Скопје, 12 април (МИА) – Министерот за финансии Трајко Славески смета дека моменталниот помал прилив на средства од даноци во Управата за јавни приходи не предизвикува проблеми во Буџетот на Република Македонија.
– Државата ги извршува своите законски одредби, се исплаќаат плати и се вршат трансфери на пензии, а фондовите функционираат. Можеме при финансирањето на некој од тековните проекти да одиме со реализацијата онака како што пристигнуваат расположливи средства, рече Славески, одговарајќи на новинарско прашање при промоцијата на 27-те нови книги преведени во рамки на Владината програма за преведување на 500 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети во ЕУ и САД што се одржа на Економскиот факултет во Скопје.
Прашан за коментар за зголемувањето на каматните стапки на банките, министерот за финансии рече дека се уште не ги знае сите детали за да коментира, но нагласи дека порастот на каматните стапки не е добар сигнал.
– Порастот на каматните стапки не е добар сигнал за економијата, а Владата за нивно намалување може да придонесе со престојниот ребаланс на Буџетот, односно да не врши значителен притисок за позајмување средства за финансирање на буџетскиот дефицит на домашниот пазар, рече Славески.
Тоа, како што истакна, може да се ублажи или избегне со обезбедување средства за таа намена од странство.
– Каматните стапки кај банките може да се однесуваат на 10 до 15 различни категории. Јадрото на каматните стапки што се однесуваат на финасирање на бизнисот мислам дека нема некава промена, а тоа е најбитно во сегашната состојба, истакна Славески, нагласувајќи дека банките ги стегаат условите за задолжување на граѓаните и за пречекорување на минусните салда кај кредитните картички.
Тоа, според него, можеби е оправдано во овие околности, бидејќи, како што вели, и граѓаните чуствуваат дека треба да ги консолидираат домашните буџети и да ги приспособат кон заработувачките во време на финансиска криза.сс/вј/17:10