмногу сме извезувале лекови за малопродажба, овошје и зеленчук, феросилициум, делови и прибор за каросерии, производи од камен или други минерални материи и други машини уреди и опрема и други делови и прибор за моторни возила. Во Русија се врши и извоз на вино.

 

Македонија од Русија најмногу увезува нафта и масла добиени од битуменозни минерали, природен гас во гасовита состојба, плоснато валани производи од железо или нелегиран челик, други производи од железо од руда, друг камен јаглен, неагломериран, пропан течен. Од почетокот на годината вкупната трговска размена е близу 130 милиони долари.

 

Со цел развивање и унапредување на вкупните трговски односи меѓу двете држави, на 28 мај 1993 година, во Скопје е потпишана Спогодбата за трговија и економска соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација.

 

Инвестиции од Русија во Македонија минатата година се 5,19 милиони евра. Со оглед на економскиот и инвестициски потенцијал на оваа држава обемот на странски директни инвестиции се смета дека е многу мал. Во 2010 година интересот на инвеститорите од Руската Федерација е зголемен особено во енергетскиот сектор и се очекува отпочнување на нов инвестициски циклус од оваа земја. Во 2011 година во ТИРЗ –Скопје 1, рускиот фармацевтски холдинг „Протект Груп“ ја почна градбата на фабриката „Продис ДОО“, која ќе се одвива во две фази до 2015 година и ќе има 130 нови вработувања. Фабриката ќе производува хомеопатски производи, чаеви, минерали, органски и неоргански житарки. Компанија која веќе е присутна и работи во Македонија е руски „Лукоил“, руски капитал има и во Бучим и Саса.

Comments are closed.